Македонија
И по неколкуте смртни случаи на Детската клиника, Таравари резервиран: За разрешување и именување директори не ни требаат емоции, туку податоци
Се проверува начинот на кој Реџеп Мемеди раководи со Детската клиника по неколкуте смртни случаи на деца и бебиња изминативе месеци откако тој е директор. Министерот за здравство Арбен Таравари на прашањето дали ќе го смени директорот откога вчера Државниот санитарен и здравствен инспекторат утврди дека имало пропусти во лекувањето на починатото седуммесечно бебе, одговори резервирано.
„Секако дека како Министерство за неколку директори веќе правиме евалуација за тоа како ги водат клиниките, колку стручно и колку компетентно и според тоа и ќе одговориме. Не ни требаат емоции во именување и разрешување, ни требаат податоци. Да видиме и онаму каде што има незадоволство, не се функционира како што треба, секако ќе се преземаат чекори. Ги евалуираме повеќето директори. Ни требаат повеќе индикатори, не сакаме емоционално да постапиме. Ни требаат сигурни докази онаму каде што гледаме дека директорите не раководат баш како што треба да се заменат со подобри“, рече министерот Таравари.
Тој нагласи дека е забележливо незадоволство не само во Детската клиника туку и во клиниката во Козле. Ги прифатил незадоволните, разговарал со нив, но на разговор ја повикал и директорката за да може да донесе, како што нагласи, коректна и прагматична одлука.
Последниот смртен случај за кој вчера Санитарниот инспекторат утврди пропусти во лекувањето беше во неделата кога почина седуммесечно бебе за кое Детската клиника првин одбила хоспитализација, а откога му се влошила состојбата, два дена подоцна, го примиле на болничко лекување.
На почетокот на минатиот месец, на истата клиника, по две недели лекување од мозочен удар, почина петгодишно девојче примено со силна главоболка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ е на страната на Мадуро, тие и по 48 часа се без став за апсењето на венецуелскиот диктатор
Владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека опозициската СДСМ и по 48 часа нема изнесено став за апсењето на венецуелскиот лидер Николас Мадуро, оценувајќи дека со тоа застанала на страната на, како што наведуваат, „соборениот венецуелски диктатор“.
Од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека молкот на СДСМ ја вбројува партијата меѓу ретките политички субјекти кои, според нив, поддржуваат режим, диктатура и трговија со дрога. Во соопштението се наведува дека досега не бил чуен став ниту од лидерот на СДСМ Венко Филипче, за кого тврдат дека во моментот престојува во зимскиот туристички центар Гармиш-Партенкирхен.
„СДС веројатно под влијание на своите ментори и ПР стратези од северот се стави во групата партии поддржувачи на Мадуро. Сето ова има два вида на објаснување. Или СДС скршна од курсот за стратешко пријателство со САД или причината е многу поедноставна – Зоки Заев и Венко се зафатени со зимски лудории во Гармиш-Партенкирхен каде се на зимски распуст“, се додава во партиското соопштение.
Македонија
ССНМ: Дигиталниот напад врз „Слободен печат“ е напад врз слободата на медиумите
Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници бара брза, итна и енергична акција на Основното јавно обвинителство и на Министерството за внатрешни работи при координираната и злонамерна активност насочена кон профилите на „Слободен печат“ на социјалната мрежа Инстаграм.
„Оваа очигледно организирана и нарачана активност, предизвикана од масовни пријавувања на содржините е со јасна цел, нарушување на работата на редакцијата и форма на притисок врз медиумот кој со ништо не ги нарушил правилата на платформата.
ССНМ смета дека овој вид на напади, а во случајот на Слободен печат, циклично и констатно се повторуваат, е директно загрозување на слободата на изразување, правото на информирање и безбедност на онлајн просторот, и бара итна институционална акција на надлежните органи, во прв ред на Основното јавно обвинителство и МВР. Тие мора да преземат се што е во нивна надлежност и на медиумите кои се глас на јавноста и совест на општеството да им овозможат непречена работа.
Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници се надева дека Слободен печат како еден од водечките медиуми во земјава нема да запре со одговорното и транспарентно работење и ќе продолжи со професионалното новинарство иако предизвиците се огромни, но подлегнување на обидите за замолчување преку новите начини на дигитален притисок ќе бидат исполнување на целта на лицата или интересните групи“, велат од ССНМ.
Фото: pexels
Македонија
Македонски Концепт бара резолуција за осуда на комунизмот и закон за забрана на неговите симболи
Централниот комитет на Македонски Концепт повика на донесување Резолуција за осуда на комунизмот и Закон за забрана на комунистичките симболи и тоталитарната идеологија, наведувајќи дека вакви чекори веќе презеле Полска и Чешка, кои со закон ја изедначиле комунистичката со нацистичката пропаганда.
Од партијата посочуваат дека тие земји претставуваат патоказ за целосна интеграција во Европската Унија и сметаат дека исто законско решение треба да донесе и Македонија. Како прв чекор се предлага усвојување резолуција во Собранието, а потоа и закон со кој, како што наведуваат, би се затворила правната празнина што овозможувала глорификација на тоталитарен режим.
Во соопштението се наведува дека со законското решение би се спречиле, како што велат, обидите за рехабилитација на комунистичкото минато и негова политичка злоупотреба. Македонски Концепт бара криминализација и забрана на јавната употреба на комунистички симболи, како и третирање на говори и собири кои поттикнуваат омраза или сузбивање на човековите права на ист начин како и нацистичката идеологија.
Дополнително, од партијата бараат забрана за финансирање движења и политички субјекти кои, според нив, промовираат тоталитарни идеи, како и официјално признавање на криминалите извршени од комунистичкиот режим во Македонија. Во текстот се споменува и барање за конфискација на економските и политичките привилегии стекнати во периодот на тој режим.
Од Македонски Концепт оценуваат дека тврдењата на левичарските структури оти ваквите иницијативи се напад врз демократијата претставуваат, како што наведуваат, избегнување на соочување со минатото, додавајќи дека демократијата се заштитува со јасно разграничување меѓу политички дијалог и глорификација на тоталитарни режими.

