Македонија
Од иницијативата за конгресот: 17. вонреден конгрес на партијата ќе биде конгрес на обединување и нов почеток
Членовите на иницијативата за вонреден втор конгрес на ВМРО-ДПМНЕ велат дека 17. вонреден конгрес на партијата ќе биде конгрес на обединување и нов почеток. 17. вонреден конгрес на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде конгрес на соочување со грешките и пропустите и нивно надминување. 17. вонреден конгрес на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде конгрес на кој ќе донесе нова енергија и верба дека партијата знае и умее да победува.
„Нездрава политичка атмосфера е кога сопартијците што го избрале за прв човек, претседателот ги нарекува слуги, а ликови како Сафет Бишевац, кои го навредуваа членството на ВМРО-ДПМНЕ дека немало мозок, ги поставува на кандидатски листи за пратеници.
Нездрава политичка атмосфера е кога сопартијците што го избрале за прв човек, претседателот ги навредува дека некој им бил стопан, а од друга страна, за кандидат за претседател на држава предлага кадри што биле министри во владите на СДСМ.
Нездрава политичка атмосфера е кога сопартијците што го избрале за прв човек, претседателот ги нарекува криминалци, а ликови како Воислав Зафировски, кои немаат ниту В од ВМРО, ги фаворизира во партиските структури иако тие барале максимални казни за осудените од 27 април.
Нездрава политичка атмосфера е кога на сопартијците што го избрале за прв човек, претседателот им се заканува и ги колне, а од друга страна, бара поддршка од анти НАТО-структури, како Јанко Бачев и Солза Грчева.
Нездравата политичка атмосфера овие три години резултира со губење 150.000 гласа и неколку изборни порази во континуитет. Слаба ВМРО-ДПМНЕ, значи и слаба Македонија.
Затоа, сè уште актуелниот претседател Христијан Мицкоски не смее да калкулира. Треба да дојде и да се појави пред делегатите во Скопје, да даде отчет за сработеното и да ја побара нивната поддршка доколку смета дека ја заслужил. Личните интереси не смее да бидат пред државните и партиските. 17. вонреден конгрес во Скопје на 28 март им е неопходен и на ВМРО-ДПМНЕ и на Македонија“, се наведува во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Меѓународен ден за стоп на насилството врз сексуалните работници: „Под црвениот чадор се бориме за еднаквост, достоинство и заштита“
Оваа година, сексуалните работници здружени во СТАР-Првиот колектив на сексуални работници на Балканот спроведуваат симболична онлајн кампања по повод одбележувањето на 17-ти декември – Меѓународниот ден за стоп на насилството врз сексуалните работници.
„Овогодинешната онлајн кампања ‘Под црвениот чадор се бориме за еднаквост, достоинство и заштита’ ја посветуваме на симболот што веќе 18 години нè обединува и заштитува – црвениот чадор. Преку него ја раскажуваме нашата приказна, го покажуваме нашето присуство и ја истакнуваме нашата борба за почитување на основните човекови права.
Во фокусот на кампањата е моќно видео во кое три сексуални работнички ги споделуваат своите лични приказни, за стравовите што ги носат, за насилството со кое се соочуваат, и за потребите што ги имаат“, велат од Здружението.
„Сексуалните работници, особено жените и трансродовите лица, се мета на различни форми на родово базирано насилство во јавен, приватен простор и/или онлајн. Насилството врз нас е често неказнето, невидливо и институционално игнорирано. Присутно е од страна на клиенти, партнери, полицијата, па дури и во здравствените и социјалните служби“, се додава во соопштението.
Македонија
Јаневска се обрати на свечена академија по повод 105 години од основањето на Филозофскиот факултет во Скопје
105 години Филозофски факултет значат повеќе од еден век умствен и духовен раст, традиција, научна извонредност и општествено созревање. Тоа е наследство што мора да го чуваме и да го негуваме. Верувам дека оваа институција и понатаму ќе биде водилка на општествената и на хуманистичката мисла, бранител на критичноста и чувар на академската слобода, рече министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска на свечената академија со која високообразовната установа го одбележа големиот јубилеј.
„Факултетот не придонесува во развојот на државата само преку образованието и науката, туку и преку својата силна стратешка улога во креирањето на националните политики. Тука се раѓале концепти и научни согледувања што го обликувале образовниот систем, културните политики, социјалните институции и многу од современите професионални практики во државата. И во овој период, Филозофскиот факултет е активно вклучен во изработката на клучни национални стратегии“, рече Јаневска изразувајќи благодарност до сите поранешни и активни професори, истражувачи и вработени на факултетот за нивната посветеност, научен придонес и визија за општеството.

Министерката потенцираше дека иако по однос на неколку теми за време на нејзиниот мандат, ставовите на МОН и факултетот се разликувале, токму таквите јавни дискусии доведуваат до креирање на најдобрите решенија за обезбедување на поквалитетно национално образование. Очекува, како што рече, Филозофскиот факултет да остане меѓу најсилните партнери на државата кои отвораат пат кон нови образовни подвизи.
Јаневска изрази уверување дека буџетот за образование ќе продолжи да се зголемува, а со тоа ќе се зголемува и поддршката за развој на високото образование и науката.
„Држава која вложува во високото образование вложува во сопствената иднина – ја јакне својата конкурентност, го унапредува демократскиот капацитет и го поттикнува општествениот развој. Продолжуваме да креираме политики што обезбедуваат автономија, дигитализирани процеси, подобра научна инфраструктура и поддршка за младите истражувачи“, рече министерката.

Освен Јаневска, на свечената академија се обратија и ректорката на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, проф. д-р Биљана Ангелова и деканот на Филозофскиот факултет, проф. д-р Оливер Бакрески кои се согласија дека академскиот простор мора да остане место каде знаењето се претвора во визија, а визијата во општествена вредност.
Македонија
Делови од Илинден, Аеродром, Чучер Сандево и Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.30 до 15.00 часот, корисниците од ул. 27 во село Белимбегово, општина Илинден;
– во периодот од 09.00 до 13.00 часот, корисниците од бул. Видое Смилевски Бато бр. 8А, општина Аеродром;
– во периодот од 09.00 до 15.00 часот, корисниците кои се напојуваат од изводот кој започнува од Рибилимус и продолжува во правец на Горно и Долно Оризари, општина Чучер Сандево;
– во периодот од 11.00 до 15.00 часот, корисниците од село Бардовци лоцирани кај Машинац зградите, општина Карпош.

