Македонија
И преглед кај матичен лекар ќе се закажува електронски, хронично болните и итните случаи не треба да закажуваат
Некои од пациентите ќе добијат можност за преглед кај матичниот лекар електронски да си закажат термин. Оваа новина, меѓу другите, е предвидена со реформите во примарното здравство за кои денес министерот за здравство, Фатмир Меџити, извести дека се веќе почнати. Закажување термин за преглед кај матичен лекар нема да биде неопходно за сите пациенти, туку само за оние што, поради други обврски, може да одат на лекар само во одредено време.
„Оние пациенти што имаат обврски или нема кој да им ги чува децата, ќе може во точно одредено време да си закажат термин за преглед кај матичните лекари. Терминот кај матичниот лекар нема да биде по принципот сè или ништо, не значи дека сите мора да закажуваат термин. Секако, ќе има пациенти, кои се хронично болни, кои имаат акутни случаи, кои ќе може во кој било момент да влезат во ординација. Некои од термините се планира да бидат со можност за закажување. Работиме на модулот во насока на тоа електронско закажување кај матичен лекар. Ако се реализира, нема да биде по принципот сè или ништо. Некои од термините ќе бидат оставени за хроничните и за итните пациенти. Тоа е начинот што планираме да го примениме“, рече Злате Мехмедовиќ, координатор на реформите за примарната здравствена заштита.
Освен електронското закажување, новина за матичните лекари е и тоа што со реформите тие ќе може да ги препишуваат лековите што досега ги препишуваа само лекарите специјалисти, а ќе може да издаваат и соодветни упати за лаборатории за следење на пациентите со висок крвен притисок, со дијабетес, со хронична опструктивна белодробна болест (ХОББ), астма и проблеми со тироидната жлезда.
„Главната порака е дека правиме децентрализација на системот, ги доближуваме услугите до граѓаните, до нивниот дом. Нема потреба од закажување кај специјалист, а кои се во насока само да се препише терапија или да се направи одредена дијагностичка процедура. Сега матичните лекари ќе препишуваат повеќе лекови за контрола на крвниот притисок, повеќе лекови за контрола на мастите кај дијабетичарите, повеќе лекови за контрола на астма и ХОББ, повеќе лекови за контрола на хипотироидизмот. Во насока на тоа матичните лекари имаат поголеми ингеренции за дијагностика, може да препишуваат упати за лабораторија со цел да го следат пациентот и може да ги препишуваат лековите што досега ги препишуваа лекарите специјалисти. Постојат два типа рецепти детерминирани во Фондот за здравствено осигурување. Едниот е Р, кој го препишува матичниот лекар, а вториот е РС, кој го препишува лекар специјалист. Сега РС-лекот ќе може да го препишуваат матичните лекари. Тоа е нешто што подолго време и матичните лекари преку своите здруженија го бараа за да може подобро да ги контролираат своите пациенти. Истите протоколи што беа следени од специјалистите сега ќе бидат следени од матичните лекари, нема да изгубиме ништо од квалитетот на лекувањето. Матичните лекари ќе ги третираат и крвниот притисок, и дијабетесот, и хипотироидизмот, и ХОББ, и астма“, објасни Мехмедовиќ.
Одлука кој пациент ќе треба да оди на специјалист ќе носи матичниот лекар следејќи ги протоколите што ќе им бидат доставени на сите ординации. Целта на реформите е во рана фаза да се откријат лица што имаат здравствени проблеми за да се намалат трошоците што следуваат за лекување на болеста откога таа ќе стигне во одмината фаза.
Досегашните скрининзи на населението за овие болести Мехмедовиќ вели дека се покажале како нефункционални, па затоа матичните лекари ќе добијат обврска кога кај нив ќе се појави пациент за која било здравствена услуга, доколку има показатели за некоја од овие болести, да му направат контрола и испитувања.
Освен нови обврски, Мехмедовиќ рече дека за матичните лекари ќе се обезбедат финансиски средства за нова опрема, неопходна за прегледите, за вработување втора медицинска сестра и администратор.
Министерот Меџити смета дека со реформите во примарното здравство пациентите ќе заштедат и пари и време оти нема да бидат обврзани за секоја терапија да доаѓаат во Скопје. Најави и подобрување на електронскиот систем за издавање лекови во аптеките.
„Точно ќе се знае дали една ампула е издадена во Гевгелија или во Гостивар“, рече министерот Меџити.
На реформата на примарното здравство министерот Меџити и координаторот Мехмедовиќ рекоа дека работат од 2018 година, а во рамките на овие реформи објаснија дека е и ревидирањето на листата на позитивни лекови, процес што е веќе почнат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: СДС и ДУИ наложувале, а Судски совет експресно, за само еден ден, разрешувале судии неподобни за тогашната власт, како Катевеновски од Врховен
„Власта на СДС целосно го зароби судството и го стави под своја контрола. Со притисоци и уцени се морало да биде по нејзин терк“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„По насока на СДС и Зоран Заев се бирале подобни и послушни судии и обвинители, и по нивна насока, експресно, за еден ден се реазрешувале непристрасни судии и професионалци кои не беа под нивна контрола.
Таков е и примерот на поранешниот судија во Врховниот суд, Ристо Катевеновски кој тоа отворено, пред целата македонска јавност, го кажува.
