Македонија
Ислам Абази е нов шеф на местото од Русковска
Ислам Абази, гостиварскиот шеф на Вишото обвинителство, победи на изборите за шеф на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, дознава „А1он“. Тој доби 66 гласа од вкупно 160 обвинители што можеа да гласаат.
На второ место, со 64 гласа, или два гласа помалку, заврши скопскиот обвинител Ермон Незири.
Пребројувањето е завршено, а се очекува и официјално да се презентираат резултатите.
За разлика од Незири и Абази, едноцифрен број гласови имаат обвинителката Деса Пауновска од гостиварското Вишо обвинителство и Вилма Русковска, која досега беше шефица на Обвинителството и бараше нов мандат.
Гостиварскиот обвинител Ислам Абази е непознат за јавноста дотолку повеќе што медиумите не можеа да најдат ниту фотографија од неговиот лик. Тој избегна и дебата во „А1он“, на која присуствуваа другите кандидати. Неговото оправдување беше дека има други обврски, а откога оставивме сам да одлучи кога може да дојде, тој не одговараше на пораките и на повиците. Исто постапи и со другите медиуми, каде што не одговараше на новинарски повици. Во јавноста се шпекулира дека зад неговата кандидатурата за шеф стои ДУИ. Тој никогаш не одговори дали се точни овие шпекулации.
За разлика од Абази, неговиот противкандидат, со кого води тесна битка, Ермон Незири, во дебатата на „А1он“ ги кажа сите критики, планови и визија за Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Незири посочи дека 70-80 отсто е сигурен оти ќе победи на овие избори.
„Повторно излегоа на површина две тези: туристичка агенција и персонализација на Обвинителството. Барем јас така разбрав. Тоа е спротивно на она што јас планирам да го направам. Не може Обвинителството да се врзе со Ермон Незири. Таму има 15 обвинители, кои самостојно одлучуваат, за тоа земаат плата, искусни обвинители“, рече Незири, а прашан кој ги разочарал младите обвинители, тој рече: „Тоа секој си го сфаќа субјективно“.
Речиси 160 од обвинителите од целата држава денеска првпат гласаа за да изберат нов шеф на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: Велеа решен проблем со транспортерите, а не е, ќе понесе ли Николоски одговорност
Вицепремиерот Николовски велеше не се секирајте проблемот на транспортерите е решен, разговаравме со Европската Унија, нема да има проблем, но еве не е решен, укажа претседателот на СДСМ, Венко Филипче на средбата со Општинската организација на СДСМ во Гевгелија. Филипче посочи дека дел од компаниите веќе се селат во Бугарија и во Хрватска.
„Гледате како излажа вицепремиерот Николовски за транспортерите. Што велеше, не се секирајте, завршен е проблемот, разговаравме со Европската Унија, нема да има проблем. Еве, не е така. Ќе понесе ли одговорност затоа што не ја зборел вистината? Зборувавме со неколку компании. Веќе се селат во Бугарија и во Хрватска. Таму ќе ги регистрираат транспортните компании“, рече Филипче.
Во обраќањето Филипче нагласи дека владата на ВМРО-ДПМНЕ свесно ја доведе државата до состојба на изолација и без јасен план за напредок, што носи сериозни последици врз економијата, компаниите, граѓаните.
„Целосно не изолираа, целосно не изолираа. Ќе го враќаа името, ќе обезбедеа подобра преговарачка позиција. Ништо од тоа. Ништо. Ние сме изолирани, слепо црево на Балканот. Нема план како напред, кажува премиерот, што не кажуваше пред изборите 2024 дека ќе го запре целосно европскиот пат и нема да има уставни измени. Тој велеше и ветуваше, ќе има подобра преговарачка позиција за земјата. Затоа му дадоа поддршка луѓето, не за да го запре европскиот пат на земјата којшто трае од 1991 прва година“, рече Филипче.
Тој додаде дека премиерот Мицкоски нема право да ја држи изолирана државата и да ја загрозува иднината на граѓаните.
„Тој нема право да го прави тоа, тој нема никакво право, ни морално, ни политичко, да ја запре земјата, да ја изолира, да не стави целосно на страна, под силно влијание на српско-унгарски интереси, на медиумска мрежа којашто не ја кажавме ние, ја анализираа независни истражувачки новинари.Кажаа дека таква мрежа, која што шири антиевропски наратив, проруски наратив е контролирана од Орбан. 40% од медиумите кај нас се под контрола на Орбановата мрежа на медиуми“, рече Филипче.
Македонија
Воена вежба на крајбрежјето и во водите на Охридското Езеро, надлежните апелираат на внимателност до месното население
СВР Охрид известува дека, утре (17.02.2026 година) од 04 до 09 часот, на крајбрежјето и во водите на Охридското Езеро кај караулата во струшкото село Радожда, воена вежба ќе реализираат припадниците на македонската и белгиската армија.
„При извршување на вежбовните активности, ќе биде употребена маневарска муниција поради што, апелираме до месното население на адаптирање на своите обврски и внимателност при нивното извршување како и придржување до насоките на униформираните службени лица задолжени за безбедноста на подрачјето“.
Македонија
Филипче: Премиерот се луксузирал со владин авион на одмор додека нема пари за плати
„Гледаме како се луксузирал премиерот, како го користел владиниот авион да оди на одмор без никаков срам. Треба да одговори на прашањето кој бил со него во авионот? Треба да одговори на прашањето зошто најавуваат купување на нов владин авион, за повторно да го користи во приватни цели за приватни патувања?“, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче на попладневната средба со партиското членство од општинската организација на СДСМ Гевгелија, во рамки на теренските активности на партијата.
Филипче ја критикуваше власта за луксузирањето и што велат од партијата, негрижата за животниот стандард на граѓаните. Тој нагласи дека во време кога граѓаните се соочуваат со постојани поскапувања и ниски примања, власта се луксузира на грбот на народот.
„Тоа ли е целта? Во време кога не сака да им зголеми плати на работниците, прават такви трошоци, луксузирање на сметка на сите граѓани. Сите граѓани го плаќаат керозинот за тој авион“, истакна Филипче.
Се осврна на животниот стандард и одбивањето на власта да ја зголеми минималната плата.
„Ние ги премоливме, дававме закони два пати, ова е втор пат како го даваме законот за минималната плата. Луѓето не можат крај со крај да врзат. 600 евра плата не е луксуз, минимална плата. Основни потреби не може да задоволува луѓето. Колку е сметка за струја, колку е потрошувачка кошничка, не може да преживеат. Нема слух, нема слух“, порача Филипче.
Тој заклучи дека Владата нема визија и нема план за подобрување на животниот стандард, туку само задолжувања и луксузирање, додека граѓаните едвај преживуваат.

