Македонија
Каевски: Обвинувањата на ОЈО се неосновани и тенденциозни, тврдам дека го немам прекршено законот
Поранешниот директор на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски ги отфрли сите обвинувања на ОЈО против него, кои, како што рече се неосновани и тенденциозни.

„Најодговорно тврдам дека го немам прекршено законот во ниту еден случај и тоа ќе се докаже. Очекувам и во исто време сум убеден дека во една јавна, транспарентна, фер постапка ќе се докаже вистината и целосна моја невиност. Ништо од ова нема основа и затоа што фактите покажуваат дека:
1. Ниту сум можел ниту сум влијаел, ниту сум поттикнувал било кој од Централната Комисија. Особено што е именувана од друг орган надлежен по Закон, на владина седница. Дополнително сите членови во своите изјави кажале дека не сум присуствувал на работа на комисијата ниту сум давал сугестии. Се е јасно.
2. Во делот на надзорот според тогашниот закон за спорт член 14е, извештајот се доставува до следната календарска година од добиените ваучери најдоцна до 15ти јуни или во конкретниот случај тоа е до 15.06.2021 година, период во кој што јас не сум директор на АМС.
Не навлегувам во мотивите на ОЈО да бидам опфатен со ваква постапка, постои сомнеж дека ова е можеби и злоупотреба за избораната кампања, но едно е сигурно вистината ќе се потврди. Дополнително на ова вештачењето е од 25.04.2024 година ден после првиот круг од претседателските избори, а предлогот е доставен за 3 работни дена потоа“, напиша Каевски.
Неговата реакција следува по денешната објава на Јавното обвинителство дека е поднесено барање за обезбедување мерки за претпазливост за 12 лица од Агенцијата за млади и спорт, во врска со случајот за распределба на средства од ваучер системот.
„Постапувајќи по поднесената иницијатива од Државната комисија за спречување на корупцијата, надлежниот јавен обвинител поднел обвинителен предлог против 12 лица за кривични дела – Злоупотреба на службена положба и Несовесно работење. За осомничените до Основниот кривичен суд Скопје е доставен предлог за определување мерки на претпазливост“, соопшти Обвинителството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Измамена 76-годишна битолчанка: се претставил како лекар и ѝ зел 7.000 евра за да ја спаси внуката повредена во сообраќајка
Во полицијата во Битола, 76-годишна жена вчера пријавила дека била измамена за 7.000 евра.
„76-годишна жена од Битола пријави дека била измамена од страна на непознато машко лице, кое и се јавило на телефон и ѝ се претставило како лекар, по што и кажало дека нејзината внука е тешко повредена во сообраќајна несреќа и треба да даде пари за да ѝ го спаси животот. Пријавителката заедно со сопругот однеле 7000 евра и ги дале на едно лице кое, според договорот, ги чекало кај саатот во Битола. Подоцна, пријавителката сфатила дека била измамена односно дека нејзината внука не учествувала во сообраќајна несреќа“, соопшти МВР.
Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.
Македонија
Панична пропаганда се за Петрушевски обвинувањата од СДСМ за реформите во ВМРО-ДПМНЕ
„Обвинувањата на СДС се класичен пример на панична пропаганда без факти и без аргументи“, рече денес пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, одговарајќи на обвинувањата од СДСМ дека место нови лица старата банда е реформата во ВМРО-ДПМНЕ.
„Факт е дека Драган Ковачки поседува валиден НАТО сертификат, што целосно ги демантира лагите дека бил ’одбиен од НАТО’ или дека не исполнувал безбедносни услови. Сѐ друго е злонамерна конструкција за дневнополитички потреби. ВМРО-ДПМНЕ спроведува внатрепартиски реформи согласно Статутот и со јасна цел, ефикасна, одговорна и европски ориентирана партија. Обвинувањата за наводна контрола врз институции и медиуми се неосновани и доаѓаат од структури кои со години ја злоупотребуваа државата и сега се плашат од одговорност“, рече Петрушевски.
ВМРО-ДПМНЕ, како што нагласи Петрушевски, останува цврсто посветена на политиките што значат Македонија интегрирана во ЕУ, стабилен НАТО партнер и заштита на државните и националните интереси.
Македонија
Во 15 контејнери собран над еден тон текстилен отпад во Кисела Вода: жителите на Расадник со најголем интерес
Еден тон текстилен отпад е собран за само еден месец од поставувањето на првите контејнери за текстилен отпад на територијата на општина Кисела Вода, соопштија денес општинските власти.
Според податоците добиени од лиценцираната компанија ЕКО-ТЕКС ГРУП ДОО Скопје, најголема количина е собрана од контејнерот поставен во населбата Расадник, што општинарите велат дека укажува на висок интерес и активна вклученост на граѓаните во процесот на селектирање и правилно одлагање на текстилниот отпад.
„Во моментов се поставени 15 контејнери на различни локации пред месните заедници, а паралелно се изработуваат уште 15 нови, кои во следната фаза ќе бидат поставени пред основните училишта и детските градинки. Со тоа, вкупниот број ќе достигне 30 контејнери, а иницијативата ќе добие и силна едукативна компонента, насочена кон најмладите“, велат од Општината.
Ова е првпат во општина Кисела Вода да се воспоставува ваков систем за собирање текстилен отпад, преку договорот што беше потпишан меѓу градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска и Фаик Мифтари, управител на ЕКО-ТЕКС ГРУП ДОО Скопје.
„Со поставувањето на контејнерите за текстилен отпад правиме уште еден суштински исчекор кон современо, одговорно и одржливо управување со отпадот. Фактот што за само еден месец е собран еден тон текстилен отпад покажува дека граѓаните ја препознаваат важноста на оваа иницијатива. Ова партнерство не претставува само техничко решение, туку вложување во едукацијата, свеста и иднината на нашата заедница. Преку ваквите проекти испраќаме јасна порака дека заштитата на животната средина е заедничка обврска и трајна вредност. Искрена благодарност до ЕКО-ТЕКС ГРУП за нивната општествена одговорност и придонесот кон почиста и поздрава околина“, рече градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска.

