Македонија
(Видео) Канческа-Милевска доби слобода за „Тендери“, Шабани, по пет години судење, рече дека ништо од обвинението не е докажано
Судијата Осман Шабани ѝ даде ослободителна пресуда на ексминистерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска. Тој и судиите поротници ги анализирале сите докази по што утврдиле дека јавниот обвинител не докажал оти таа ја фаворизирала фирмата „Бетон“ од Штип да го гради Музејот на ВМРО. Додаде дека не е докажано ниту дека имало градежни работи уште пред тендерот да биде распишан. Ослободени се и другите тројца обвинети.
„Јавниот обвинител не успеа да ја докаже вината кај обвинетите надвор од разумно сомневање. Обвинетите се ослободуваат од обвинение“, рече Шабани.
„Јавниот обвинител не понуди конкретни докази дека обвинетата преку второобвинетата договорила, откога ќе се објави огласот, тендерот да му биде доделен на АД ‘Бетон’ – Штип. Обвинелството не докажа како обвинетите го фаворизирале ‘Бетон’ АД Штип. Остана недокажано дека се извршени градежни активности пред да биде распишана постапка, тоа се докажа со супервештачењето. Јавниот обвинител не докажа дека јавната набавка е спротивна на Законот за јавните набавки, дека постои нееднаков третман, дека процесот бил на нетранспарентен начин. Недокажани останаа и другите тврдења од обвинителниот акт во смисла на тоа дека сведокот Ангелина Недевска, член на комисијата за јавни набавки, не знаела дека се спроведуваат градежни работи. Јавниот обвинител не докажа дека се изведувани градежни работи предвиден во огласот пред јавната набавка. Од градежните книги тоа не се утврди, ниту од исказите на сведоците“, рече Шабани.
Тој рече дека имало јавен оглас за завршни градежни работи, па во согласност со Законот за јавните набавки огласот бил објавен во „Службен весник“. По објавата, имало четири економски оператори, а само „Бетон“ од Штип доставил понуда.
„Во присуство на членовите на Комисијата за јавни набавки констатиран е прием на една понуда. Извршен е избор на фирма за градежни работи на музеите“, додаде Османи.
Случајот се судеше пет години. Се врати и на повторно судење бидејќи пред изрекувањето на пресудата судија поротник отиде во пензија.
Во случајот „Тендери“, покрај ексминистерката Канческа-Милевска, за злоупотреба на службената положба и овластувања се гонат уште две лица. Канческа-Милевска се товари дека ѝ наложила на фирмата „Бетон“ од Штип да изведува градежни работи на Музејот на ВМРО пред да се спроведе јавна набавка, а како основа бил искористен претходен тендер што го добила фирмата.
Според обвинението, пред да се објави оглас за доделување договор за јавна набавка и пред да се спроведе постапката, спротивно на Законот за јавните набавки пред да се донесе одлуката за потребата од јавна набавка, Канческа-Милевска преку разговори со генералниот директор на градежното претпријатие „Бетон“ од Штип наложила да се продолжи со работа на Музејот, каде што се изведувале градежни работи по претходно склучен договор за јавна набавка.
Се тврди дека ексминистерката наложила да ги изведат и сите работи што произлегувале дополнително и кои не биле опфатени во договорот за јавна набавка и во анексите, со што немало да се чекаат дваесетина дена за спроведување на новата јавна набавка. Канческа претходно договорила преку второобвинетата во комисијата за јавни набавки, кога ќе се објави огласот, договорот да го добие „Бетон“ од Штип.
СЈО го поведе случајот, а сега Обвинителството за гонење организиран криминал тврди дека тројцата обвинети (ексминистерката и двајца членови на комисијата за јавни набавки) ги злоупотребиле службената положба и овластувањето.
Пресудата во живо:
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Угинат балкански рис најден на патот Ресен – Охрид, постојат само 50-тина единки од овој вид
Угинат рис денеска е пронајден на патот Ресен – Охрид. Од Македонското еколошко друштво (МЕД) велат дека ваквиот случај не треба да нè остави рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-ина единки на балканскиот рис.
„По дојава од Здружението на ловци „Преспа-Ресен“, денеска на терен констатиравме дека е угинат рис на патот Ресен-Охрид. Во тек е координирана акција со Министерството за животна средина и просторно планирање, Државниот инспекторат за животна средина, Агенцијата за храна и ветеринарство и Македонското еколошко друштво со цел земање примероци за анализа и транспортирање на угинатото животно на Факултетот за ветеринарна медицина при УКИМ – Скопје заради обдукција“, велат од МЕД.
Од таму велат дека за зачувување на загрозените видови потребно е да се изградат зелени мостови.
„Ваквите случаи не нè оставаат рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-на единки на балканскиот рис. Истовремено, се јасен показател дека ако сакаме да ги зачуваме загрозените видови, мора да се планираат и градат зелени мостови преку кои животните ќе можат безбедно да се движат и да ги надминуваат пречките создадени од човекот“, велат од МЕД.
фото/Facebook/Македонско еколошко друштво
Македонија
Ѓорѓиевски на ифтарска вечера: Ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, присуствуваше на ифтарска вечера.

„Таму каде што почитта нè обединува! Вечерва, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, Реис ул-Улема, присуствував на традиционалната ифтарска вечера со нашите браќа и сестри од исламска вероисповед. Во духот на меѓусебната почит, разбирање и искрена човечка блискост, вечерта помина во пријатна и топла атмосфера, испраќајќи силна порака за соживот, толеранција и заедништво. Токму ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство, а почитта, наш заеднички темел“, напиша Ѓорѓиевски.

Додаде дека рамазанските денови се денови на духовна сила, добрина, солидарност и обединување, денови кога се отвораат срцата, кога се помага на ближниот и кога уште повеќе се зацврстуваат врските меѓу луѓето.
„Да продолжиме да се почитуваме, да се поддржуваме и да останеме сплотени, за заедно да ја оствариме нашата мисија – силно и модерно Скопје и просперитетна Македонија“, напиша градоначалникот.
Македонија
Предлогот за минимална плата од 600 евра не помина на Комисија во Собрание
Предлогот минималната плата да се зголеми на 36.960 денари (600 евра) од март, денеска не помина на седницата на собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика, откако официјално беше поднесен од пратеничката група на СДСМ.
Од опозицијата обвинија дека власта освен предлогот за јавна расправа го одбила и разговорот меѓу синдикатите, работодавачите и Владата.
„Предлогот за изменување и дополнување на Законот за минималната плата, поднесен од пратениците на СДСМ денеска не беше прифатен на собраниската Комисија за економски прашања. За законот дебатираа само пратениците од опозицијата. Власта го одби и предлогот за јавна расправа, одби разговор меѓу синдикатите, работодавачите и Владата. Одбија решение за работниците. Одбија 600 евра минимална плата“, велат од СДСМ.
Според нив, власта има пари за луксузирање, за мебел, чанти, авион ама нема за поголеми плати за раотниците.
„Парите за авионот не е исфрлени, нема реабаланс на Буџетот, затоа што немаат намера да се откажат. Гледаме координирана кампања на 40% од медиумите кои ги држат во сопственост преку Орбан, со наратив дека „потребен е авион“. Не запираат. Има за авион. Има за мебел. Нема за плати. Дефокус не го полни фрижидерот. Со дефокус не можете да ја оттурнете главната тема и да ги оставите работниците без леб. Мислите дека со дефокус ќе се избрише сеќавањето на авионот, часовниците од 65.000 евра, чантите од 30.000 долари?“, прашуваат од СДСМ.

