Македонија
Институтот на сметководители: Никому немаме одземено право на работа, обвинувањата од поединци се неосновани
Институтот на сметководители и овластени сметководители (ИСОС) досега нема одземено право на работа на ниту едно сметководствено биро во земјава, освен оние што веќе не постојат, односно се избришани како деловни субјекти во Централниот регистар на РСМ, велат од оваа институција, по последните информации дека група од 650 професионални сметководители со одземено право на работа три месеци чекаат одговор од Министерството за финансии по поднесената претставка и се спречени да работат во период кога се изготвуваат завршните сметки.
Според нив, обвинувањата од групата која се нарекува „професионални сметководители со одземено право на работа“, која во суштина е составена од неколку поединци, се паушални и крајно неосновани.
„Ваквиот заклучок произлегува од следните факти и аргументи: (1) Уставниот суд, расправајќи по иницијативата за оценување на законитоста на членот 31 од Законот за вршење сметководствени работи, неодамна утврди дека оспорениот член од споменатиот Закон е во согласност со Уставот и позитивните законски прописи. Во своето Решение за отфрлање на иницијативата, Уставниот суд меѓу другото наведува: „Поради природата, сложеноста и спецификата на работата, која бара целосна посветеност за успешно реализирање на работните обврски како и веродостојност и заштита на податоците при потпишувањето на завршната сметка и даночните пријави, потребно е вработениот сметководител/овластениот сметководител да сноси поголема одговорност која произлегува од финансиското известување. Имајќи го предвид наведеното, оспорениот дел е во функција на поголема правна заштита на субјектите на ниво на вршењето на сметководствени работи и не е спротивен на Законот за работни односи“. Од ваквиот заклучок на Уставниот суд е јасно дека Законот за вршење сметководствени работи, а во тие рамки и Правилникот за начинот и постапката за добивање на уверение за сметководител и овластен сметководител, како негов интегрален подзаконски акт, не можат да бидат „на штета на сите книговодствени бироа“, како што неосновано тврдат одредени наши колеги, туку сосема спротивно, односно дека сѐ во функција на заштита на субјектите кои вршат сметководствени работи.
(2) ИСОС отсекогаш бил и ќе остане отворен за конструктивна дискусија за сите прашања и потреби на своите членови. Токму во таа насока, во периодот од 21.11.2023 до 28.11.2023 година, ИСОС организираше серија отворени средби низ сите свои подружници ширум земјата, каде сите членови имаа можност да постават прашање и да се отвори дискусија за сите актуелни прашања, вклучително и за дилемите поврзани со регулативата и работењето на Институтот. Оттаму не можеме да се сложиме со наводите за некакво си „немање слух“ за барањата на нашите членови, но истовремено нагласуваме дека не можеме постојано да водиме непродуктивни дискусии кои се темелат на крајно неосновани тврдења кои се отфрлени од страна на надлежните државни институции и од мнозинство од членовите на Собранието на ИСОС.
(3) Токму наводите за некакво си „ретроактивно плаќање на членарини и постојани давачки“ е флагрантен пример за неоснованите тврдења на овие поединци. Имено, редовното плаќање на членарина е обврска на сите сметководители и овластени сметководители, регулирана со Законот за вршење на сметководствени работи. Во членот 27 став 2, точка 5 од овој Закон, доказот за уплата на членарина е еден од основните документи што треба да ги приложи секој професионален сметководител за да може да биде запишан во соодветниот регистар. Исто така, согласно член 36, став 1, точка 3 од Законот за вршење на сметководствени работи, сметководителот, односно овластениот сметководител кој не ја платил членарината, се брише од соодветниот регистар на професионални сметководители и согласно на тоа губи правото за вршење на сметководствени работи. Раководството на ИСОС постојано упатува апели до сите членови да го
усогласат своето работење согласно сите законски барања и обврски, вклучително и редовното плаќање на законската членарина, со цел ниту еден професионален сметководител во земјава да не го изгуби правото на вршење дејност.
(4) Најновиот и воедно неуверливиот демант на обвинувањата за некакви си пропусти во работењето на ИСОС и неговото раководство пристигна од страна Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) која, постапувајќи по пријава од познат подносител, на седницата одржана на 29.12.2023 година, донесе одлука да ја запре постапката, оценувајќи дека наводите за сомнежи за незаконитости и неправилности во работењето на ИСОС и неговото раководство се неосновани.
Овие изнесени факти и аргументи јасно потврдуваат дека ИСОС и неговото раководство работат согласно Законот за вршење сметководствени работи, Статутот и одлуките на органите и телата на Институтот“, се појаснува во официјалниот допис од Институтот на сметководители.
