Македонија
Камчев: На снимките со Јовановски и Кичеец, се извадени четири – пет луѓе, не знам зошто
Бизнисменот Орце Камчев на сведочењето за „Меѓународен сојуз“ рече дека проектот што му бил нуден од Бојан Јовановски со потпис од Лазар Јанев, синот на Катица Јанева, бил фиктивен, со цел да се заработат пари. Одговарајќи на прашања од првобвинетиот Јовановски, Камчев рече дека му платил 150.000 евра за да купи време за својата слобода.
„Кога Бојан Јовановски дојде со Милевски, тој договор беше условен дека со помош на Министерството за труд и социјална политика ќе биде побарана локација, каде што имаше сериозни врски. Се фалеше со слики од премиерот, а викаше дека 20 отсто од средствата ќе бидат субвенционирани од Министерството за труд и социјална политика. Ми кажа дека Охрид и Битола се зафатени, Карпош е бојкотиран. Додека купував време за својата слобода, кога го правев тоа што го правев за да те тргнам ‘из такво’, ти понудив два договора од 150.000 евра. Едната фактура од ‘Ок медија’ и една од ‘Систина’ се платени на ‘1ТВ’ за рекет. Во Македонија не постои телевизииска куќа со договор од 150 илјади евра, без прајмтајм-термини. Договорите се платени на твојата телевизија бидејќи проектот беше таков каков што беше. Јасна Мандиќ може да го потврди тоа“, рече Камчев.
Орце Камчев рече дека од снимките што беа изведени во случајот „Рекет“, а на кои се гледаат Зоран Милевски-Кичеец и Бојан Јовановски со торба, биле извадени четири-пет луѓе, кои ги имало регистрирано на видеонадзорот.
„Зоран Милевски-Кичеец ве донесе кај мене во канцеларија за да го презентирате проектот. Лицето Зоран Милевски-Кичеец во тоа време работеше во една од моите компании. Ме посетувале илјадиници луѓе дома – од политика, министерство, Обвинителство. Уште четири-пет луѓе не се извадени од снимките, не знам зошто. Вие сте биле секојдневие, не мислам на вас, вие сте биле кај мене и на контролни прегледи, да видам до каде ви е зарасната раната“, рече Камчев одговарајќи на прашања од Бојан Јовановски.
Бизнисменот рече дека не е сопственик на ниту една од компаниите.
„Сточарство, земјоделство, произведување сирење, млеко, породилиште, болница за бебиња, болница за срце, општа клиничка болница, центри за дијализа, фабрики за текстил, чевли, фабрики за арско ѓубриво, кое се преработува од говедата – преработка на гомна, производство на ковид-маски и така натаму. Никаде не сум сопственик. Во последните 15 години не поседувам ни една акција ни една компанија. Јас како одговорно лице во компаниите сум потпишувал партнерски договори“, рече Камчев запрашан да наброи со што се занимаваат неговите компании, но и да одговори дали е нивен сопственик.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ реагира: Ако СДСМ не ја краделе државата, минималната плата денес ќе беше и повисока
Предлог-законот на СДСМ за минимална плата од 600 евра е доказ дека доколку не ја краделе државата додека биле на власт, работниците денес ќе имале и повисока минимална плата, соопштуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата наведуваат дека СДСМ денес поднеле предлог-закон со кој се предвидува минимална плата од 600 евра и дека во истиот навеле дека за таа мерка се потребни околу 7,5 милијарди денари, односно околу 110 милиони евра, но не објасниле од каде би се обезбедиле тие средства.
Според ВМРО-ДПМНЕ, добрата страна на предлог-законот е што, како што велат, покажува дека СДС имале можност во минатото да ја зголемат минималната плата и до 600 евра, но тоа не го направиле.
Во реакцијата се наведува и дека доколку не била дозволена злоупотреба на околу 170 милиони евра државни пари за набавка на, како што велат, канцероген мазут со кој бил загадуван воздухот, работниците денес можеле да имаат и повисока минимална плата, можеби и од 700 евра.
Од ВМРО-ДПМНЕ дополнуваат дека СДСМ и ДУИ, според нив, наместо да работат во интерес на граѓаните, гледале како да ја ограбат државата и да си ги наполнат сопствените џебови.
Македонија
Променливо облачно со повремен дожд: снег на планините и заладување во недела
Утре времето ќе биде променливо облачно, со слаб повремен локален дожд, а на планините и на повисоките места со слаб снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од променлив правец. Минималните температури ќе се движат од 0 до 6 степени, а максималните од 7 до 11 степени.
Во Скопје ќе преовладува променливо облачно време со повремен слаб дожд. Минималната температура ќе се спушти до 5 степени, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Во наредните денови продолжува периодот на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Пообилни врнежи се очекуваат во недела, кога дождот ќе преминува во снег и во дел од пониските места.
Македонија
Јаневска: Македонија доби 8,2 милиони евра од ЕУ за спроведување на ЕРАЗМУС програмата во 2026 година
За спроведување на ЕРАЗМУС + програмата на Европската комисија наменета за образование, обука, млади и спорт, Македонија годинава доби најголем буџет откако во истата учествува како програмска земја. Со речиси 8,2 милиони евра ќе се финансираат заеднички проекти на македонските образовни установи, институции и граѓански организации со партнери од земјите во ЕУ, како и кратки истражувачки и студиски посети.
Можностите за вмрежување, приоритетните области, постапката за изработка и роковите за аплицирање со проекти денес беа претставени на конференција на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во присуство на ректори на јавните и приватните високообразовни установи во државава, претставници на училишта, граѓански здруженија и други потенцијални корисници на средства во рамки на ЕРАЗМУС програмата, се обратија претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, министерката за образование и наука Весна Јаневска и директорката на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Ана Михајлов.
На конференцијата беше посочено дека во фокусот на програмата се младите, односно јакнење на нивното знаење и вештини во границите на ЕУ, со кои потоа ќе придонесат за развој на сопствената држава.
Министерката Јаневска смета дека и оваа година ќе има ефикасна искористеност на можностите, затоа што државата има зајакната законска основа во која задолжителни компоненти се мобилноста, европската димензија и меѓународната соработка, зајакнати се и капацитетите на Националната агенција каде има ново раководство и добра внатрешна структура, а воедно и МОН како национален авторитет ги засилува механизмите за контрола на целиот процес за спроведување на програмата ЕРАЗМУС.
Таа ги повика заинтересираните кандидати да ги разгледаат можностите и со свои проекти да аплицираат на повиците за распределба на средства, што Националната агенција ќе ги објави на 19 февруари, односно на 5 март.
Македонија е дел од ЕРАЗМУС програмата уште од нејзиното воведување од страна на Европската комисија во 2014 година, кога буџетот изнесуваше 3,5 милиони евра.

