Македонија
Искршени стакла на влезот од клубот „Цар Борис III“ во Охрид
По искршената табла на клубот „Цар Борис III“, сега се искршени и стаклата од влезот во објектот. Ваквиот чин доаѓа три дена откако клубот го прослави првиот роденден со настан што го организираше во просториите. Од СВР Охрид го потврдуваат настанот и велат дека се случил ноќеска по полноќ. Сторителите засега не се фатени.
„Се работи на случајот“, велат од СВР Охрид.
На фејсбук-страницата од клубот „Цар Борис III“ пак, споделена е објава во која лицата кои ги искршиле стаклата се нарекуваат „маскирани патриоти“.
„‘Маскирани патриоти’ чии лица се видливи ги нападнаа уште еднаш Бугарите и бугарските клубови. До кога ќе молчиме?“, пишува на фејсбук-страницата.
Во четвртокот, во клубот „Цар Борис III“ се славело и една година постоење.
„Прослава по повод една година од нашето друштво Цар Борис III со голем број членови и пријатели, генералниот конзул и дипломати од Генералниот конзулат во Битола, со неуморна поддршка на Фондацијата Бугарска меморија и други. Милен Врабевски Фондација Бугарска меморија Милен Врабевски“, пишува во објавата.
Отворањето на просториите на клубот во Охрид кој носи контроверзно име се случи на почетокот од октомври. Тогаш, со протест и тензии помина свеченоста. „Ова брзо ќе изгори тука” извикуваа присутните. Тие го спореа името „Цар Борис III“ затоа што историски гледано, е дел од фашистичка Бугарија. За овој случај има и предмет во Уставен суд.
Според измените на Законот за здруженија и фондации, бугарските културни центри во земјава имаат рок од три месеци да ги променат имињата на здруженијата. Второто здружение го носи името „Ванчо Михајлов“, исто така контроверзна историска личност, соработник на фашистите, а клубот се наоѓа во Битола и беше запален.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДИК ги соопшти местата на кои ќе се прегласува на 22 мај
Државната изборна комисија (ДИК) денеска, на 105. седница, едногласно го усвои предлогот да се повтори гласањето во Изборната единица (ИЕ) 5 на избирачките места 1470/1 и 1470 во Општина Долнени, 1.194 и 1.202 во Општина Крушево, 1844 во Општина Струга и 1272 во Општина Охрид, како и во ИЕ 6 на избирачкото место 2101 во Општина Желино. Гласањето ќе се одржи идната среда, на 22 мај 2024 година.
ДИК на седницата ги разреши и претседателите на избирачките одбори, членовите и нивните заменици во избирачките места 1470/1 и 1470 во Општина Долнени, 1194 и 1202 во Општина Крушево, 1844 во Општина Струга, 1272 во Општина Охрид и 2101 во Општина Желино.
Со оглед дека се кратки роковите за избор на нови избирачки одбори, за да биде регуларно прегласувањето, општинските изборни комисии (ОИК) ќе треба да ангажираат некои од веќе постојните избирачки одбори, или од најблиските избирачки места или некои други, и за тоа ќе треба да достават известување до ДИК.
Кампањата за повторното гласање ќе трае до понеделник, 20 мај, 00.00 часот. Притоа, ќе важат истите листи за болни и немоќни лица, ќе нема можност да се пријавуваат нови.
Според ДИК, има можност за измени и предлози за овластени претставници на кандидати. Тоа важи и за членовите на избирачките одбори кои се предложени од политичките партии.
Македонија
Кацарска ја чува обезбедување, денес добила закани дека „страшно ќе одговара“
Непознато лице денеска напладне во близина на ТЦ „Рамстор“ во центарот на Скопје вербално и се заканувало на претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска. По инцидентот интервенирало нејзиното обезбедување.
„Полициски службеници од полициската станица Центар денеска во 14:00 часот го лишиле од слобода В.П.Г. (57) од Богданци, постапувајќи по претходна пријава дека во угостителски објект во трговски центар на подрачјето на Центар во Скопје упатил закани кон Д.К.(67) од Скопје со зборовите ‘ќе одговараш, страшно ќе одговараш’. Лицето било задржано во полициска станица и по целосно документирање на случајот во координација со јавен обвинител против него ќе биде поднесена кривична пријава по член 144 од Кривичниот законик“, соопшти МВР.
Пред неколку дена во подземна гаража на зграда во Центар пронајдени се импровизиран кревет и кујнски нож на гражаното место на Кацарска.
Од МВР потврдуваат дека известен е јавен обвинител, предметите се подигнати за вештачење и се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Македонија
Утре затворени неколку улици во Скопје
Утре од 08.30 до 12.30 часот, поради одржување на натпревар „Стопански триоги триатлон”, со стартно-целна позиција кај Спортскиот центар „Борис Трајковски” во дел од градот ќе има изменет режим на сообраќај, соопшти СВР Скопје.
Посебниот режим на сообраќај ќе опфати дел од уличната мрежа околу СЦ „Борис Трајковски” и дел од булеварот Илинден (десна коловозна лента), потоа на потегот од крстосницата со булевар 8 Септември до крстосницата со улицата Никола Парапунов и обратно.
Утре исто така со почеток во 09.45 часот, поради одржување на спортско-рекреативен настан „Прв до врв” ќе има посебен режим на сообраќај во делот од градот каде што ќе се реализира манифестацијата.
Настанот почнува пред Музеј на град Скопје – улица Св.Кирил и Методиј, потоа лево по булеварот Св.Климент Охридски, во продолжение право по булеварот Мајка Тереза, па лево по улицата Тодор Александров и по локалниот пат за Средно Водно до врв на Водно („Милениумски крст”).