Македонија
Инфекциите отпорни на лекови се зголемуваат: АХВ се приклучува кон глобалната кампања за одбележување на Светската недела за свеста за антибиотиците
Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) од 18 до 24 ноември и оваа година како и во минатото се приклучува кон глобалната кампања за одбележување на Светската недела за свеста за антибиотиците (World Antibiotic Awareness Week) и Европскиот ден за свеста за антибиотиците (European Antibiotic Awareness Day).
Целта на кампањите, како што појаснуваат, е да се подигне свеста за ризиците врз здравјето на луѓето и животните, но и врз животната средина, предизвикани од отпорноста кон антимикробните средства, како и да се промовираат добри практики, со цел, ограничување на појавата и ширењето на отпорни микроорганизми во целиот свет. Прекумерната или несоодветна употреба може да доведе до појава на отпорни микроорганизми, кои не реагираат на антибиотскиот третман, појава што е сѐ почеста последниве децении. Овој феномен, наречен антимикробна отпорност, кој претставува многу сериозна закана за контролата и сузбивањето на болестите во светот, е примарна грижа во однос на здравјето на луѓето и животните.
Темата за оваа година е „Дејствувајте сега: Заштитете ја нашата сегашност, обезбедете ја нашата иднина“ (Act Now: Protect Our Present, Secure Our Future). Оваа тема ја нагласува итната потреба од преземање смели, заеднички мерки за справување со антимикробната отпорност.
„Антимикробната отпорност веќе им штети на нашето здравје, прехранбените системи, животната средина и на економиите. Таа не е предизвик за иднина. Се случува сега. Инфекциите отпорни на лекови се зголемуваат, но свеста, инвестициите и дејствувањето сè уште не се доволни.
Надградувајќи се на моментот од состанокот на високо ниво на Генералното собрание на Обединетите нации во 2024 година за антимикробната отпорност, овој повик за акција ги повикува сите засегнати страни, вклучувајќи ги владите, граѓанското општество, давателите на здравствени услуги, докторите на ветеринарна медицина, земјоделците, актерите во животната средина и јавноста да ги преточат политичките обврски во опипливи, одговорни интервенции што спасуваат живот. За да ја заштитиме нашата сегашност и да ја обезбедиме нашата иднина, мора да дадеме приоритет на долгорочните инвестиции и на стратешките мерки во секторите за здравје на луѓето, животните и животната средина. Зајакнувањето на надзорот, обезбедувањето еднаков пристап до квалитетни лекови и дијагностика, поттикнувањето на иновациите и градењето отпорни системи бараат долгорочна посветеност и ресурси.
Инвестирањето во акција за антимикробната отпорност е паметен потег за побезбедна и поздрава иднина. Без разлика дали станува збор за администратор на болница, кој формира тим за управување со антимикробни средства, или за земјоделец што усвојува одржливи практики за управување со отпад, секоја акција е важна. Без разлика на вашата улога – дали во креирањето на политиките, обезбедувањето грижа, заштитата на екосистемите или подигањето на свеста, „Дејстувајте сега: Заштитете ја нашата сегашност, обезбедете ја нашата иднина“ е заедничка одговорност. Заедно можеме да ги одржиме антимикробните средства ефикасни и да изградиме поздрав, поодржлив свет за идните генерации“.
Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), додаваат од таму, активно работи на справување со овој глобален проблем следејќи ги упатствата на светските и на европските надлежни институции. Во согласност со член 73 од Законот за безбедност на храната, донесени се програма за антимикробна отпорност за периодот 2022 – 2026 година и годишен план за мониторинг на антимикробна отпорност, кој се спроведува од 2018 година, која е усогласена со последната легислатива усвоена од страна на Европската Унија во ноември 2020 година – имплементирачка одлука на Комисијата (ЕУ) бр. 1729/2020 за следење и известување на антимикробна отпорност кај зоонотски и коменсални бактерии и одлуката на Комисијата (ЕУ) бр. 1017/2023 за мониторинг на метицилин – резистентен Staphylococcus aureus (МРСА) кај товени свињи. Оваа одлука се заснова на најновите научни мислења и се однесува на познатите прашања за имплементација и научно одговара и обезбедува континуитет во процената на идните трендови во антимикробната отпорност. Агенцијата е активен учесник во креирањето на националната стратегија за контрола на антимикробната резистенција со акциски план како заеднички проект на повеќе надлежни институции во државата. Преку мултисекторската комисија при Министерството за здравство и учество на вработени од Агенцијата во телата на Codex Alimentarius, Светската здравствена организација (СЗО) и Европската агенција за храна (ЕФСА) активно ги пренесуваат своите достигнувања на полето на антимикробната отпорност во ветеринарната медицина.
