Македонија
Каранфилова -Пановска: Преку отворени и инклузивни процеси СДСМ ја зголемува внатрешната демократија
Еден од трите столба, во мерењето на индексот на транспарентност е внатрепартиската демократија, аспект кој е многу важен, затоа што внатрепартиската демократија резултира со степенот на демократизација на партиите и рефлектира како како тие партии се однесуваат кон граѓаните и кон јавноста, генерално и кога се опозиција, но и кога се на власт. Дилемата што ја наметнува истражувањето, е дека партиите генерално се порасположени да бидат демократични кога се во опозиција, отколку кога се на власт, рече заменичка претседателка на СДСМ, Фани Каранфилова Пановска на денешната панел-дискусија за транспарентност на политичките партии.
Таа се осврна на внатрепартиската демократија во СДСМ, велејќи дека доколку сега би се направиле истражувањата и мерењата, би имале малку поинакви резултати од овие кои се направени во време кога СДСМ ги загуби изборите.
– Во ноември 2024 се одржа долгоочекуваниот конгрес на СДСМ на кој беа избрани извршните и централните тела на партијата. Веќе е распишан Отворен повик за самокандидирање на претседатели на општински организации и за претседател на град Скопје. Со оглед на тоа дека лидерот на СДСМ беше избран од директни, внатрепартиски избори, а после следеше период од неколкумесечно негово консолидирање за да може да настапи со стратегија околу тоа како да се воспостави понатамошното раководство. И во тој контекст највисокиот орган на партијата, конгресот, одржа седница на 27 ноември. На последниот 30. конгрес на СДСМ каде бев избрана како заменик-претседател на партијата, функција каде се водеше сметка за родовиот баланс, што покажа дека СДСМ не само што има свесност и приоритет за родовата еднаквост, туку тоа го демонстрира и во пракса, рече Каранфилова Пановска.
Се осврна и на фактот дека при изборот на раководството и членовите, се водеше многу сметка за неколку принципи, а тоа е принципот дека процесот треба да се одвива отворено и инклузивно, зад сите овие именувања, луѓето кои се дојдени на различни позиции, се избрани со широк консензус во рамки на самата партија. Вториот принцип беше мултиетничноста која се зголемува.
– Што ќе правиме за да демократизацијата добие вистинска смисла во контекст на истражувањето, тоа е целосна комуникација меѓу централната и општинските организации. Ова ново раководство на СДСМ, е со план и идеа дека ќе воспостават сериозни линии на комуникации меѓу централното раководство и новите раководства кои треба да се случат на ниво на општинските организации. Со предлог партиската програма, ќе организираме средби со сите граѓани и поддржувачи за да го видиме нивниот придонес и идеите со што СДСМ треба да се занимава во наредни 4 години. Како демонстрирање на демократија, СДСМ ќе оди во насока и на интегрирање на младите и жените кои се во фокусот, покрај мултиетничноста, рече Каранфилова-Пановска.
Во делот на финансиска транспарентност и достапност до јавноста, резултатите од мерењето во 2024 година остануваат речиси идентични како и во 2023 година. СДСМ има разработени процедури за финансиско работење и редовно доставува извештаи до надлежните државни органи. На интернет страницата на СДСМ се објавени сите финансиски извештаи, како и извештаите од последните парламентарни и локални избори.
Во столбот достапност до јавноста, СДСМ покажува добри резултати идентично како и во мерењето спроведено во 2023 година. Ова се должи пред сè на сеопфатната партиска комуникациска стратегија, диверзификацијата на канали за комуникација (ФБ, Инстаграм, Твитер, Јутјуб итн.), како и официјална интернет страница богата со информации и новости, истакнуваат од партијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Хуманост на дело, за само шест часа собрани 3,1 милиони денари за лекувањето на малата Ана
Кампањата за лекување на осумгодишната Ана Јованчева официјално е затворена, откако за само шест часа беа собрани 3,1 милиони денари, објави доктор Ненад Лазаров.
Станува збор за една од најбрзите и најмасовни хуманитарни акции во последниот период, со што целосно се обезбедени средствата потребни за хируршката интервенција и лекувањето во странство. Со ова, како што посочи Лазаров, семејството на Ана е барем финансиски растоварено во најтешкиот период од нивниот живот.
