Македонија
Кај Смилковско било пукано со два „калашникови“ и еден пиштол
Вештото лице Неџат Муриќ, дипломиран форензичар во областа на балистиката, вработен во крим-техниката при МВР, на денешното рочиште за „Монструм“ ги произнесе наодите од вештачењето за чаурите и проектилите што се пронајдени кај Смилковското Езеро.
Форензичарот Муриќ истакна дека во МВР се донесени 21 чаура, 8 испукани проектили и 2 дела од проектили. Од извршените микроскопски анализи е утврдено дека 13 чаури се од муниција со калибар 7,62 x 39 милиметри кои одговараат на рускиот автомат АК-47 познат како „калашников“, додека, пак, 8 од чаурите се од муниција со калибар 9 милиметри од пиштолот познат како „долга деветка“.
Муриќ истакна дека на фармата на обвинетиот Фејзи Азири во Белимбегово биле пронајдени 53 испалени чаури со истиот калибар 7,62×39.
Исто така, како што вели Муриќ од извршената микроскопска анализа на примероците, 11 од 13 испукани чаури се од една пушка, додека, пак, останатите 2 чаури се испукани од друго огнено оружје од истиот вид АК-47. Вештото лице истакна дека за истрага во МВР се донесени само овие примерока, но не и самите огнени оружја.
На денешното рочиште за „Монструм“, шест вештаци ќе ги произнесат наодите од своето вештачење од различни области поврзани со петкратното убиство кај Смилковско Езеро.
Виктор Јованов
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Вандализиран паркот „Бановина“ во Аеродром – искршена урбаната опрема, оштетена фонтаната, а провалено е и во чуварската куќа
Општина Аеродром најостро го осуди вандалскиот чин што се случил синоќа во паркот Бановина, каде што била сериозно оштетена јавната и заедничка сопственост на граѓаните.
Како што информираат од општината, искршена е урбаната опрема, оштетена е фонтаната, а извршена е и кражба со провалување во чуварската куќа. Од Општина Аеродром потсетуваат дека паркот „Бановина“ неодамна бил целосно обновен и опремен со современа урбана опрема, наменета за сите генерации.
„Наместо грижа и почит кон заедничкиот простор, сведоци сме на несовесно и неодговорно однесување и уништување“, соопштуваат од општината, нагласувајќи дека ваквите постапки нема да бидат толерирани.
Случајот веќе е пријавен во полиција, а од општината упатуваат апел до граѓаните да го чуваат јавниот простор, да пријавуваат вандализам и заеднички да придонесат за уредена, безбедна и достоинствена локална заедница.
Македонија
(Видео) СДСМ: Започна, доаѓаат „економски работници“
СДСМ обвинува дека Владата предводена од Христијан Мицкоски ја отвора државата за масовен прилив на странски таканаречени „економски работници“, иако во земјава, како што велат, има речиси 100.000 невработени.
На прес-конференција, членката на Извршниот одбор на СДСМ, Рената Младеновска, изјави дека Владата донела одлука за вработување на нови 10.000 странски работници во 2026 година, што е двојно повеќе од лани.
Според СДСМ, процесот бил подготвуван подолго време. Тие потсетија дека британски медиуми претходно објавиле за стратешки договор со кој мигранти би можеле да добијат работни визи за Македонија, по што следеле измени на Законот за странци со олеснети услови за влез, престој и работа, како и продолжување на важноста на дозволите.
Младеновска обвини дека со овие измени е создадена правна рамка за долгорочно задржување на странски работници во земјата, особено во случаи на „стратешки партнер“. Таа додаде дека власта донела и резолуција во Собранието со која, според СДСМ, ѝ било оневозможено на опозицијата да зборува за прашањето за мигрантите.
Од СДСМ оценуваат дека одлуката доаѓа во време кога македонските работници имаат најниски плати во регионот и Европа, а Владата, како што велат, тврди дека нема средства за зголемување на минималната плата и дека во Буџетот недостигаат околу две милијарди евра.
Македонија
„Биди одговорен возач – користи зимска опрема“ – полицијата во Охрид ги потсети возачите на обврската
На 15 јануари, отсекот за превенција при СВР Охрид, ја реализираше превентивната сообраќајна кампања „Биди одговорен возач-користи зимска опрема“. Притоа, полициски службеници од отсекот, на повеќе сообраќајни пунктови во градот, остварија кратки разговори со возачите на моторни возила и ги потсетуваа на потребата и законската обврска за задолжително носење и користење зимска опрема во возилата како основен предуслов за безбедно движење на моторните возила во зимски услови.
Целта на кампањата е подигање на свеста на учесниците во сообраќајот, за доследно почитување на законската обврска за носење и користење зимска опрема во возилата во текот на зимската сезона и подигнување на безбедносната култура кај возачите и јакнење на свеста и совеста за поголема внимателност и одговорно однесување во сообраќајот во зимски услови.
На возачите, им беа поделени флаери со низа практични совети за безбедно управување моторни возила и им беше укажано на потребата од прилагодување на брзината према условите и состојбите на патиштата.