Резултатите од спроведувањето на годишниот план за антимикробна отпорност во согласност со програмата за антимикробна отпорност, како и тековното движење на антимикробната отпорност во изолатите добиени во ветеринарната медицина, се објавуваат на веб-страницата на Агенцијата за храна и ветеринарство (http://fva.gov.mk/mk/antimikrobna-otpornost). Дополнително, податоците се доставуваат и до Европската агенција за безбедност на храната, која ги објавува во националните извештаи за движењето на зоонозите и антимикробната отпорност за секоја година одделно.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Македонските државјани кои се наоѓаат на територијата на Државата Катар и Обединетите Арапски Емирати да побараат помош
Во врска со актуелната безбедносна состојба во регионот на Блискиот Исток, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија апелира македонските државјани кои се наоѓаат на територијата на Државата Катар и Обединетите Арапски Емирати внимателно да ги следат официјалните информации и да постапуваат согласно упатствата на надлежните институции на земјите домаќини.
МНРиНТ ги потсетува нашите државјани дека во случај на потреба од помош може да се обратат на следните контакти:
Амбасада на Република Северна Македонија во Доха
Тел: +974 50 173 111
Е-пошта: [email protected]
Амбасада на Република Северна Македонија во Абу Даби
Тел: +971 56 441 7532
Е-пошта: [email protected]
Министерство за надворешни работи и надворешна трговија
Тел: +389 75 273 732 / +389 75 268 736
Е-пошта: [email protected]
Поради влошената безбедносна состојба во Израел, МНРиНТ утрово апелираше до сите македонски државјани кои се наоѓаат на територијата на оваа држава внимателно да ги следат официјалните национални портали за итни случаи и строго да постапуваат во согласност со упатствата на надлежните институции.
-Истовремено, апелираме до сите наши државјани да се воздржат од патувања кон земјите од овој регион сè до стабилизирање на безбедносната состојба.
Согласно информациите добиени од Амбасадата на Република Северна Македонија во Тел Авив, воздушниот простор над Израел е затворен за цивилни летови до понатамошно известување. Сите комерцијални влезни и излезни летови се суспендирани, без конкретна најава за обновување на редовниот воздушен сообраќај, соопшти денеска Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Покрај телефонот за контакт со МНРиНТ, македонските државјани во случај на потреба од помош може да се обратат и во Амбасадата на Република Северна Македонија во Тел Авив на тел. броеви +972 54 500 8566 и +972 54 967 0546 или по е-пошта [email protected]
Македонија
Живот со CTLA-4: ретка генетска состојба што го нарушува имунитетот
Во рамки на националната кампања „Ги запознаваме ретките болести“, вниманието годинава е насочено и кон ретката дијагноза – цитотоксичен Т-лимфоцитен антиген 4 хаплоинсуфициенција (CTLA-4), состојба која се среќава кај помалку од еден на милион жители и е заведена под шифра МКБ-10 D84.8. Денеска во светот се одбележува Меѓународниот ден на ретките болести. Во рамки на осмата по ред национална кампања „Ги запознаваме ретките болести“, одбележувањето ќе се одржи и во Охрид, во новоизградениот трговски центар, каде точно напладне ќе започне свечена програма под мотото „Реткоста е сила, а заедништвото е нашата најголема моќ“. Во Европска куќа во Скопје ќе биде промовирана официјална поштенска марка за СМА – Ден за свесност за ретки болести.
Станува збор за ретка генетска болест што настанува поради мутација или губење на една копија од генот задолжен за создавање на CTLA-4 протеинот. Овој протеин има клучна улога во „сопирањето“ на имунолошкиот систем. Кога тој недостасува или не функционира доволно, имунитетот станува прекумерно активен и ја губи способноста правилно да се регулира.
