Македонија
Именувањето на Петар Богојески е скандалозно и неприфатливо, вели Костова
Скандалозно и неприфатливо е именувањето на Петар Богојески за директор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, тој има детално документирана историја на навредливо и дискриминаторско однесување и говор на омраза на јавни платформи, наведува потпретседателката на СДСМ, Кристина Костова.
-Неговите коментари се деградирачки, сексистички, дискриминаторски, албанофобни, расистички изрази, што е целосно неприфатливо за носител на каква било функција.
Однесувањето на Богојески е во целосна спротивставеност со вредностите на почит, еднаквост и инклузивност, кои се основа на европските образовни програми што ги претставува Агенцијата на чие чело е поставен.
Богојески е целосно недоветен и несоодветен за да ја обавува новата функција, уште помалку за да служи како пример за студентите.
Именувањето на ваква контроверзна личност испраќа загрижувачка, но јасна порака за приоритетите на Владата предводена од Мицкоски и ДПМНЕ.
Со поставување личност со богата историја на дискриминација, говор на омраза и поделби на чело на Агенција посветена на унапредување на единството и напредокот, Мицкоски и ДПМНЕ го поткопуваат значењето на оваа институција и го загрозуваат секој обид за реално подобрување на состојбите во образованието.
Ова именување во целост го отсликува целосното игнорирање на основните европски вредности од страна на Владата. Такво непочитување на основни етички стандарди е неприфатливо за лидери во образованието и јавната служба“, наведува Костова.
Како што додава, за скандалозната одлука за ова именување, СДСМ писмено ќе ги информира и претставниците на Генералниот Директорат за образование и култура при Европската Комисија, додава потпретседателката Костова.
Според неа, директор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност треба да биде лице кое ги отелотворува принципите на почит, инклузивност и напредок, а не партиски подобен галамџија, кој сиот свој јавен профил го градел на антиевропски и сентименти на омраза и дискриминација.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Граделе во заштитена зона на Шара – кривична за двајца мажи
Двајца мажи се соочуваат со кривична пријава откако, според полицијата, нелегално граделе во зона на Националниот парк „Шар Планина“.
Станува збор за Ф.Ш. (65) од Тетово и И.А. (45) од селото Бродец, кои во текот на 2025 година, во атарот на селото Гајре, изградиле шест бетонски столбови без да обезбедат дозвола за градба од Општина Тетово.
Кривичната е поднесена кривична пријава за „бесправно градење“.
Македонија
Кривична пријава за директор на студентски дом поради несовесно работење
Полицијата поднесе кривична пријава против Н.Ј. (57) од селото Таринци, општина Карбинци, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“.
Според пријавата, на 29 и 31 мај 2024 година, Н.Ј., во својство на директор на Државен студентски дом „Браќа Миладиновци” во Штип, постапил спротивно на член 40 од Законот за јавни набавки.
Тој извршил плаќање на фактури во вкупен износ од 84.320 денари за сместување, односно ноќевање за себе и за ученици од студентскиот дом во два хотели во Охрид, без да спроведе соодветна постапка за јавна набавка, соопшти полицијата.
Македонија
Кривична за поранешен градоначалник на Чашка поради сомнеж за злоупотреба
Полицијата поднесе кривична пријава против Г.С. (47) од Велес, поранешен градоначалник на Општина Чашка, и против М.А., раководител на финансиското одделение во истата општина, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување.
Според пријавата, Г.С. во текот на 2021 и 2022 година, во повеќе наврати, свесно и со умисла ја ангажирал второпријавената да извршува работни задачи подолго од нејзиното работно време, иако таа била вработена со скратено работно време, што е спротивно на Законот за работни односи, кој забранува прекувремена работа за лица со скратено работно време.
Од СВР Велес информираат дека М.А., и покрај известувањето од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија и донесеното решение за четиричасовно работно време поради здравствени причини, прифатила да биде дополнително ангажирана.
За извршените активности ѝ биле исплатени 50.109 денари, со што, според пријавата, е нанесена штета на буџетот на Општина Чашка.

