Македонија
Филипче: Во Тетово и околината не се почитуваат мерките
Во Тетово не се почитуваат решенијата за самоизолација, како и мерките за држење дистанца, забраната за групирање, носењето маски, рече министерот за здравство, Венко Филипче. Тој рече дека во Штип е затворен и цел погон од страна на Државниот здравствен и санитарен инспекторат поради заразен со коронавирус кој работел таму. Филипче посочи дека мерките мора да се почитуваат за да се врати во нормала целото функционирање.
„Се направи надзор во Тетово, од локалниот Центар за јавно здравје и во Штип, кај што се анализираат сите случаи. Од увидот во Тетово е констатирано дека не се почитува самоизолацијата, дека има непочитување на сите изречени мерки, носењето на маските и дистанцата како во Тетово така и во околните места во кои има новодијагностицирани случаи. Од увидот во Штип непочитување на правилото за транспорт, особено на вработените во конфекциите, каде што има новодијагностицирани пациенти. Еден погон е затворен по налог на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, меѓутоа во транспортот во автобусите се возат вработени од сите конфекции, не се почитува правилото за процент на пополнетост на автобусот ниту, пак, носењето маски. Во една конфекција има 17 заболени и 70 контакти во изолација“, рече Филипче.
Во шест града во земјата има по пет активни случаи, а во 15 нема регистрирано заболени од коронавирус.
„Процентот на заразени од тестираните во изминатите 14 дена, онака како што се прави статистички, изнесува 5,5 проценти, а се калкулираат и тестовите од скринингот. Капацитетот во болниците е пополнет 11 отсто и со тоа здравствениот систем е во добра кондиција. Има многу оздравени здравствени работници, висок процент, над 92 отсто, понатаму инциденцата во последните 14 дена е 10,3 отсто односно трипати помала во однос на пикот во месец, но продолжуваме постојано да следиме. Има 15 града во кои биле регистрирани случаи, а сега повеќе нема. Во Дебар, Кавадарци, Гевгелија, Крива Паланка, Крушево, Кочани, Пробиштип, Демир Хисар, Македонски Брод, Пехчево, Берово, Валандово, Делчево и Кратово. И во шест града до пет активни случаи – во Струмица, Кичево, Свети Николе, Гостивар и во Неготино“, рече Филипче.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Сали-Варнс: нагласена посветеноста на Владата кон спроведување реформи во јавната администрација и во судскиот систем
Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со Вршителката на должноста амбасадор на Соединетите Американски Држави, Никол Варнс.
На средбата беше истакната важноста на стратешкото партнерство меѓу земјата и Соединетите Американски Држави, како и континуираната американска поддршка за демократските и развојните процеси.
Соговорниците разговараа за клучната улога на регионалната стабилност како предуслов за мир и одржлив развој.
Сали ја нагласи посветеноста на Владата кон спроведување реформи во јавната администрација и во судскиот систем, оценувајќи ги овие чекори како суштински за зајакнување на владеењето на правото, зголемување на транспарентноста и подобрување на услугите за граѓаните.
Двете страни ја реафирмираа подготвеноста за понатамошно продлабочување на билатералната соработка.
Македонија
Нова градска плажа, се реконструираат спортските терени, кејот на Вардар добива нов лик, најави Ѓорѓиевски
Кејот на Вардар добива нов лик и нова градска плажа, отворена за сите генерации, објави на социјалните мрежи скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски.
Тој информира дека со засилено темпо течат работните активности за уредување на кејот на реката Вардар, простор каде секојдневно се рекреираат илјадници граѓани и кој претставува едно од најважните урбани јадра на Скопје.
„Кејот е меѓу моите клучни приоритети и уште од првите денови по преземањето на функцијата градоначалник, започнавме со темелно чистење, со што конечно Вардар повторно тече по своето природно и нормално корито.
Денес, кејот го уредуваме со јасна визија за функционален и жив јавен простор.
Се реконструираат спортските терени за фудбал, одбојка на песок и баскет, се поставува нова урбана опрема и се создаваат модерни фитнес-зони на отворено. Во рамки на овој проект опфатени се и спортските терени во Маџир Маало, кои целосно ќе се унапредат и ќе се вратат во служба на заедницата.
На ова место градиме и современа градска плажа – безбедно, уредено и достапно катче за одмор, рекреација и дружење, кое ќе внесе нова енергија и живот покрај реката и ќе го доближи Скопје до европските урбани стандарди.
Инвестирањето во спортот е инвестирање во здрави навики, здрави млади и силно општество.
Искрена благодарност до министерот за спорт, Борко Ристовски, за поддршката и партнерскиот пристап, кои овозможуваат ваквите проекти да се реализираат брзо, квалитетно и во интерес на граѓаните.
Ова, почитувани, е само почеток.
Нашата визија е да создадеме современи, уредени и достапни спортски терени во сите општини на Град Скопје“, напиша Ѓорѓиевски.
Најавува како што вели, рамномерен развој, еднакви можности и активен, здрав живот за секој скопјанец, без разлика каде живее.