ИСОС оценува дека, наместо на непродуктивни и неосновани расправи, во следниот период целокупната енергија и внимание на професионалните сметководители во нашата земја треба да се насочи кон натамошно унапредување на сметководствената професија и спроведувањето на меѓународните сметководствени стандарди кои, благодарение на ИСОС, се преведени на македонски јазик и одобрени од Фондацијата за меѓународни стандарди за финансиско известување (IFRS), со што се отстрани и последната пречка за нивна имплементација во земјата.
Оценуваат дека покај евидентната придобивка за домашните компании и за државата, воведувањето и употребата на меѓународните сметководствени стандарди и правила значително ќе придонесе за натамошно унапредување на сметководствената професија во нашата земја и нејзино издигнување на исто рамниште со земјите во регионот, во ЕУ и глобално.
„Тоа ќе нѐ приближи кон полноправно членство во Меѓународната федерација на сметководители (IFAC), која ги застапува интересите на повеќе од три милиони професионални сметководители ширум светот и обезбедува пристап до најдобрите светски практики од оваа област и нивна примена во нашата земја“, се дополнува во информацијата од Институтот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) ДИК прифати приговор на коалицијата „Влен“
Државната изборна комисија денеска почна со разгледувањето на 27 приговори поднесени од политичките партии по одржувањето на парламентарните избори на 8 мај. Oд поднесените приговори од коалицијата „Влен“, досега, ДИК прифати еден, а еден отфрли.
До ДИК се поднесени 27 приговори, девет од коалицијата „Влен“, осум од ВМРО-ДПМНЕ, пет од СДСМ и четири од Левица.
Прифатениот приговор се однесува за гласањето на избирачкото место 2102 во Желино.
Како што пишува во приговорот, тој е поднесен бидејќи 110 гласачи кои го оствариле избирачкото право немале отпечаток од прст во фингер принт уредот, туку тие гласале само по матичниот број и скенирање на личната карта.
Вториот приговор поднесен од „Влен“ кој беше одбиен, се однесуваше на избирачкото место 1953 во Тетово – шестата изборна единица.
Македонија
Арсовска: Знаат да склучат договор за рентање луксузни коли за да се вози Талат, а не знаат да си ја искосат тревата во сопствениот двор
„ВД Премиерот Талат од Форино дал насоки за нов напад од некаков си секретар на Владата, кој подеднакво не знае што му е работата“, напиша градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска на социјалните мрежи.
„Знаат пред некој ден да склучат договор од 2,2 милиони евра за рентање луксузни коли за да се вози Талат, а не знаат да си ја искосат тревата во сопствениот двор.
Еве да ги потсетиме на договорот што го склучиле за одржување и косење на дворот во Влада и тоа за 330 илјади евра!“, додаде Арсовска.
Техничкиот премиер Талат Џафери, по отчетот за сработеното во првите 100 дена од Владата што ја предводи, даде објаснување за порасната трева околу Владата за што имаше многу реакции од граѓаните. Одговарајќи на новинарско прашање за тревата, Џафери објасни дека тоа е обврска на Град Скопје.
Скопје
После 30 години целосно е реконструирана улицата ,,Марко Орешковиќ” со краците
После 30 години целосно е реконструирана улицата „Марко Орешковиќ” со нејзините краци. Обновата на оваа сообраќајница која имаше видливи оштетувања беше големо барање од жителите од овој дел на општината кои се жалеа на лошите сообраќајни услови и за возилата и за пешаците и претставува целосно исполнување на ветувањето што им го даде градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, известува општина Кисела Вода.
„Обновата низ целата Кисела Вода која досега опфати преку 50 км улици и патишта не запира. Улицата „Марко Орешковиќ“ која сега е комплетно реконструирана, во минатото беше сообраќајница која имаше големи оштетувања кои го отежнуваа движењето и за пешаците и за возилата, но и покрај тоа, не била реконструирана над три децении. Зафатот се одвиваше на потегот од улицата „Мариовска“, опфаќајќи ја улицата „Марко Орешковиќ“ и нејзините краци.
Улицата добива и паркинг простор за уште поголемо олеснување на сообраќајот. Во овој дел од општината живеат околу 800 лица кои до поранешните раководства на Општината, цели три децении упатувале барања за реконструктивни активности, но за жал, досега не наишле на позитивен одговор. Тоа денес е минато. Она што од мене им беше ветено, денес е реализирано во целост! И овде не застануваме. Продолжуваме со градежните активности низ сите населби и населени места за да бидеме уште еден чекор до целта – до крајот на мојот мандат, а и многу порано од тоа, Кисела Вода да нема неасфалтирана улица! Мојот народ заслужува“, истакна градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.