Македонија
Издадена наредба за приведување на Мухамед Зеќири
И покрај сомневањата на обвинителката дека осомничениот Мухамед Зеќири кој даде оставка од Владата може да се даде во бегство, да влијае на сведоци и да го повтори делото, кривичниот суд утрово издал наредба за приведување и спроведување пред судија на претходна постапка.
Според информациите, обвинителката предлог за определување притвор доставила уште вчера попладнето. Истото го потврдуваат и од Обвинителството. Но, судот наредбата ја издал утринава.
„По добивање на предлогот, во законски предвидениот рок судија на претходна постапка, согласно одредбите од ЗКП издаде наредба до надлежната ПС за спровод на осомничениот и тоа на единствената адреса посочена во предлогот. Откако осомничениот ќе биде изведен пред судијата и ќе се произнесе во однос на предлогот на Јавниот обвинител ќе биде изготвено решение за кое странките и јавноста ќе бидат благовремено известени“, велат од кривичен суд.
Од Обвинителството посочуваат дека предлогот за притвор го испратиле вчера.
„Во текот на вчерашниот ден беше комплетирана документацијата и јавниот обвинител во попладневните часови донесе наредба за спроведување истражна постапка против три лица. Наредбата, заедно со предлозите за определување на мерката притвор веднаш беа доставени до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд – Скопје согласно надлежностите на понатамошно постапување“, велат од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Според Законот за кривична постапка, доколку е доставена покана до Зеќири, а тој не се појави во судот, се издава наредба за приведување.
Новинарски екипи со часови чекаат да се појави Зеќири во кривичниот суд.
Утринава тој изјави дека не знае дека за него се бара притвор. Во меѓувреме, Зеќири преку социјалните мрежи поднесе оставка до премиерот Димитар Ковачевски од функцијата генерален секретар на Влада.
Јавен обвинител донесе наредба за истрага во која осомничени се Мухамед Зеќири и две други лица. Зеќири се гони бидејќи во периодот од месец април 2021 година до месец јануари 2022 година, со искористување на својата службена положба без спроведување на соодветна постапка за јавна набавка, склучил договор за консултантски услуги со правно лице во што со умисла му помогнале осомничените хрватски државјани.
„Со преземените дејствија осомничените за правното лице прибавиле значителна противправна имотна корист во вкупна вредност од 57.932.100 денари, а на штета на буџетот на Р Северна Македонија. Износ што бил поголем од 795.000 евра, односно од договорениот износ за вршење на консултантските услуги“, пишува во соопштението на ОЈО за гонење организиран криминал и корупција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ѓорѓиевски и раководството на Централната кооперативна банка садеа дрвца во паркот во 11 Октомври – араки
Во заедничка акција со раководството на Централната кооперативна банка, денес, градоначалникот Орце Ѓорѓиевски садеше дрвца во паркот во 11 Октомври – бараки. Истовремено беше поставена и нова урбана опрема обезбедувајќи удобна и пријатна средина за сите граѓани, кои тука може да се одморат и да се рекреираат.
„Денес, заедно со раководството на Централната кооперативна банка сме во новоизградениот парк во населбата 11 Октомври – бараки, каде што садиме дрвца и поставуваме нови клупи. Дополнувањето на зеленилото и содржините во оваа нова локација за одмор и рекреација придонесуваат кон зголемување на естетскиот и еколошкиот аспект, но и кон креирање удобно место за одмор на нашите граѓани, кои, се надевам, често ќе го посетуваат во своето слободно време. Нашата јасна визија и ангажман за зголемување на зелените површини и урбаната опрема во општина Кисела Вода е евидентна преку изградбата на 15-ина паркови и спортско-рекреативни центри во овие 2,5 години и ова е нешто што ќе продолжи да се случува со зголемена динамика на работа. Сакам да ѝ се заблагодарам на Централната кооперативна банка за нивниот придонес кон унапредувањето на квалитетот на живот на нашите жители. Се надевам дека оваа соработка, како чин на општествена одговорност, ќе биде инспирација и за другите деловни субјекти и дека ваквиот начин на вложување во развојот на општината во иднина ќе стане стандард за соработка помеѓу јавниот и приватниот сектор“, истакна градоначалникот Ѓорѓиевски.
