Македонија
Интеграцијата на Ромите, главен фокус на средбата помеѓу Тренчевска и Сарацин

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска се сретна со германскиот специјален пратеник за Западен Балкан Мануел Сарацин и амбасадорката на Сојузна Република Германија во Република Северна Македонија, Петра Дрекслер. На средбата се разговараше за заложбите на Владата и Министерството за труд и социјална политика во насока на унапредување на квалитетот на живот на Ромите во државата.
Тренчевска го информираше Сарацин за досегашните достигнувања како што е донесувањето на новата Стратегија за инклузија на Ромите 2022 – 2030, Акцискиот план за жени Ромки и Оперативниот план за активни мерки и програми преку кој 5% од лицата кои ќе бидат вклучени во мерките задолжително треба да бидат од ромската заедница. Таа ја истакна и гаранцијата за млади, преку која младите Роми имаат олеснето вклучување на пазарот на трудот.
„Во регионот сме лидери во интеграцијата на Ромите во сите општествени сфери. Овозможивме пристап до предучилишно воспитание и образование во 22 општини и овозможуваме бесплатен пристап до услугите во градинките“ рече Тренчевска.
Ја истакна важноста на четвртиот по ред министерски состанок за интеграција на Ромите на која домаќин ќе биде Република Северна Македонија. Како што посочи, од министерскиот состанок кој ќе се одржи следната недела ќе бидат дадени препораки и заклучоци кои со сигурност ќе влијаат на целокупниот Берлински процес и на донесување на мерки и препораки кои ќе гарантираат продолжување на успешната интеграција на Ромите во општествата на Земјите на Западен Балкан
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сончево и топло со мала до умерена локална облачност, од утре многу топло време

Сончево и топло со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северoзападен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 10 до 19, а максималната ќе достигне од 29 до 37 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 17, а максималната ќе достигне до 37 степени.
Под влијание на топла воздушна маса од југ, од утре следува период на сончево и многу топло време со мала до умерена облачност. Особено топло време се очекува во текот на следната работна седмица, кога дневната температура насекаде ќе биде над 30°C, на повеќе места ќе надминува 35°C, а наместа ќе биде и над 40°C.
Македонија
Филипче: ВМРО-ДПМНЕ да каже дали имаат сериозен план за одблокирање на европските интеграции

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, во одговор на новинарско прашање, во врска со изјавата на премиерот Мицкоски за поднесување заедничка резолуција со Бугарија во Европскиот парламент за македонскиот јазик, посочи дека вакви сериозни прашања се дискутираат како предлог во Собранието, каде што учествуваат сите политички партии.
„Сметам дека е крајно несериозно такви сериозни предлози да се даваат од обични прес – конференции. Премногу е сериозно и важно прашањето да биде само предмет и обид за некаков дневно политички партиски интерес од страна на ВМРО ДПМНЕ. Сметам дека треба да се направи како предлог во Собранието бидејќи е нешто во што треба да учествуваат сите политички партии. Доколку има таков сериозен предлог ние апсолутно ќе го ќе го поддржиме“, рече Филипче.
Посочи дека ВМРО ДПМНЕ должат пред јавноста да образложат каков план имаат за одблокирање на евроинтеграциите.
„ВМРО-ДПМНЕ треба да каже дали имаат сериозен план, дали имаат сериозен план за дипломатска активност, дали имаат сериозен план за одблокирање на европските интеграции“, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Македонија
(Видео) Полициски хеликоптер исфрли 80 тони вода врз пожар во струмичко

Денеска (18.07.2025), полициски хеликоптер од типот Бел-412 од Одделот за воздухопловни единици дејствуваше на пожар во општина Василево, с. Нивичино, струмичко каде што гори нискостеблеста шума.
При дејствувањето во 60 налета се исфрлени повеќе од 80 тони вода, соопшти МВР.
Пожарот, како што информираат се уште е активен и продолжуваат активностите за негово гасење.