Македонија
Илија Димовски бара одлагање на „Талир“, две поротнички имале по 60 години
Обвинетиот Илија Димивски во предметот „Талир“ на почетокот на судењето рече дека две од поротничките навршувале 60 години старост и дека тоа е основа за престанок на функцијата, со што судењето би почнало од почеток.
„Со достојно извинување на двата члена од судечкиот совет, во Законот за судовите, во членот 80, еден од основите за престанок на функцијата судија поротник е навршување 60 години старост. Во овој совет двајца од судиите поротници го исполнуваат овој услов“, рече Димовски и побара одлагање на рочиштето за да се надмине, како што рече, оваа ситуација. Тој рече дека неговите адвокати формално ќе го информираат претседателот на судот, Иван Џолев, а барањето било во насока на економичност на судската постапка.
„Џолев е надлежен да постапи и да го извести Судскиот совет по службена должност“, рече Димовски и дополни дека ова би била повреда на постапката од апсолутен карактер.
Судијата Осман Шабани рече дека овие околности не се во доменот на надлежност на овој судечки совет и за тоа сметка треба да го води Судскиот совет, па расправата продолжи.
Обвинението за незаконско финансирање на ВМРО-ДПМНЕ ги опфаќа екслидерот на партијата Никола Груевски, и самата партија, како и Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Илија Димовски и Леко Ристоски. Обвинетата Елизабета Чингаровска призна вина и доби условна казна затвор.
Груевски е обвинет дека во периодот од 2009 до 2015 година обезбедил пари за партијата од анонимни и незаконски извори. Нему, според СЈО, му помогнале Кирил Божиновски и поранешниот министер Миле Јанакиески, кои вршеле притисок врз фирмите што добивале тендери за да обезбедат готовина за потребите на ВМРО-ДПМНЕ. На ваков начин партијата добила најмалку 4,6 милиони евра.
Обвинителството тврди дека Илија Димовски, Миле Јанакиески, Леко Ристоски и Елизабета Чингаровска како потписници на партиските сметки ги пуштиле овие пари во оптек иако знаеле дека се стекнати нелегално. Првото рочиште за предметот се одржа на 18 февруари, а главната расправа речиси 10 месеци не може да почне.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре сончево време, утрински температури до -10 степени
Времето утре ќе биде сончево и студено со мала до умерена локална облачност. Ќе дува засилен до силен северен ветер и наместа ќе има услови за провејување на снег. Минималната температура ќе биде во интервал од -10 до -4, а максималната ќе достигне од -3 до 6 степени, информира УХМР.
Во Скопје, претежно сончево и студено со умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -6, а максималната ќе достигне до 3 степени.
Во четврток и во петок ќе се задржи студено време со минимални температури кои насекаде ќе бидат негативни, а локално ќе се спуштат и под минус 10 степени.
Од петок и во деновите потоа ќе преовладува променливо облачно време со повремени локални врнежи, претежно од дожд. Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен правец, а температурите ќе биде во пораст.
Македонија
УЈП најави привремен прекин на електронските услуги од 16 часот
Управата за јавни приходи ја известува јавноста дека денеска, 30.12.2025 година, со почеток од 16:00 часот, ќе има привремен прекин во функционирањето на електронските услуги кои Управата (УЈП) ги нуди кон даночните обврзници.
Се очекува прекинот да трае до доцните попладневни часови, по што услугите повторно ќе бидат достапни.
Управата за јавни приходи ги замолува даночните обврзници за разбирање.
Македонија
Владата го усвои предлог Законот за јавно обвинителство
Владата на денешната редовна 140 седница го усвои Законот за јавно обвинителство, како еден од клучните чекори во спроведувањето на реформската агенда од Областа 5 – Фундаментални вредности, со посебен фокус на владеењето на правото.
„Донесувањето на овој закон претставува значаен исчекор во зајакнувањето на независноста, ефикасноста и отчетноста на јавното обвинителство, како столб на правниот систем и гарант за заштита на јавниот интерес. Законот е резултат на сеопфатен процес на анализа, консултации и усогласување со европските стандарди и најдобрите меѓународни практики“, се наведува во соопштението од Владата.
Од таму појаснуваат дека со новото законско решение се воведуваат измени во постапката за избор на Јавен обвинител на Република Северна Македонија, со јасно дефинирани критериуми и механизми кои обезбедуваат транспарентен, инклузивен и мерит-системски пристап при изборот на најквалитетните кандидати. Во законот се вградени релевантните препораки, со цел процесот да биде ослободен од политички влијанија и заснован исклучиво на стручност, интегритет и професионален кредибилитет.
Дополнително, законот предвидува прецизни и обврзувачки рокови за постапките за избор, унапредување и се воведува принцип на категоризација на дисциплинска одговорност на јавните обвинители, што придонесува за поголема правна сигурност, предвидливост и функционалност на системот, а воедно и поголема одговорност на самите јавни обвинители. На овој начин се зајакнува довербата на граѓаните во институциите и се воспоставува појасна одговорност во работењето на обвинителството.
„Владата останува цврсто посветена на реформите во правосудството како приоритет од највисок јавен интерес и како неопходен предуслов за напредокот на државата на европскиот пат. Усвојувањето на Законот за јавно обвинителство е конкретен доказ за определбата да се градат силни, независни и професионални институции, во служба на граѓаните и владеењето на правото“, се наведува во соопштението.

