Македонија
Историчарите од регионот со поддршка за Македонија: Наметнувањето „историски вистини“ е опасно
Група историчари од регионот регираат по блокадата од Бугарија коментирајќи дека со тоа се злоупотребува историјата во процесот на европските интеграции.
Историчарите од Словенија, Хрватска, Босна, Црна Гора и од Србија напишаа заедничка декларација со наслов „Да ја одбраниме историјата“. Писмото е потпишано од Дубравка Стојановиќ, Хуснија Камберовиќ, Твртко Јаковина, Божо Репе, Аднан Прекиќ, Сњежана Корен, Бранимир Јанковиќ, Момир Самарџиќ и други.
„Ние потписниците на ова писмо изразуваме протест и осуда на овој пример на историски ревизионизам и злоупотреба на историјата за политички цели. Сметаме дека овој пристап е опасен не само за историјата како хуманистичка дисциплина туку и за демократијата и просперитетот на регионот, но и за самата Европска Унија. Наметнувањето „историски вистини“ е неприфатливо и опасно. Создавањето на македонската нација не се разликува од начинот на кој се создале сите други нации, а правото на самоопределување е основно човеково право“, се наведува во Декларацијата.
Историчарите бараат од колегите во Македонија и Бугарија, но и во сите земји во регионот, да бидат професионални и да се спротивстават на злоупотребите во својата дисциплина.
„Од политичарите бараме да водат одговорни политики, да не ги подржуваат историчарите што поттикнуваат националистички конфликти и да не вршат притисоци што доведуваат до фалсификување на минатото. Од европските институции и држави бараме да реагираат на злоупотребите на историјата почитувајќи ги основните принципи на Европската Унија, кои овие денови на Балканот и во Европа се загрозени, како што се различноста, антифашизмот и демократијата. Европската Унија е создадена како лек против лошите искуства од минатото и затоа да не дозволиме преку искривување на историјата да се уништуваат принципите на кои се темели идејата за обедината Европа.
Ние, потписниците на ова писмо, им даваме поддршка на интелектуалците и историчарите во Македонија и Бугарија, кои отворено се спротивставуваат на политичките притисоци и се борат за заштита на својата професија и професионалните стандарди. Само солидарни можеме да ги совладаме сериозните пречки што стојат пред нас!“, се наведува во декларацијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ: Ја слушнавме пораката од граѓаните и ја прифаќаме, ќе продолжиме да се бориме
„СДСМ ја слушна пораката од граѓаните и ја прифаќа. Ние ќе продолжиме да се бориме за секој граѓанин, за прогресивна и европска иднина на Македонија. Резултатот на изборите на 8 мај сè уште не е одлучен“, велат од СДСМ.
„Со десничарите може да се соочиме со мрачни сценарија од минатото, кои ќе стават крај на европските перспективи и кои водат во нова долга изолација и нови поделби во општеството.
Веќе се гледа дека ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ играат опасна игра со мултиетничкото ткиво на нашето општество. Тензиите што се сега се прават меѓу Македонците и Албанците може да нè вратат назад во грдото минато.
Затоа е исклучително важно граѓаните да излезат и да гласаат на 8 мај, за напредна држава, држава во која ќе имаме подобар животен стандард. Нема откажување од иднината!“, соопшти СДСМ.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Над 180.000 гласови предност се обврска за ВМРО-ДПМНЕ Македонија повторно да ја врати на народот
180.000 гласа разлика во корист на Силјановска Давкова и ВМРО-ДПМНЕ пред Пендаровски и СДС е порака дека народот сака промени и крај на понижувањата, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.
„Народот не поддржува политика на понижување на Македонија. Граѓаните јасно кажаа дека се против криминалот на СДС и ДУИ. 7 години Македонија тоне на секое поле. На почеток на секоја учебна година немаше учебници за учениците, за болните немаше лекарства, за земјоделците немаше откуп. Народот не се чувствуваше безбеден, криминалот царуваше по улиците“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Како што истакнуваат, народот не сака да живее повеќе во несигурност.
„Над 180.000 гласови предност се обврска за ВМРО-ДПМНЕ Македонија повторно да ја врати на народот. Победата во вториот круг ќе биде уште поголема, а СДС и Пендаровски, заедно со нивните газди од ДУИ никогаш повеќе нема да бидат во позиција да го понижуваат народот. Македонија повторно твоја“, завршуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
ЦУК: Коловозите во државата на многу места се влажни и имало ситни одрони на сите патни правци
Во Центарот за управување со кризи, имало вкупно 1 694 повици на единствениот повикувачки број за итни случаи 112.
Од нив „реални“ повици биле 49,82 отсто, а 50,18 отсто биле за други потреби на граѓаните што не биле итни. Кон полиција биле упатени 69,92 отсто и кон итната медицинска помош 28,91 отсто од реалните повици кон 112 во ЦУК.
Во последното деноноќие немало евидентирани пожари на отворено.
Од ЦУК потсетуваат дека коловозите во државата на многу места се влажни и имало ситни одрони на сите патни правци во последното деноноќие.
Екипите ги отстранувале одроните на патот и нема прекин на сообраќајот.