Македонија
Инспекторатот за животна средина: Набргу ќе се чисти малата депонија во ОХИС
Државниот инспекторат за животна средина продолжува со увидот во индустриските зони, каде што работат по десетици инсталации, за кои е неопходна строга и континуирана контрола.
На 23 декември се изврши вонреден инспекциски надзор во кругот на АД ОХИС Скопје.
„При надзорот ‘Екоцентар’ вршеше препакување на хемикалиите од историското загадување, нивно припремање за извоз и финално отстранување во странство. Оваа компанија неодамна го отстрани мономер винилхлоридот, што е веќе уништен во Франција. Активностите се реализираат во согласност со планот за празнење и преточување опасни хемикалии, а со примена на мерки за заштита на работниците. Ќе се вршат дополнителни надзори за следење на емисиите при преточувањето.
При надзорот на работата на ‘Езотех’, кој работи на собирање и транспорт на опасен отпад, се утврди дека на локацијата чува опасен индустриски отпад преземен од правни лица во технолошките развојни зони. Отпадот што е складиран веќе неколку месеци може на локацијата да се чува до три години, односно ‘Езотех’ ќе мора да најде начин за негова преработка или третман во земјата или странство.
Компанијата ‘Галванотехна’ врши површинска обработка на метални производи и во моментот се подготвува за почеток на работа. Од технолошкиот процес се очекуваат отпадни води што ќе мора да се пречистуваат. Надлежен инспектор ќе изврши надзор по пуштањето во работа.
Како што е познато, најзначаен извор на загадувањето на воздухот од оваа индустриска зона се депониите на линдан. Чистењето на малата депонија се очекува да почне набргу по доцнење од неколку месеци. Инспекторатот ќе врши редовен надзор над спроведувањето на чистењето“, се наведува во извештајот на ДИЖС.
Државниот инспекторат за животна средина соопшти дека ќе продолжи да врши сеопфатен надзор над работата на инсталациите во кругот на ОХИС, а особено над постапувањето со опасен отпад анализирајќи ги договорите на компаниите што имаат дозвола за транспорт и складирање. Како што се додава, ќе се анализираат и транспортните формулари за да се следи од каде се собира опасниот отпад, кој го транспортира и каде се отстранува. Овие анализи може да откријат потенцијални нерегуларности, што ќе бидат предмет на идни надзори“, појаснуваат од Инспекторатот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре сончево со мала локална облачност, во наредните денови температурите во пораст
Сончево со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 4, а максималната ќе достигне од 12 до 16 степени.
Во Скопје, сончево со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и суво време, а дневната температура ќе биде во пораст. До средината на следната седмица ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец, а по одредени котлини ќе има појава на магла.
Македонија
Зелени коридори на сите премини и размена на искуства и податоци: Скопје и Атина со заеднички план за побрза трговија
Блиската соработка на Царинските управи на Македонија и Република Грција носи видливи придобивки за економиите на двете земји, при што двете страни се длабоко посветени кон унапредување на безбедноста и забрзување на протокот на стока преку засилена соработка, размена на искуства и споделување податоци.
Проширување на примената на зелените коридори на сите граничните премини, споделување на најдобрите практики и искуства на државната хемиска лабораторија на Грција, како и унапредување на соработката помеѓу службите за контрола и истраги, се дел од иницијативите што ќе бидат опфатени во заедничкиот Акциски план на коишто двете страни започнуваат да работат веднаш. Ова се дел од заклучоците на денешната билатерална средба на делегации од двете царински управи предводени од директорите Бобан Николовски и Димитриос Бурикос, на која активно учествуваше и директорката на Националната лабораторија на Грција, Софија Зиси.
„Овој состанок го гледам како можност за утврдување на конструктивни заеднички активности во областа на ефикасни контроли и практични мерки за олеснување на трговијата на границата, имајќи ги предвид напорите и активностите кои Царинската управа на Република Северна Македонија ги спроведува на патот на интеграцијата кон Европската Унија“, истакна Бурикос.
Директорот Бурикос во своето обраќање особено се осврна на реформата на Царинската унија на ЕУ, која значително ќе влијае на идната соработка. Во оваа насока, тој се осврна на трите главни области кои се акцентирани со реформата – централизација на царинските податоци преку заеднички Царински податочен центар на ЕУ, целосна дигитализација, како и поедноставување на постапките преку унапредување на програмата за Овластен економски оператор како клучна за олеснување на трговијата и зајакнување на безбедноста во синџирот на снабдување преку партнерство со приватниот сектор.
Директорот Николовски нагласи дека Царинската управа е цврсто посветена кон спроведување на реформската агенда за побрза интеграција во единствениот пазар на ЕУ, при што размената на искуства со Грција, како земја членка е од големо значење за понатамошно усогласување со европските системи и практики.
„Преку соработката со грчката Царинска управа јасно потврдуваме дека нема отстапувања од нашата цел, изградба на модерна царинска служба што работи по највисоки стандарди. Во фокусот на нашата соработка во периодот што следи се модернизација на царинската лабораторија, унапредување на контролите базирани на анализа на ризик, зајакнување на истражните механизми и олеснување на трговијата преку проширување на зелените ленти и размена на податоци во реално време. Нашата блиска соработка е основа и за унапредување на условите за водење бизнис, како клучно за зголемена трговска размена помеѓу двете држави“, вели директорот Николовски.
Македонија
Таравари поднесе тужба за клевета против Изет Меџити
Претседателот на поделената Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, преку својот адвокат, Aбидин Абдули, вчера поднесе тужба за клевета во Основниот суд Скопје 2 против градоначалникот на Чаир, Изет Меџити.
Тужбата доаѓа по изјавите дадени од Меџити во телевизиска емисија на „Лајм“, каде што тој тврдел дека Таравари за време на својот мандат како министер, издал седум лиценци за фабрики за преработка на канабис.
Според соопштението, пред поднесувањето на тужбата бил даден и законски рок за јавно извинување, кој Меџити не го искористил.
Таравари категорично ги демантираше овие обвинувања, оценувајќи ги како невистинити и клеветнички. Тој претходно најави дека ќе преземе правни чекори доколку не биде упатено јавно извинување за дадените изјави.
Со поднесувањето на тужбата во Основниот суд Скопје 2, случајот сега се очекува да добие институционален тек.