Ана има дијагностициран редок и исклучително агресивен тумор на синусите – Tu Foss pterygopalatina Sinus sphenodalis lat dex et orbitae lat dex, со зафатена орбита. Дијагнозата е потврдена во Хрватска, каде што се бара специјализиран хирург за изведување на сложената и деликатна операција.
Болеста е сериозна и со висок ризик, а времето беше клучен фактор, поради што кампањата беше означена како најитна досега. Масовниот одѕив на граѓаните за неколку часа покажа силна солидарност и сплотеност кога е во прашање животот на дете.
„Секоја среќа ти посакуваме, Ана. Цела држава стана за тебе“, порача Лазаров, додавајќи дека поддршката за девојчето и нејзините родители ќе продолжи и во наредниот период.
Македонија
Љубов или вино: што навистина славиме на 14 февруари?
Секој 14 февруари, истата ситуација – некои го препознаваат само Свети Трифун, додека други го сметаат Свети Валентин, или Денот на вљубените, за поинтересен. За други, единственото нешто што е важно е да се забавуваат на тој ден.
Најмногу профитираат трговците и угостителите, на кои не им требаше многу за да ја спојат романтиката со добро вино и да најдат начин да заработат добри пари на тој празник. Сепак, повеќето луѓе всушност знаат малку за светците кои ја предизвикале целата расправија, како и за тоа како дошло до тоа Денот на вљубените и Фестивалот на виното да „паѓаат“ на ист ден.На тој 14 февруари, има двајца светци – едниот кој има многу долга традиција и е почитуван со векови, а другиот, понов кој, преку медиумите, стана глобален феномен надвор од христијанските земји.
Може ли Свети Трифун да се заљуби, а Свети Валентин да се опие?
Прво, зборуваме за два сосема различни светци кои ги почитуваат и православната и католичката црква. Свети Трифун, како светец-заштитник на лозарите и винарите, не може да биде замена за Свети Валентин, ниту обратно. Католичката црква го слави Свети Трифун, но на 10 ноември. Од друга страна, православната црква на Свети Валентин се сеќава на 12 август. Сепак, никој тогаш дури и не помислува на Денот на вљубените, бидејќи Денот на вљубените на 14 февруари стана глобален феномен.Свети Трифун живеел во 3 век од н.е. во Мала Азија. Легендата вели дека имал чудотворен дар за лекување и дека успеал да ја излечи ќерката на римскиот император Гордиј „од зол дух“. Тој ги делел богатите кралски подароци на сиромашните и живеел како скромен чувар на гуски до крајот на својот живот. За време на големиот прогон, тој одбил да се откаже од Христос, поради што бил убиен во 250 година од н.е. на овој ден. Свети Валентин живеел некаде околу тоа време. Тој го посветил својот живот на тајно женење на војници, на кои им било забрането да основаат семејство, со нивните избрани жени. Поради оваа помош на заљубените парови, Валентин бил обезглавен во 269 година.
И што да се слави денес?
Благодарение на Холивуд и добриот маркетинг, Денот на вљубените стана глобален феномен, а подарувањето бомбони, срца и други посебни подароци на саканата личност на крајот се прошири и во Србија. Сепак, има и такви кои сè уште го „препознаваат“ само Свети Трифун како празник. На која било група да припаѓате, имаме совет за вас – Прегрнете некого што го сакате… Отворете шише добро вино… И уживајте во животот.
Македонија
Изменет сообраќаен режим поради Задушница
Поради верскиот празник Задушница денеска од 6:00 часот ќе биде воведен посебен режим на сообраќај во Скопје, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР).
Од Единицата за безбедност на патниот сообраќај при Секторот за внатрешни работи (СВР) Скопје информираат дека сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока, односно кружно. Сите возила ќе се упатуваат по улица „Бутелска”, лево по улица „Александар Урдаревски”, лево по улица „Боца Иванова” и десно до влезот на гробиштата Бутел. За излез, возилата ќе се движат десно по улица „Боца Иванова”, до кружниот тек на улица „Бутелска”, па лево по улица „Бутелска” и десно по улица „Кемал Сејфула”.
Посебен режим на сообраќај ќе биде воведен и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

