Македонија
ИЈЗ: Зголемен бројот на починати лица од Ковид-19 во однос на минатата недела
Според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје, во периодот од 29 март до 4 април 2021 биле тестирани вкупно 26.142 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2, со зголемување од 5,0 % во однос на минатата недела. Притоа биле регистрирани 7.933 нови позитивни случаи од 35 града во државата со зголемување од 6,9 % во однос на минатата недела, информираат од ИЈЗ.
Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје, дури 44,5 %, со неделна инциденца –572,2/100.000.
Највисока неделна инциденца од 583,3/100.000 е регистрирана во ПЕ Кавадарци, велат од Институтот.
Според податоците од таму, процентот на позитивност во споменатиот период се движи од 21,0 до 35,2 % или во просек 29,3 %, со зголемување од 1,7 % во однос на минатата недела.
Биле регистрирани заболени лица од сите возрасни групи.
Сепак, потенцираат дека најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 години со 30,2 %.
Голем број заболени се регистрирани и кај лицата во возрасните групи од 50 до 59 години или 17,9 %, лицата на возраст од 30 до 39 со 17,8 %, оние од 40 до 49 со 16,6 % и на возраст од 20 до 29 со 11,6 %. Најмал број е регистриран кај децата од 0 до 9 со 1,2 % и од 10 до 19 години со 4,8 %.
Од ИЈЗ информираат дека по добиени 2 негативни теста за присуство на SARS-CoV-2 или со употреба на новиот алгоритам статус оздравени стекнале 4.861 лице, кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, со зголемување од 19,8 % во споредба со минатата недела.
Биле пријавени и 260 смртни случаи од 27 града или дури 27,5 % повеќе во однос на минатата недела, велат од ИЈЗ.
Во однос на возраста, 215 лицa биле над 60 години, 27 лица на возраст од 50 до 59 години, 13 лица од возрасната група од 40 до 49 години, 4 лица од групата 30-39 години и едно лице од груапта 20-29 години.
Од Институтот информираат дека на 17.2.2021 во РС Македонија почна вакцинацијата против Ковид-19.
Заклучно со 4.4.2021 вкупно се вакцинирани 7.009 здравствени работници со првата доза или 4.015 со „Фајзер/Бионтек“, 2.996 со „спутник В“ и 4.413 (3.805 – „Фајзер/Бионтек“ и 608 – „спутник В“) со втора доза од вакцината против Ковид-19.
ИЈЗ потсетува дека од 31.3.2021 почна вакцинацијата на населението за лицата над 77 години и заклучно со 4.4.2021 вакцинирани се 1.968 лица.
Детаљниот извештај на Институтот за јавно здравје за состојбата со Ковид-19 за периодот од 29 март до 4 април 2021 година, како и кумулативната состојба со Ковид-19 во Република Северна Македонија, се објавува на веб-страницата на Институтот за јавно здравје: http://iph.mk/.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Родителите на децата загинати во Пулс порачаа дека правда мора да има
Родителите на загинатите во трагичниот пожар во „Пулс“ поладнево на „Марш за ангелите“ порачаа дека нема да дозволат одговорните за трагедијата на нивните деца да ја избегнат правдата, иако, велат на обвинителната купа седат само дел од лицата поврзани со трагедијата.
-Суштината е одговорноста. Факт е дека денес на обвинителна клупа седат дел од лицата поврзани со трагедијата. Но, исто така факт е – болен, непобитен факт – дека постојат луѓе со многу поголема моќ, обврски и надлежности, кои воопшто не се ни опфатени. Луѓе кои имале должност да спречат, а не спречиле, рече Александар Наунов, претседател на Здружението на граѓани „16 Март 2025 Кочани“.
Тој, во изјавата за медиумите, истакна дека се најавува свикување колегиум на обвинителите за повторно разгледување и евентуално ослободување на дел од обвинетите.
-Колегиумот (на обвинители) може да прегледува документи, но не може да брише факти, не може да брише пропусти, не може да брише нечии должности што биле игнорирани. Не може да избрише нечие непостапување кога тоа било прашање на живот и смрт, смета претседателот на ЗГ „16 март 2025 Кочани“.
Според Наунов, суштината не е во тоа кој трчал, кој се плашел, а кој спасувал, туку кој имал должност, а не ја извршил.
-Ние не сме овде за одмазда. Ние сме овде за правда. За ред. За систем што ќе ги штити децата – не систем што ќе ги остави да загинат. Родителите никогаш не се откажуваат. Можеби ќе нè уморите, но нема да нè скршите. Можеби ќе не одолговлекувате, но нема да не замолчите. Вистината ќе излезе на виделина, рече Наунов.
Протестниот марш денеска започна од „Паркот на Револуцијата“, а заврши пред Основниот суд и обвинителство во Кочани.
Македонија
Претседателката за утре го свика Советот за безбедност
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска – Давкова за утре – 1 март 2026 година, закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Македонија
Агресивен карцином кај 10-годишната Ева, се бараат донации
Десетгодишната Ева е девојче кое се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
„Ви се обраќам во име на моето семејство и за најважната личност во нашиот свет, Ева, која е радосно, љубопитно, отворено, храбро десетгодишно дете кое одеднаш се соочува со борбата на својот живот. Нашето мало сонце се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
Овој вид на дијагноза не може да се лекува во Македонија, бидејќи нема центри ниту експертиза за да се обезбеди потребната грижа и третман. Туморот е класифициран како високостепен и брзо се шири, лекарите советуваа итно лекување во странство во специјализирани центри.
Времето и дејствувањето се критични. Во моментов таа е примена во специјализирана клиника во Минхен – Германија, каде што ја завршуваме последната фаза од дијагностиката (закажан термин за ПЕТ/КТ скенирање следната недела, по МРИ, биопсија, рендгенски снимки и крвни проверки).
Од она што го знаеме, третманот ќе следи во три фази:
1. Приближно два месеци интензивна хемотерапија
2. Хируршко отстранување на туморот
3. Дополнителни шест месеци хемотерапија“, стои во објавата.
Средствата се наменети за покривање на трошоците за медицинското лекување во Германија. Донации за помош на малата Ева може да се дадат на следниот линк.

