Македонија
Караџовски: Ја разгледувавме и опцијата да се прават тестови преку Фондот во приватните лаборатории
Комисијата за заразни болести ја разгледува одлуката граѓаните да може да се тестираат на Ковид-19 во приватните лаборатории, а на сметка на Фондот за здравствено осигурување. Но, како што рече министерот за здравство, Венко Филипче, првично ќе се зголеми бројот на тестови во државните лаборатории за дополнителни 350 теста дневно, ангажирани се поголем број лаборанти, па така, според него, ќе се забрзала и процедурата за тестирање.
Со ова, според Филипче, ќе може да се прават и по 2.000 теста дневно.
„Отвораме нови простории утре наутро, во кое ќе имаме лаборанти и ќе ја забрзаме процедурата за правење тестови. Ние се припремавме во текот на целиот викенд, тестови има, лаборанти има, дијагностиката ќе се прави во Институтот за јавно здравје, работиме и прва и втора смена, до 20 часот навечер. Ќе има додатни термини кои ќе се прават преку ‘Мој термин’. Народот прави грешка што доаѓа во 8 наутро и веднаш сакаат да бидат тестирани, затоа се создава метеж“, рече д-р Жарко Караџовски од Комисијата за заразни болести.
Во текот на неделата, најверојатно, ќе бидат достапни и брзите рапид-тестови, каде што резултатот би бил готов за петнаесетина минути.
Од утре, соопшти министерот за здравство, ќе се прават дополнителни 150 теста во Институтот за јавно здравје, дополнителни 100 теста во Центарот за јавно здравје и 100 уште во лабораторијата во Козле.
„Ја разгледувавме и опцијата да се прават тестови преку Фондот во приватните лаборатории. Мислам дека прашањето ќе го заокружиме до крајот на неделата. Ако утврдиме дека тоа значајно ќе го олесни пристапот на граѓаните, тогаш ќе се дозволи по референтната цена на Фондот да се користат ресурите на приватните лаборатории. До крајот на неделата ќе донесеме одлука“, рече Филипче.
До пред два дена во државава биле направени 235.038 теста, од кои 110.910 се направени во приватните лаборатории – „Авицена“, „Биотек“, „Лаор“, „Синлаб“, „Жан Митрев“ и во „Систина“. Ова практично значи дека 47 отсто, односно речиси половината од тестовите на Ковид-19, граѓаните ги прават во приватните лаборатории и за нив плаќаат приватно.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Храна со истечен рок, лоши хигиенски услови, недостиг на санитарни книшки затекоа инспекторите во маркетите низ државата
Приближно четириесет илјади евра во денарска противвредност е вкупната вредност на 22 казни кои ги изрекоа инспекциските служби на Агенција за храна и ветеринарство (АХВ) на оператори со храна, во рамки на спроведените вонредни надзори во маркети и хипермаркети на целата територија на државава. Со акцијата која се спроведе од 13 до 16 јануари годинава, контролирани беа 188 оператори со храна од оваа категорија.
Кај 10 оператори, со контролите утврдени се полесни повреди од областа на безбедноста на храната (неселектираност на разладни уреди, нејасни и нечитки декларации на производите и слично), за што се изречени мерки опомена, а во 2 маркета констатирано е дека вработените лица немаат санитарни книшки.
Кај 6 од контролираните меркети утврдено е дека немаат имплементирано процедури за примена на правилата на Добра призводствена и Добра хигиенска пракса, а кај 14 маркети затекната била храна со изминат рок на траење.
Како небезбедени во рамки на оваа акција на Агенцијата, од операторите одземени и нештетно уништени се над 253 килограми храна (месо и преработки од месо, млечни, кондиторски и други видови производи).
Македонија
Променливо облачно време со врнежи од дожд и снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно со слаби локални врнежи од дожд и снег, а на повисоките места и на планините од слаб снег. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од североисточен правец.
Максималната температура ќе биде во интервал од 1 до 7 степени, јавува УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со слаб ветер од североисточен правец. Максималната температура ќе достигне до 6 степени.
Македонија
Намалена видливост поради магла кај Плетвар, Крушево, Стража
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено по претежно влажни коловози. Врнежи од снег на планинските премини Ѓавато и Буково без задржување на коловоз.
Намалена видливост до 50 метри и појава на магла на планинскиот премин Плетвар, Крушево до 50 м. Стража до 80м. и на патниот правец Тетово – с.Лисец до 80 м, јавува АМСМ во утринскиот извештај за состојбата на патиштата.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Патниот правец Охрид – Ресен преку националниот парк Галичица од 21 ноември е затворен за сообраќај за сите видови возила.

