Македонија
Искршени штитови на полицајците на протестот за „Монструм“

Полицијата сѐ уште не јавува официјално дали има повредени во денешниот протест за „Монструм“, но од Бит-пазар си заминаа со уништени униформи и опрема.
Со побелени од боја чизми, панталони, горен дел од униформата и замачкани штитови се многумина полицајци што стоеја во кордон и не дозволуваа демонстрантите да се движат кон судовите. Кај полицијата на заминување се забележуваа и искршени штитови.
Демонстрантите кон нив фрлаа столови, а откорнаа и неколку од железните канти за отпадоци поставени на улицата и ги фрлија врз полицијата.
Протестот заврши кога полицијата ги потисна демонстрантите и ги принуди да се вратат кон Бит-пазар.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Одбележани 24 години од загинувањето на бранителите кај Вејце

Осуммина припадници на специјалната единица на МВР, од кои четворица битолчани, на денешен ден пред 24 години, загинаа во масакрот кај селото Вејце, во конфликтот во 2001 година.
Во нивна чест, пред споменикот на загинатите бранители во кругот на СВР Битола, споменикот „Ангел“ кај Саат кулата и споменикот на Бошко Најдовски во Долно Оризари, свежо цвеќе положија градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, претседателката на Советот Габриела Илиевска со претставници на Советот на општината, полицијата, семејствата на загинатите, политичките партии и граѓаните.
Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, истакна дека Битола секогаш ќе се сеќава на Марјан Божиновски, Илче Стојановски, Кире Костадиновски и Бошко Најдовски, со должна почит за прерано загубените млади животи и болката која остана во нивните семејства.
„Денес им оддаваме почит на нашите битолчани, четворицата херои кои го дадоа животот бранејќи ја татковината во Вејце. Да укажеме уште еднаш дека опомена за нас, за сите генерации, за помладите, е тоа дека она што се случило, никогаш повеќе да не се повтори, затоа што само единството, разбирањето, меѓусебната почит, разговорот, можат да не доведат до просперитет на оваа држава и овој град. Слава на хероите, слава на јунаците, слава на бранителите на нашата таковина!“, рече градоначалникот Тони Коњановски.
Македонија
Универзитетското собрание го поддржува протестниот „Марш за ангелите“ за трагедијата во Кочани

Универзитетското студентско собрание на УКИМ ја дава својата јавна поддршка на протестниот марш „Марш за ангелите“, кој ќе се одржи утре, 29 април 2025 година, во Скопје, во организација на семејствата настрадани во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Според најавата, протестот ќе почне пред Обвинителството во Скопје во 12:05 часот – време кое симболично ја означува задоцнетата реакција – и ќе продолжи кон Градскиот плоштад, а потоа пред Собранието.
„Како Универзитетското студентско собрание на УКИМ, сметаме дека е наша обврска, пред сè како граѓани, а потоа и како студентска заедница, да застанеме во знак на сочувство и поддршка кон оние кои претрпеа голема загуба и заедно да повикаме на одговорност и правда. Го поддржуваме барањето за јасни одговори и за итно преземање на одговорност од страна на институциите“, велат од студентското собрание на УКИМ.
Ги повикуваат сите студенти, како и целата јавност, да се приклучат.
Македонија
(Видео) Кузеска: Нов скандал, братот на градоначалникот Стефковски лета по улиците, за него не важат законите

Денеска објавуваме нов скандал. Граѓаните ќе видат она што одамна го знаат: функционерите на власта прават што сакаат, без никаква одговорност. Со ДПМНЕ и Панче Тошковски на чело на МВР, наместо ред и поредока, царуваат неказнивоста и селективноста, истакна на прес-конференција Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ
„На 20 април 2025 година, точно во 18:31 часот, на булеварот „Александар Македонски“ во Скопје, полицијата со радар фаќа возило со преголема брзина, далеку над дозволената. Станува збор за ова возило „Мини Купер“ со скопски регистарски таблички, управувано од Далибор Стефковски — брат на градоначалникот на Гази Баба, Борче Стефковски. Тој воедно е и сопственик на автомобилот. Среде Скопје, братот на градоначалникот летал со 88 километри на час, иако дозволената брзина е 50 километри на час. Свиркачи од МВР ни доставија видео-снимка од радарот, на која јасно се гледа колку вози Стефковски среде Скопје“, кажа Кузеска.
Полицајците, како што појасни го стопирале за да го казнат за пребрзо возење, но тогаш Далибор Стефковски телефонски контактира со некој во МВР.
За само една минута, началник од МВР, кој според информации на СДСМ тогаш дури и не бил во земјата, се јавил на полицајците и им дал наредба: братот на градоначалникот да не биде казнет и да биде ослободен.
Бидејќи прекршокот веќе бил евидентиран, наредено им било казната да ја запишат на друго лице.
Така, казната, според Кузеска е издадена на лице со иницијали С.Ј., под налог број 07929.
„И оваа документација свиркачите ја доставија до нас, нема да ја објавуваме за да ги заштитиме. Секојдневно луѓе ги губат животите на улиците поради несовесни возачи, сообраќајки со тешки последици има на секој чекор. Сè уште се свежи болните спомени на трагично прегазената Фросина во Скопје. И што прават Тошковски и МВР? Наместо да обезбедат почитување на законот, ги штитат прекршителите — само затоа што се функционери на ДПМНЕ. Полна му беше устата на Тошковски со празни ветувања дека „секој ќе одговара“. Денес, гледаме дека тоа биле само лаги. „Брат да ми е, ќе одговара“ е најголемата лага на Тошковски. Законот за нив не важи“.
Ако за брат на фукционер на ДПМНЕ нема одговорност, како што рече Кузеска, што да очекуваат граѓаните кога станува збор за повисоките функцинери.
Таа додава дека функционерите на ДПМНЕ се над народот, над законите и над Уставот.
За нив, како што оценува, нема одговорност.
„Сите други се виновни, само тие не. СДСМ бара целосна истрага, одговорност за сите вмешани полициски службеници и санкции за сите инволвирани — почнувајќи од Панче Тошковски па надолу. Со Тошковски, законот не важи за функционерите на ДПМНЕ. Ова е безаконие. Време е за одговорност“, порача Кузеска.