Недостаток на CTLA-4, нарушена контрола на Т-клетките
Недостатокот на CTLA-4 доведува до нарушена контрола на Т-клетките, што може да резултира со развој на автоимуни заболувања, како автоимун тироидитис, дијабетес тип 1 и воспалителни болести на цревата, зголемена подложност на рекурентни вирусни, бактериски и габични инфекции, хронични воспаленија, со можни оштетувања на различни органи, забавен раст и развој кај децата.
Иако имунолошкиот систем е „преактивен“, тој често не е доволно ефикасен во борбата против инфекции, што создава дополнителни здравствени компликации. Болеста најчесто се дијагностицира во детството или раната младост.
Дијагностицирањето вклучува детална клиничка проценка, анализа на семејната историја и генетско тестирање за откривање на мутација на CTLA-4 генот, кој се наоѓа на хромозомот 2q33. Дополнително, се прават испитувања на имунолошката функција и мерење на нивото на CTLA-4 протеинот во Т-клетките.
Раното препознавање е од исклучително значење за спречување на сериозни последици.
Третман и живот со болеста
Иако засега не постои лек што целосно ја излекува состојбата, со соодветна и навремена терапија пациентите можат да водат квалитетен живот. Третманот е насочен кон контрола на симптомите и спречување компликации и вклучува, имуносупресивна терапија за намалување на автоимуниот одговор, интравенозен имуноглобулин кај пациенти со чести инфекции, навремено лекување на инфекции со антибиотици, антивирусни и антигабични лекови, редовно следење од страна на супспецијалисти.
Поради различниот тек и тежина на болеста, потребен е индивидуален пристап и мултидисциплинарна грижа.
Денеска во светот се одбележува Меѓународниот ден на ретките болести. Во рамки на осмата по ред национална кампања „Ги запознаваме ретките болести“, одбележувањето ќе се одржи и во Охрид, во новоизградениот трговски центар, каде точно напладне ќе започне свечена програма под мотото „Реткоста е сила, а заедништвото е нашата најголема моќ“.
Настанот ќе понуди културно-едукативна и забавна програма со песна, танц и креативни активности, посветени на лицата со ретки дијагнози, со порака дека реткоста не значи изолација, туку заедништво и поддршка.
Во Европска куќа во Скопје ќе биде промовирана официјална поштенска марка за СМА – Ден за свесност за ретки болести.
Настанот има цел подигање на јавната свест за ретките болести и поддршка на пациентите и нивните семејства.
Во рамки на програмата ќе биде прикажано промотивно видео со пациент, како и симболично откривање на официјалната поштенска марка посветена на СМА.
Македонија
СДСМ: Со случајот за Артан Груби се режира циркус, сè е однапред договорено
СДСМ со остра реакција оценува дека случајот со куќниот притвор на Артан Груби се претворил во, како што наведуваат, „циркус пред очите на целата јавност“, тврдејќи дека одлуките на институциите се дел од однапред договорено сценарио.
Од партијата обвинуваат дека Обвинителството, кое според нив е под контрола на премиерот Христијан Мицкоски, ја оправдувало одлуката за куќен притвор со наводна безбедносна проценка од Министерството за внатрешни работи и Агенцијата за национална безбедност.
„Само неколку часа подоцна, директорот на затворот ‘Шутка’, кадар на ВМРО-ОКГ, го демантираше Обвинителството, тврдејќи дека ниту АНБ ниту МВР воопшто не извршиле безбедносна проценка“, наведуваат од СДСМ.
Партијата посочува дека премиерот Мицкоски во телевизиско гостување изјавил дека станува збор за класифицирани информации кои не можат јавно да се соопштат, додека, како што велат, сега се појавуваат тврдења дека „странски служби“ уште пред една година доставиле предупредувања, а формална безбедносна проценка од АНБ и МВР не била изготвена.
„Кои се тие странски служби? И ако нема безбедносна проценка од АНБ и МВР, врз основа на што Обвинителството донело одлука за куќен притвор? Ако нема проценка, како тогаш се тврди дека била класифицирана?“, прашуваат од СДСМ.
Според опозициската партија, контрадикторните изјави околу постоењето на безбедносна проценка – дека имало, па немало, дека била доверлива, па дека не постоела – претставуваат дополнителна потврда дека случајот е однапред договорен и режиран.
Од СДСМ оценуваат дека целата ситуација го нарушува кредибилитетот на институциите и ја продлабочува недовербата во правосудниот систем, барајќи целосна транспарентност и јасни одговори за основот врз кој е донесена одлуката за куќен притвор.