Македонија
„Европскиот фронт“: Ниту една влада не може да го раскине договорот со конзорциумот „Бехтел и Енка“
„Европскиот фронт“ смета дека е неприфатлив и невозможен чин раскинувањето на договорот со „Бехтел и Енка“.
„Ниедна влада не може да го раскине договорот со конзорциумот ‘Бехтел и Енка’“, велат од „Европскиот фронт“, предводен од ДУИ.
Оценуваат дека ваквиот став е обид да се минимизира големата работа и, како што велат, најголемиот проект во историјата на државата што досега прогресивната и проевропска Влада го реализира.
Договорот со „Бехтел и Енка“, како што се додава, е потпишан според сите законски одредби, коректен е од секој аспект и никој не може да ги оцрни неговата содржинска исправност и бенефитот што неговата реализација ѝ го носи на државата.
„Јавно прашуваме дали е ист ставот против Коридорот 8 и на албанската опозиција ‘Вреди’, губитниците на парламентарните и претседателските избори?! Досега во овие неколку дена нѐ нарекоа македонски Албанци, рекоа дека нема уставни измени, дека нема европска перспектива, дека Охридскиот договор ќе биде суспендиран и дека опозицијата што ги изгуби изборите нема ниеден услов за формирање на идната влада. Дали и лидерите на албанската опозиција ги делат овие ставови?“, велат од „Европскиот фронт“.
Првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вчера најави дека ќе го репреговара договорот со „Бехтел и Енка“.
За договорот со „Бехтел и Енка“ има две опции – или да се раскине или да се репреговара. Едната е договорот да се раскине и да се оди на арбитража, да платиме стотици милиони евра и да немаме автопат, а втората е договорот да се оптимизира за што веќе имаме почетни разговори, со што би се забрзал и реализирал проектот, изјави Мицкоски.
Додаде дека ВМРО-ДПМНЕ се повеќе за прагматичниот пристап, граѓаните да добијат автопат, но оптимиран.
„Ваков каков што е, потпишан од оваа Влада, за жал, е во одредена мерка неприменлив поради големите правни проблеми, проблеми со експропријација и технички проблеми. Како идна влада сакаме да градиме, а не да рушиме“, рече Мицкоски.
Во март минатата година потпишан беше договорот за изградба на коридорите 9 и 10 д, кои ќе ги гради конзорциумот „Бехтел и Енка“.
Станува збор за проект вреден 1,3 милијарда евра, а опфаќа изградба на вкупно 110 километри автопат, во рок од шест години.
Коридорот 8 предвидено е да се протега на должина од 68 километри со автопат со 6 ленти, кој ќе ги поврзува Тетово со Гостивар, Кичево, Струга до Ќафасан, а Коридорот 10 д, автопат со 6 ленти во должина од 40 километри, ќе го поврзе Прилеп со Битола.
Владата го нарече проектот историски и најави дека ќе се финализира во период од 6 години од почетокот на работите.
Македонија
Викедов преку ден топло, а попладне нестабилно со дождови и град
Во следните денови времето ќе биде значително потопло, но во попладневните часови наместа нестабилно со пороен дожд и грмежи, јавува УХМР.
Од Управата прогнозираат дека локално ќе има услови процесите да бидат поинтензивни во форма на краткотрајно невреме, со силен ветер, интензивен пороен дожд и изолирана појава на град.
Во Скопје во следните дена сончево и топло, во попладневните часови во делови од котлината нестабилно со пороен дожд и грмежи и со услови за краткотрајно невреме.
УХМР препорачува поголема внимателност во случај на појава на електрични празнења, да не се престојува на отворен простор и под осамени дрвја.