Македонија
И денеска не се избра директор на Академијата за судии и јавни обвинители
Поштата не стигнала на време, па Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители, во последен момент, дозна дека има и четврти кандидат за директорската позиција.
Андреј Димовски, судија од граѓански суд и единствен национален судија со меѓународно искуство влегува во трката за раководење со оваа значајна институција од која излегуваат идните обвинители и судии.
Негови конкуренти остануваат Наташа Габер Дамјановска, која досега ја водеше Академијата, Емилија Шопар Јованова од скопскиот Граѓански суд и Ненад Савевски од Кривичниот суд во Скопје.
Кој од нив ќе биде нов прв човек на Академијата, ќе треба да се знае во петок, за кога е закажана новата седница.
„А1он“ исконтактира со судијата Димовски. Тој меѓудругото го водеше предметот каде бизнисменот Орце Камчев бараше Катица Јанева, Боки 13 и државата да му го вратат милионот од „Рекет“, па го одби барањето со образложение: „Странката која дејствувала несовесно (Камчев), не може да го бара назад она што го дала на странката (Бојан Јовановски, Катица Јанева) која дејствувала исто така несовесно“.
Димовски веќе има искуство со Академијата, тој претходно бил и ментор на слушатели на почетна обука.
„Јас негувам визија и амбиција за себе во фелата, независно од општествените неприлики. Сметам дека поседувам како што и досега сум покажал елан, план, енергија, знаење. Сето тоа потврдено преку меѓународното искуство со скоро 13 месечен престој во ЕСЧП, повеќенеделен работен престој во Кралството Холадија, како и во СР Германија, итн. Посветен сум на професијата, немам афери зад себе“, посочува Димовски за „А1он“.
В.д. директорот Бесир Алиу, кој е и член на Управниот одбор на Академијата и јавен обвинител на Основното јавно обвинителство Тетово, кажа дека кандидатурата на Димовски е испратена по пошта во рамки на временскиот рок. Посочи дека поштарот ја згрешил адресата, па документите стигнале денеска и истите мора да се разгледаат.
Во салата беа присутни скоро сите членови на Управниот одбор, освен, Беса Адеми, претседателка на Врховниот суд чија снаа е слушател на Академијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Пролетен неделен ден во зима со температури до 16 степени
Претпладне по одделни котлини ќе има услови за појава на утринска магла. Во текот на денот ќе преовладува сончево време со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб ветер претежно од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 5, а максималната ќе достигне од 12 до 16 Целзиусови степени, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи.
Во Скопје, исто така се очекува сончево време со мала до умерена облачност и со слаб југоисточен ветер. Во делови од котлината ќе има услови за појава на утринска магла. Минималната температура се очекува да се спушти до 0, а максималната да достигне до 15 Целзиусови степени.
Според синоптичарите, до среда ќе се задржи стабилно и релативно топло време. Утрата ќе бидат постудени со појава на слаба магла по одделни котлини. Во четврток и петок ќе има услови за слаби локални врнежи од дожд.
Македонија
Родителите на децата загинати во Пулс порачаа дека правда мора да има
Родителите на загинатите во трагичниот пожар во „Пулс“ поладнево на „Марш за ангелите“ порачаа дека нема да дозволат одговорните за трагедијата на нивните деца да ја избегнат правдата, иако, велат на обвинителната купа седат само дел од лицата поврзани со трагедијата.
-Суштината е одговорноста. Факт е дека денес на обвинителна клупа седат дел од лицата поврзани со трагедијата. Но, исто така факт е – болен, непобитен факт – дека постојат луѓе со многу поголема моќ, обврски и надлежности, кои воопшто не се ни опфатени. Луѓе кои имале должност да спречат, а не спречиле, рече Александар Наунов, претседател на Здружението на граѓани „16 Март 2025 Кочани“.
Тој, во изјавата за медиумите, истакна дека се најавува свикување колегиум на обвинителите за повторно разгледување и евентуално ослободување на дел од обвинетите.
-Колегиумот (на обвинители) може да прегледува документи, но не може да брише факти, не може да брише пропусти, не може да брише нечии должности што биле игнорирани. Не може да избрише нечие непостапување кога тоа било прашање на живот и смрт, смета претседателот на ЗГ „16 март 2025 Кочани“.
Според Наунов, суштината не е во тоа кој трчал, кој се плашел, а кој спасувал, туку кој имал должност, а не ја извршил.
-Ние не сме овде за одмазда. Ние сме овде за правда. За ред. За систем што ќе ги штити децата – не систем што ќе ги остави да загинат. Родителите никогаш не се откажуваат. Можеби ќе нè уморите, но нема да нè скршите. Можеби ќе не одолговлекувате, но нема да не замолчите. Вистината ќе излезе на виделина, рече Наунов.
Протестниот марш денеска започна од „Паркот на Револуцијата“, а заврши пред Основниот суд и обвинителство во Кочани.
Македонија
Претседателката за утре го свика Советот за безбедност
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска – Давкова за утре – 1 март 2026 година, закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.

