Македонија
(Интервју) Наќе Чулев: Немаме гаранција дека не нè прислушкуваат
Состојбата во безбедносниот сектор е крајно хаотична. Македонија стана логистичка база за поддршка во издавање документи, државјанства, банкарски сметки на лица со сомнително потекло, вели во интервју за „Макфакс“ Наќе Чулев, поранешен директор на Агенцијата за разузнавање.
Чулев, кој сега е суспендиран од Агенцијата за разузнавање, појасни дека суспензијата се должи на недобивање безбедносен сертификат.
„Прашањето зошто сум одбиен би требало да биде поставено до човекот којшто моментално се соочува со скандал од меѓународни размери, а тоа е директорот на АНБ, Виктор Димовски“, потенцира Чулев.
„Безбедносниот систем е неефикасен и подложен на корупција, и доколку Виктор Димовски смета дека тоа не е така, го повикувам на јавно соочување за да ги изнесеме аргументите“, му порача во интервјуто Чулев на Димовски.
„Агенцијата за национална безбедност е експозитура на СДСМ и ДУИ“, оценува тој.
Дополни дека во самиот СДСМ има борби меѓу, како што рече, неколку моќни клана за тоа кој ќе биде иден директор на АНБ.
„Недозволиво е актуелен директор на АНБ со скандал од меѓународни размери уште да се држи на позицијата. Со неговото останување на позицијата, Димовски директно влијае врз истрагата во случајот со Онишченко“, оценува Чулев.
По одлуката на Владата за поништување на државјанството на Онишченко, Чулев очекува, како што рече, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски официјално да информира за бројот на актот со кој се укинува решението за прием на државјанство.
„Очекувам Спасовски официјално да нè информира, да не биде како со оние 215 патни исправи па и повеќе, оти по некои мои сознанија не се 215 туку многу повеќе, официјално да нè информира за бројот на актот со кој се укинува решението за прием на државјанство. Очекувам за сите овие пасоши да ни каже дали се во меѓународно правен сообраќај или не се. Се откри аферата ‘Двојник’, но мене ме интересира колку од тие 215 пасоши се користат и дали сè уште со нив се минуваат границите на Јужна Америка, се отвораат банкарски сметки“, истакна Чулев.
Дали во АНБ има остатоци од структурите на Мијалков, кој треба да ја понесе одговорност за случајот со Онишченко, за аферата „Двојник“ и слично, во интервју за „Макфакс“ со поранешниот директор на Агенцијата за разузнавање, Наќе Чулев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Центар, Бутел и Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска се планирани неколку прекини во снабдувањето со електрична енегија на корисниците од градот Скопје и неговата околина и тоа:
· во период од 06:00-10:00 часот корисниците на улицата Пајак, улицата Наум Наумовски Борче (од Костарика до Министерство за земјоделие), општина Центар;
· во период од 08:30-14:30 часот корисниците на дел од улицата Радишанска, општина Бутел;
· во период од 09:00-12:00 часот корисниците на улицата 29 Ноември бр.37, општина Центар;
· во период од 09:00-14:00 часот корисниците на дел од улицата Урош Џудовиќ, општина Карпош.
Македонија
Сообраќајот низ државата се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Претежно облачно со повремени врнежи од дожд, на планините снег
Облачно, со повремени врнежи од дожд кои ќе бидат поинтензивни во југоисточните делови (над 15 l/m²), а на планините од снег. Поради продор на постуден воздух вренежите од дожд ќе преминуваат во снег и на некои од повисоките места. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 5 до 11 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Времето во наредните денови
Денеска ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен дожд, во југозападните делови над 15 l/m², а на повисоките места врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег. Нови врнежи ќе има и во текот на седмицата кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег. Од денеска ќе има појава на магла по одредени котлини. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер.

