Македонија
„Катимерини“: Иако околу 91 отсто гласале „за“ на референдумот во ПЈРМ, одѕивот е на ниско ниво
Од 98 проценти обработени гласови на референдумот за промена на името на Поранешната Југословенска Република Македонија (ФИРОМ) рано утринава резултатите покажуваат дека глас „за“ дале околу 91 процент, но одѕивот и натаму остана на ниско ниво од 36,87 проценти, пишува грчки „Катимерини“ ден по референдумот во Македонија.
И покрај нискиот одѕив, со само околу 630 000 граѓани на ПЈРМ кои гласаа, премиерот на ПЈРМ, Зоран Заев, во неделата вечерта најави дека ќе го донесе договорот пред парламентот и ќе свика предвремени избори ако пратениците не го поддржат, додава „Катимерини“.
Во коментарите на новинарите во неделата вечерта, Заев стави храбро лице на слабиот одѕив, фокусирајќи се високиот процент на позитивни гласови, се наведува во написот, каде се додава „тоа беше победа за коалицијата ‘ЗА’“ , рече тој, додавајќи дека „волјата на народот мора да биде почитувана од сите”.
„Катимерини“ го додава и делот дека Заев ја повика опозицијата да ги поддржи уставните измени што, како што се наведува во написот ПЈРМ, мора да ги донесе за да се ратификува договорот.
„ВМРО мора да ги поддржи уставните измени, во спротивно нема демократски пат, освен да се оди на предвремени избори”, изјави Заев, а го цитира „Катимерини“, мислејќи на главната опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ.
Од своја страна, водачот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пишува „Катимерини“, резултатот од референдумот го опиша како „црвено светло за договорот”, додавајќи дека граѓаните на ПЈРМ испратија силна порака за „македонскиот” јазик и идентитет.
Грчки „Катимерини“ исто така во еден од своите написи имаше напишано дека прашањето околу прифаќањето на договорот за промена на името на ПЈРМ по слабиот одѕив на референдумот станува нејасно.
Шефот за надворешна политика на Европската Унија, Федерика Могерини, и европскиот комесар за проширување, Јоханес Хан, изразија поддршка за резултатот од референдумот за промена на името на Поранешната Југословенска Република Македонија и ја истакнаa „историската можност” со која се соочува балканската земја, пишува „Катимерини“.
Избегнувајќи да го прокоментираат слабиот одѕив на референдумот, претставниците на ЕУ го поздравија „мирното и демократско гласање”, истакнувајќи дека „големо мнозинство” го поддржа договорот со Грција за промена на името на земјата и го отворија патот за разговори за пристап во ЕУ, заклучува грчки „Катимерини“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски: Чествувањето на Гоце Делчев нека ни биде пример како треба да ја градиме нашата Македонија
Денес го одбележуваме денот на раѓањето на македонскиот великан Гоце Делчев, човек којшто оставил нераскинлива трага и денес се сеќаваме и го исполнуваме неговото дело коешто го направил и за македонскиот народ но и за Македонија како држава, но и генерално за сите граѓани, истакна премиерот Христијан Мицкоски, кој заедно со министерот за култура, Зоран Љутков и министерката за образование, Весна Јаневска, положи свежо цвеќе на вечното почивалиште на Гоце Делчев во црквата Свети Спас.
„Неговата борба за независна македонска држава, за држава во срцето на Балканот, јас би рекол е епска, за жал прерано го загубил својот живот на 31 година, имал уште многу што да каже доколку преживеел, но за жал не успеал повеќе од 31 година да живее и го положува својот живот повторно со идеалите за македонската држава.
Така што уште еднаш денес да си го спомнеме неговиот лик и дело, да го чествуваме и да го сеќаваме и тоа нека ни биде пример како понатаму треба да ја градиме нашата заедничка татковина Македонија“, порача Мицкоски.
Македонија
Во 2025 поднесени 213 кривични пријави до ОЈО и ОЈО ГОКК, штета врз Буџетот од 102 милиони денари, соопшти Царинската управа
Одделението за истраги при Секторот за контрола и истраги минатата година поднесе вкупно 213 кривични пријави против 443 физички и 160 правни лица до Основното Јавно Обвинителство и Обвинителство за гонење организиран криминал и корупција. Притоа, во 196 случаи е утврдена штета врз Буџетот од 102 милиони денари, соопшти Царнската управа.
Бројот на поднесени кривични пријави, додаваат од таму, е зголемен за повеќе од двојно споредбено со 2024 година, кога бeше поднесена 91 кривична пријава, при што најголем дел од поднесените кривични пријави, дури 80 проценти, беа евидентирани од октомври.
„За неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги се спроведени истраги и поднесени се седум кривични пријави, за криумчарење 40 кривични пријави, за царинска измама 39 кривични пријави, за фалсификување исправа 85 кривични пријави, а за недозволено тргување со оружје поднесени се седум кривични пријави. Поднесени се и кривични пријави за злоупотреба на службена положба и овластување, вршење меѓународен јавен превоз без поседување лиценца, како и за избегнување плаќање акциза. Дури 103 од поднесените кривични пријави се поднесени за сторени кривични дела со 232 возила.
Во текот на предистражните дејствија од страна на службата против економски криминал при проверка на докази за потекло, до странски служби испратени се 450 барања, при што во 223 случаи е утврдено дека доказите за потекло се невалидни. Со странски служби извршена е и 71 проверка на увозни фактури. Дополнително од страна на службата за финансиски истраги отворени се 15 финансиски истраги против 19 физички и девет правни лица, при што целта е детекција и конфискација на нелегално стекнат имот, а со тоа и дестабилизација на криминалните групи.
Царинската управа продолжува со спроведување засилени контроли и истраги со цел ефикасна борба против криминалот и заштита на финансиските интереси на државата“.
Македонија
Филипче: Да го продолжиме повикот на Гоце Делчев, Македонија да биде европска држава, а не назад во изолација
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, по повод одбележувањето 154 години од раѓањето на македонскиот великан и револуционер Гоце Делчев, порача дека делата на Делчев се потсетник дека Македонија се гради со храброст, солидарност и заедништво.
Во објавата на Фејсбук, Филипче наведува дека Гоце Делчев бил еден од визионерите кои ги поставиле темелите на македонската државотворност, потенцирајќи дека неговата порака за „светот како поле за културен натпревар на народите“ и денес претставува јасен повик Македонија да оди напред кон модерна, просперитетна и европска иднина, а не назад во изолација.
„Во време кога државата повторно се соочува со сериозни предизвици, да не дозволиме националните интереси да бидат заложник на дневна политика“, порачува Филипче.
Според него, аманетот на Делчев треба да се продолжи преку градење напредна, праведна, демократска и економски силна држава, во која младите и сите граѓани ќе гледаат перспектива.
„Нека е вечен споменот на великанот Гоце Делчев“, се наведува во објавата.

