Македонија
И во МВР ќе се седи на фотелји од телешка кожа

Министерството за внатрешни работи во четири одделни јавни набавки нарачува мебел за над 150 илјади евра. Бироа, фиокари, ормани, клуб-маси, закачалки, но и фотелји од телешка кожа, е само дел од предметот на јавната набавка во МВР.
Според спецификациите објавени на веб-страницата за јавни набавки, МВР нарачува 50 работни фотелји чија „завршна прекривка треба да биде од природна телешка кожа, а столот треба да има фиксни метално-хромирани рачки, кои во горниот дел ќе бидат тапацирани со природна телешка кожа“. Освен овие работни столови, МВР склучило договор за набавка на уште 250 работни стола, но обложени со полиестер, како и за уште 100 канцелариски стола. Вкупно, само за столови, МВР плаќа околу 35 илјади евра.

Како ќе изгледаат фотелјите од телешка кожа во МВР според спецификациите во тендерот
Најмногу пари, односно над 83 илјади евра, МВР дава за метални ормани, фиокари, гардеробери, метални шкафови за чување огнено оружје итн.
За бироа и клубски маси Министерството склучило договор од речиси 30 илјади евра, а за закачалки за облека и чадори околу 2,3 илјади евра.
Минатиот месец МЕПСО склучи договор од 212 илјади евра со „Леснина ми“, фирма од која се нарачуваат кујни, канцелариски мебел и гарнитури. Во договорот за јавна набавка највпечатливи се 39-те парчиња клуб-фотелји за кои е потенцирано дека мора да бидат тапацирани со природна телешка кожа за кои компанијата плаќа речиси 14 илјади евра.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Церемонија на свечено менување на државното знаме пред претседателската вила во присуство на основци од Скопје

Ученици од скопските основни училишта „Ѓорѓија Пулевски“, од општина Аеродром, „Св. Климент Охридски“ и „Кирил Пејчиновиќ“ од општина Кисела Вода, денеска го посетија Кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.
Придружени од своите наставници, учениците ја проследија свечената церемонија на менување на државното знаме. Оваа церемонија се одржува секој втор петок во месецот и се реализира од Баталјонот за почести при македонската армија како израз на почит кон македонското знаме, како државен симбол.
По завршувањето на свечениот чин, младите посетители ги разгледаа просториите на Кабинетот и разговараа со претседателката за нејзините работни обврски, но и за личниот живот, почнувајќи од детството, школските и студентски денови, како и професорската кариера.
Во разговорот со учениците, претседателката ги охрабри да учат и да веруваат во себе, да го почитуваат знаењето, оти тоа ќе ги направи компетитивни, сигурни и успешни.
Македонија
Авионска дезинсекција против ларви од комарци во Скопје

Согласно добиено известување од Град Скопје- Сектор за комунални работи, Регионалниот центар за управување со кризи -Скопје информира дека на ден 11.05.2025 година (Недела) во раните утрински часови ќе се изврши Авионска дезинсекција против ларви од комарци.
Доколку временските услови не го дозволуваат вршењето на дезинсекцијата, истата ќе се изврши првиот нареден ден, кога временските услови ќе бидат поволни, во ист термин, велат надлежните.
Се известуваат пчеларите навремено да ги превземат потребните мерки за заштита на пчелите.
Македонија
Бискупот Стојанов упати честитки до папата Лав XIV: Вашата служба да донесе обнова и зацврстување на верата

Скопскиот бискуп и Струмичко-скопски епарх, Киро Стојанов упати писмо со честитки до новиот папа Лав XIV.
„Со голема радост и синовска љубов ја примив веста за Вашиот избор за Петров наследник и Пастир на Универзалната Црква. Од името на верниот Божји народ на Католичката Црква во Македонија, свештенството и монаштвото, како и од мое лично име, Ви го честитам изборот и воедно благодарам што ја прифативте оваа одговорна и света служба, свесни за сите предизвици со кои се соочува Христовата Црква.
Сигурен сум дека со мудроста што Ви е дарувана преку Вашето мисионерско искуство, пасторалната грижа и верноста кон Евангелието, водени од Светиот Дух ќе управувате со коработ Петров – Црквата, низ немирното море, за доброто на целиот Божји народ.
Од Македонија, портата од каде што Свети Павле го пренесе христијанството низ цела Европа, од просторите од каде што потекнуваат светите браќа Кирил и Методиј и од родниот град на света Мајка Тереза, Ви ја ветувам мојата лична молитва, како и молитвите на целиот Божји народ во Македонија, со желби Вашата служба да донесе обнова и зацврстување на верата, единство меѓу христијаните и мир во целиот свет“, напиша бискупот Стојанов.