Во свое телевизиско гостување, Катевеновски тврди дека бил разрешен поради тоа што не дал позитивно мислење за судски случај по барање на тогашната власт и коалициски партнери СДС и ДУИ.
Станува збор за судско рочиште на кое поранешниот судија истакнал дека нема да даде позитивно мислење во случајот поврзан со поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска и дека за тоа ќе биде потребно да се разговара со неговите колеги за понатамошно дејствие.
После само еден ден од оваа негова изјава Судски совет свикал итна седница на која експресно бил разрешен иако, како што вели Катевеновски, изјавата била дадена зад затворени врати.
Тој посочува дека неговото разрешување не било случајно, туку истото дошло од тогашните власти СДС и ДУИ, односно Зоран Заев и Али Ахмети.
Тоа што во изминатите години го зборуваме, дека СДС и ДУИ под своја целосна контрола го ставиле судството и обвинителството и дека судиите и обвинителите ги бирале во партиските седишта во Струмица и Зајас, веќе се потврдува со јавни сведоштва.
СДС и ДУИ, на чело со Заев и Ахмети одлучувале кој ќе се апси, а кој ќе се апстрахира од одговорност од одреден случај.
Овој случај уште еднаш покажува дека СДС и ДУИ си ја партизираа државата и ги заробија институциите.
Тоа време веќе заврши и за тоа е потребна одговорност“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
СДСМ: Власта да покаже конструктивност заради работниците, да го поддржи Законот за 600 евра плата
Додека граѓаните едвај врзуваат крај со крај, додека цените растат, синдикалната кошничка надминува 67.000 денари, власта продолжува да се луксузира со авион, мебел, нови возила, кабинети и удобност за функционерите, велат од СДСМ.
„Ова е срамно и безобразно. Работниците се приморани да протестираат на улиците за поголеми плати, за достоинствен живот. Бараат минимална плата од 600 евра за да можат да ги прехранат своите семејства и да платат сметки. Законот на СДСМ за 600 евра минимална плата е на дневен ред во Собранието. Еве шанса власта да биде конструктивна, заради работниците. Дадовме предлог со конкретно решение, поддржете го. Пари има. Со ребаланс на буџетот, наместо авион, наместо мебел, нови коли, луксузни кабинети, патувања, репрезентации, тендери може да се пренаменат за 600 евра минимална плата. Доста е луксуз на власта, време е парите да се насочат кон работниците“, стои во соопштението на СДСМ.
Македонија
(Фото) Ѓорѓиевски и Мицкоски на увид во градежните активности на булеварот „Македонија“
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски и премиерот Христијан Мицкоски синоќа извршија теренски увид во градежните работи на булеварот „Македонија“ со кој главниот град ќе ја добие својата прва подземна сообраќајница.
Ѓорѓиевски вели дека работата се одвива со засилена динамика, десетици камиони и градежни машини се на терен, дури и во вечерните часови, кога сообраќајот е намален и не се создаваат дополнителни гужви.
„Иако третата фаза, подземната сообраќајница е веќе изградена, нејзиното целосно ставање во функција е возможно само со реализација на сите фази. Првата фаза започна пред неколку недели и веќе се реализира со конкретни активности на терен. Во рамки на оваа етапа се врши реконструкција и рехабилитација на постоечкиот коловоз, како и проширување на одделни коловозни ленти со цел значително подобрување на проточноста и функционалноста на сообраќајот. Проектот ги опфаќа булеварот „Борис Трајковски“ (кај Рампа), улиците „11 Октомври“ и „Пролет“, како и крак од булеварот „Македонија“ до приклучокот на булеварот „Борис Трајковски“, од каде продолжува кон следната фаза. Предвидено е и проширување на улицата „Пролет“, на потегот од ПС Пролет до Тутунскиот комбинат, со дополнителна коловозна лента. Раскрсницата на овој потег, од безбедносни причини, ќе биде уредена со два острови во форма на триаголник и три во форма на солза, со што значително ќе се зголеми безбедноста на сите учесници во сообраќајот. На потегот од улицата „Пролет“ кон Лимак, како и од Лимак кон булеварот „Борис Трајковски“, се воведува еднонасочен режим на сообраќај, додека на раскрсницата меѓу булеварот „Борис Трајковски“ и улицата „11 Октомври“ ќе бидат поставени нови, современи семафори“, објави градоначалникот на Скопје.
Во наредните фази, додава тој, е предвидена изградба на кружен тек кај „Нова Македонија“, како и уште два кружни текови на потегот меѓу булеварот „Кочо Рацин“ и улицата „Јордан Мијалков“ (Железничка), како и проширување на булеварот „Св. Кирил и Методиј“.
„Паралелно со коловозната инфраструктура, се изведува и атмосферска канализација со поставување на повеќе од 60 шахти и сливници – значаен чекор кон поотпорна, одржлива и функционална урбана инфраструктура. Подземната сообраќајница ќе располага со шест ленти – четири за двосмерен автомобилски сообраќај и две наменети за јавен превоз, како и дополнителни пешачки патеки. Со нејзиното пуштање во употреба се очекува значително намалување на метежот, побрзо и поефикасно движење низ централното градско подрачје и создавање на побезбеден, поуреден и покомфорен урбан простор“, стои во објавата на Ѓорѓиевски.

