Македонија
И денеска многу топло, од утре можно разладување

Времето денеска ќе биде сончево и многу топло. Ќе дува умерен, на места повремено засилен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 13 до 23, а максималната ќе достигне од 35 до 42 степена. УВ=9
Дневните температури ќе бидат над просекот за овој период од годината поради што ќе биде активирана жолта, а во југоисточниот дел од земјата портокалова фаза за опасност од високи температури.
Во Скопје сончево и многу топло со мала облачност и со слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 19, а максималната ќе достигне 39 степени.
В среда во попладневните часови ќе има изолирана појава на краткотраен пороен дожд и грмежи, а од четврток опаѓање на дневната температура за 3 до 5 степени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ДУИ до Мицкоски: Ако целта е уривање на Охридскиот договор, која е алтернативата

Премиерот Мицкоски, со своето однесување, изјави и постапки, постапува на начин кој ги поткопува стандардите и одговорноста што се очекуваат од еден државен лидер, реагираат од ДУИ.
„Однесување што можеби би му се толерирало на претседател на партиска општинска организација, но никако на премиер на мултиетничка држава.
Тој урива сè што е градено со труд и посветеност со години – меѓуетничките односи, довербата меѓу граѓаните, лојалноста и чувството на заедништво во оваа држава.
Со напаѓање на клучните столбови на Охридскиот мировен договор – јазикот, балансерот, правичната застапеност, легитимитетот и Инспекторатот за употреба на јазиците – тој го доведува во прашање унитарниот и интегративен карактер на државата“, велат од ДУИ.
Прашуваат, ако целта е уривање на Охридскиот договор – која е алтернативата?
„Зашто во политиката нема вакуум. Ако толку жестоко се спротивставувате на договорот што донесе мир, интеграција, децентрализација и зачувување на унитарноста, тогаш мора отворено да кажете што нудите на негово место“.
Граѓаните, додаваат од ДУИ прашуваат, и сè повеќе се загрижени.
„Ако има намерна промена на државниот курс, тогаш време е за отворена и искрена дебата за тоа која е алтернативата на Охридскиот договор.
Бидејќи ние не можеме бесконечно да ја носиме одговорноста за неговата неодговорност“, посочуваат во реакцијата од партијата на Ахмети.
Македонија
Левица: И таткото на Тошковски бил дел од бизнисот со мито за инвалидски пензии

Додека се обидува да изгради слика дека го руши корумпираниот систем, фактите кои се обзнануваат во јавност укажуваат како и фамилијата Тошковски била дел од овој систем. Имено, токму таткото на министерот на МВР во 2013 година бил осуден за измама на 8 лица заради примање мито при посредување за инвалидски пензии, обвини партијата Левица.
Според партијата таткото на Тошковски бил осуден на две години условна казна, затоа што од оштетените лица противправно наплатил речиси 25.000 евра, ветувајќи им дека ќе стекнат право на инвалидска пензија.
„Односно, таткото на Тошковски безобзирно манипулирал со поединци кои очигледно во незавидна положба, биле принудени да плаќаат огромни суми за да се изборат против аномалиите на системот. Бидејќи министерот Тошковски и за време на претходната влада на Груевски бил дел од институциите на системот (преку министерството на Миле Јанакиевски), очигледно тоа што бил дел од власта било доволно за неговиот татко да прави матни зделки со инвалидските пензии. Дополнително, потсетуваме дека Тошковски уште нема одговор за скандалот со апсењето на обезбедувањето на премиерот Мицкоски, односно нема никаква информација во јавноста кое е второто лице кое е уапсено. Ако се има во предвид дека лицето кое го обезбедувало Мицкоски било дел од Шестата управа, истото не можело да располага информации за криминални истраги. Тошковски упорно одбива да даде одговор од каде обезбедувањето на Мицкоски имало информации за криминални истраги и од кој ги добил тие информации“, велат од Левица.
Селективниот пристап на Тошковски и за огромната трагедија во Кочани, каде ниту еден актуелен началник од полицијата не е дел од истрагата, велат од Левица, претставува кулминација на ужасното владеење на новата влада.
„Наместо системски реформи – сведочиме како власта ги одбива сите добри законски решенија на Левица; наместо апсење на поранешниот премиер Зоран Заев – сведочиме како премиерот Мицкоски веќе не го ни спомнува неговот име; наместо меритократија и департизација – сведочиме како сестрата на премиерот и баџанакот на Тошковски стануваат универзитетски професори. Нема промена на корумпираниот систем со партии кои 35 години го граделе токму тој систем“, се наведува во соопштението.
Македонија
МВР најави засилени мерки против непрописното паркирање

Вчера во периодот од 17:00 до 20:00 часот од страна на Одделението за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје преземени се зајакнати мерки за санкционирање на непрописно паркираните возила низ централното градско подрачје за зголемување на безбедноста во сообраќајот.
МВР информира дека се преземени вкупно 20 мерки од кои изречени се шест прекршочни платни налози за непрописно паркирани возила, 12 возила се подигнати со специјалното возило “пајак” и 2 мерки по останати прекршоци.
Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови, најави МВР.
Од таму апелираат до сите учесници во сообраќајот да се почитуваат сообраќајните правила и прописи и сите заедно да придонесеме за посигурни патишта.