Македонија
Касами лидер на БЕСА: Груевски нема легитимитет за премиер
Никола Груевски нема легитимитет не само за да биде премиер, туку за која и да е државна функција се додека не се расчисти неговиот случај пред Специјалното јавно обвинителство, вели во интервју за А1он лидерот на БЕСА, Билал Касами, новата албанска партија која на последните избори освои пет пратенички мадати.
Тој вели дека не е исклучено имајќи предвид дека ДУИ владееја 10 години заедно со ВМРО-ДПМНЕ, пак да се обидат да состават Влада, а и бројките им одат во прилог, но предупредува дека тоа што Македонија е во ваква ситуација е заеднички именител на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.
„Иако ставија потпис на таа платформа, односно на декларацијата на политичките партии на Албанците во Македонија, сепак тие прва опција со која партија би направиле коалиција од македонскиот блок сепак ќе биде ВМРО-ДПМНЕ“, вели Касами.
Ако Ахмети не се држи до платформата и влезе во Влада, БЕСА нема да ја поддржи таа влада.
„Почетната изјава на Груевски и ВМРО-ДПМНЕ дека нема да прифатат двојазичност и продолжување на мандатот на Специјалното јавно обвинителство на некој начин ја исклучува поддршката на БЕСА на било каква Влада која ќе биде направена од партија која нема да поддржи решавање на прашањето за албанскиот јазик и СЈО“, вели Касами.
„Имајќи предвид дека СЈО има покренато постапка против Груевски и основниот принцип на Движењето БЕСА дека луѓето кои се обвинети, односно оние за кои се покренати обвиненија од Специјалното јавно обвинителство не треба да бидат во никаква комбинација за следната Влада“, додава Касами, кој не бара Груевски да се тргне од политичката сцена, туку Македонија да се декриминализира.
„Во овој процес треба да бидат опфатени сите функционери кои во минатото ја злоупотребија нивната јавна функција и откако ќе се случи тоа, ако некои од нив би излегле чисти од тие правни процедури, сигурно дека може да продолжат да се занимаваат со политика. Во вакви околности, кога Македонија е во тешка криза институционална, мислам дека основно што треба да прават сите инкриминирани е да се тргнат, да немаат влијание врз отпочнатите процеси на СЈО“, вели Касами.
Потврдува дека БЕСА, “колку што е крив Никола Груевски за ситуацијата во која се наоѓа Република Македонија, уште повеќе е крив и Ахмети“, не би влегле во никаква комбинација, во никаква Влада во која се луѓе инкриминирани и за кои се започнати постапки од СЈО, или кон кои би се покренале постапки.
Касами потврдува дека бараат да продолжи работата на СЈО и да се реши случајот со Специјален суд или пак некое одделение во постојните судови се со цел да не се спречи работата на СЈО во функција на декриминализација на општеството во Македонија./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ до Филипче: Ако Македонија е како Иран, дали Заев е ајатолахот?
ВМРО-ДПМНЕ реагира на денешната изјава на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, кој Македонија ја спореди со Иран и Венецуела.
По ваквата изјава од владејачката партија велат дека СДСМ е потоната во свој микро свет, во кој сите се лоши, а само тие се добри.
„Кој мисли дека му верува на Филипче кога кажува дека Македонија е како Иран? Ако Филипче вели Македонија е како Иран, дали со оглед на тоа што СДС беше на власт 7 години, а во влада скоро 9 со техничката, ова значи дека Заев е Ајатолахот, а Филипче неговиот прв проповедник?“, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
На новинарско прашање во врска со отворената поддршка на Македонија кон САД за нападите кон Иран, лидерот на опозицијата кажа оти Соединетите Американски Држави, како наш стратешки партнер треба да знаат дека во нашата земја има власт со многу слични карактеристики на тие авторитарни режими со кои тие се справуваат.
Елаборирајќи го својот став, тој ги повтори критиките дека Владата на чело со ВМРО-ДПМНЕ ја турка земјата кон изолација, дека преку вицепремиер во извршната власт има контакти со рускиот претседател Владимир Путин, како и дека целосно го партизира правосудството.
„Имаме власт и премиер којшто ја бутка земјата во изолација, притоа знаејќи дека во стратешки интерес на Соединетите Американски Држави е интергацијата во ЕУ и на нашата земја и на целиот регион“, рече Филипче.
Македонија
Пуштена во употреба реконструираната обиколница во Крива Паланка
Реконструираната обиколница во Крива Паланка е пуштена во употреба.
На настанот присуствуваше премиерот, Христијан Мицкоски, кој нагласи дека Владата продолжува со реализација на капитални инвестиции.

Тој посочи дека ваквите проекти претставуваат додадена вредност за граѓаните и за економијата и најави дека во наредниот период во Крива Паланка и во регионот ќе се реализираат инвестиции во вредност од неколку стотици милиони евра.
„Крива Паланка е влезна точка на делот од Коридорот 8 во Македонија“, рече Мицкоски, додавајќи дека меѓу приоритетите се третата фаза од железничката пруга, забрзување на втората фаза, како и нови патни делници кои ќе го заобиколат влезот во Куманово за сообраќајот кон исток.

Премиерот истакна дека Владата останува фокусирана на капитални инвестиции, при што како клучни ги наведе Коридорите 8 и 10, со приоритет на патничко, железничко и енергетско поврзување.
Мицкоски оцени дека инвестициите ќе придонесат за економски раст и ќе создадат услови за развој на локалните заедници, изразувајќи очекување дека дел од иселените граѓани ќе се вратат и ќе продолжат да живеат и работат во земјата

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, кој се обрати од настанот, рече дека со изградбата на експресниот пат Страцин–Крива Паланка, реконструкцијата на обиколницата и модернизацијата на граничниот премин Деве Баир целосно се развива источното крило на Коридор 8.
Тој посочи дека реконструкцијата на обиколницата, во должина од 4,5 километри, е инвестиција од 1,2 милиони евра и претставува значајно поврзување со Бугарија како витален дел од Коридор 8. Додаде дека во тек е модернизација и проширување на граничниот премин Деве Баир, при што првата фаза се очекува да заврши до јуни, а потоа ќе следи проширување на капацитетите.

Николоски нагласи дека во соработка со ЕУ се бара решение и за модернизација на делницата Страцин–Романовце, како и дека интензивно се работи на железничкото поврзување кон Исток. Потпишан е договор со Бугарија за прекуграничниот тунел, а се очекува Крива Паланка да биде поврзана со Скопје со дневна железничка линија.
Македонија
Кривични пријави за 10 возачи поради возење без возачка дозвола
Во текот на вчерашниот ден, полициски службеници на целата територија на државата лишиле од слобода 10 возачи, од кои пет лица за возење под дејство на алкохол, на територија на Куманово, Кривогаштани, Битола и двајца во Скопје, соопшти Министерството за внатрешни работи.
-Исто така, четири лица се санкционирани затоа што управувале возило без возачка дозвола, на територија на тетовско, Гостивар, Гевгелија и Кавадарци. Еден возач е лишен од слобода поради возење со забрана за управување возило од Б категорија, и тоа во Скопје. По целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави, посочува МВР.
Апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило без положен возачки испит или доколку имаат изречена мерка за забрана за управување или доколку се под дејство на алкохол и заеднички да придонесеме за побезбеден сообраќај.

