Македонија
И Никола Тодоров остана без полициско обезбедување
МВР му го укина полициското обезбедување на ексминистерот за здравство, Никола Тодоров, потврдија од Mинистерството.
,,По претходно направени проценки за безбедноста и ризикот на поранешниот прв човек на УБК, Сашо Мијалков и на поранешниот министер за здравство Никола Тодоров беше донесена одлука со која им се укинува полициското обезбедување. Полициско обезбедување не користи ниту поранешниот премиер Емил Димитриев , кој беше дел од техничката влада. Моментално од поранешните функционери користи обезбедување само експремиерот Никола Груевски, кое согласно законот му следува во период колку што му траел мандатот”, изјавија од МВР за ,,Макфакс”.
Тодоров доби обезбедување откако беше нападнат пред министерската зграда од страна на дедото на малата Тамара, Љупчо Стојановски, кој пукаше во него. Ексминистерот користеше обезбедување нешто повеќе од една година. Безбедносната мерка за него стапи на сила во јуни 2017 година.
Последните два месецa се ревидираат безбедносните проценки за сите лица кои досега користеле полициско обезбедување. Најголем дел од поранешните функционери, кои биле опфатени со ревизијата, останале без обезбедување бидејќи било оценето дека нема опасност za нивните животи.
Освен Тодоров, без обезбедување остана и ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре променливо облачно време, попладне дожд
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта ќе има услови за повремен локален дожд, информира УХМР.
Претпладне тивко, а попладне ќе дува слаб до умерен ветер во западните делови од западен, а во источните и долж Повардарието умерен повремено засилен ветер од северозападен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 3, а максималната ќе достигне од 11 до 17 степени.
Во Скопје, ончево со умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и суво време, освен утре кон крајот на денот кога ќе има услови за слаб локален дожд.
До петок ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северозападен правец кој ќе биде поизразен долж Повардарието.
Од петок ветерот ќе го смени правецот во југоисточен. За време на викендот облачноста ќе се зголеми.
Македонија
Утре прекинато водоснабдување во делови од неколку скопски општини
Од ЈП Водовод и Канализација известуваaт дека утре ( вторник ) се планирани неколку интервенции и тоа:
· поради изведување на водоводен приклучок на ул.Борис Трајковски 212, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица (место викано Каменик). Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.(општина Кисела Вода)
· поради изведување на водоводен приклучок ф-150 мм на ул.Варшавска 4, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од Варшавска и дел од бул.8-ми Септември. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со работните активности.(општина Карпош)
· поради изведување на водоводен приклучок ф-100 мм на ул.Боца Иванова бб(за АБЦ Комерц),
прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од Боца Иванова,Томе Пуре, Душко Поповиќ, Александар Бујнов, Бетовенова и дел од Петар Манџуков. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со работните активности.(општина Бутел)
· поради изведување на водоводен приклучок ф-80 мм на ул.20 –ти Октомври 44 прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.(општина Центар)
Македонија
Јаневска: Со универзитетите го подготвивме и со конструктивна дебата ќе го завршиме Законот за високото образование
Министерството за образование и наука не е спротивставена страна на академската заедница, напротив во соработка со Универзитетите го започнавме и на ист начин ќе го завршиме Законот за високото образование, изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска, пред почетокот на 4-тата јавна дебата, што денес се одржа на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Министерката уште еднаш нагласи дека сè што работната група смета дека е прифатливо, ќе биде инкорпорирано во новата драфт верзија на Законот, која потоа повторно ќе биде поставена неколку дена на ЕНЕР.
– Последниве денови се изнаслушавме дезинформации и лаги дека се укинува вонредното студирање, дека државата не финансира објавување на научно-истражувачки трудови и други. Лагите и дезинформациите, претпоставувам, треба да бидат на штета на министерот или на партијата, но во суштина се на штета на државата и на младите луѓе кои живеат во неа и апелирам дека треба да се престане со тоа, затоа што сме отворени за секоја конструктивна критика. И сè што сметаме дека е во ред, ќе биде внесено во законот, додаде Јаневска.
За дебатата со приватните универзитети, министерката рече дека била конструктивна и дека се договориле речиси за сè.
– Јас сум многу среќна што приватните универзитети реагираа на високо ниво. Се договоривме со нив, кога ќе го завршуваме законот, дополнително уште еднаш ќе се видиме, за да провериме дали е сè во ред и ќе ја затвориме тогаш последната драфт верзија, рече Јаневска.
Прашана за можноста за бесплатно високо образование, Јаневска објасни дека сите категории студенти што треба да го имаат, веќе го имаат.
– Накусо, студентите кои се без родители, од самохрани и еднородителски семејства, со попреченост и сл., со овој закон се ослободени од партиципација. Студентите кои се од ранливи категории, со ниски примања, добиваат стипендии. Што значи 2 месеци од стипендијата што ја примаат 9 месеци, им ги покрива трошоците за студирање. Студентиве од истиве категории, кои се сместени во студентските домови, исто така се максимално повластени. Нашите студенти, само ако се запишат на универзитет, добиваат средства за студентски оброк, изјави Јаневска.

