Македонија
(Видео) Керим по распитот во СЈО: „Ќe кажеме сè кога ќе дојде време“

Заврши распитот на управителот на „Медија принт Македонија“ (МПМ), Срѓан Керим, во специјалното јавно обвинителство, каде што се задржа околу половина час. По излегувањето, не сакаше да открие зошто бил повикан.
„Ќе кажеме сè кога ќе дојде време“, рече кусо Керим.
Претходно, на распит во обвинителството беше и директорката на МПМ, Јана Станисављева. И таа си замина од специјалното обвинителство по половина час. Не сакаше да каже за што е повикана за даде исказ.
Неофицијално, двајцата се сомничат за лажен стечај, за злоупотреби на средства на доверители поврзани со работата на МПМ, како и за злоупотреба на службената положба. И двајцата ги застапува адвокатот Антонио Апостолски.
СЈО води истрага за финансиски злоупотреби во компанијата на тогашните први луѓе, во чија сопственост беа весниците „Дневник“, „Вест“ и „Утрински весник“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Милошоски: Кој бил мотивот на Коцевски незаконито да поставува ЈО кои ќе си вршат надзор над сопствени предмети?

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски преку објава на социјалните мрежи аргументираше „зошто државниот обвинител е зрел за менување“.
„Аргумент плус дека државниот обвинител е зрел за менување дава и неговата Одлука за надзор, со која тој ги прекршил нормите од Законот за спречување на корупција и судир на интереси.
Поточно, на 07.10.2024г обвинителот Коцевски потпишува Одлука за вршење надзор на работата на Вишото обвинителство – Скопје и за таа цел формира работна група, во која битна улога И дал на обвинителката Лиле Стефанова. Но, Коцевски морал да знае дека обвинителка која што постапувала по одредени предмети во прв степен не е законито да врши надзор на истите предмети во втор степен“, вели Милошоски.
„Имено, обвинителката Лиле Стефанова лично учествувала и како обработувач и како застапник на поранешното СЈО во предметите „Поштенска банка“ и предметот „Драган П. Латас“, а потоа со одлуката на Коцевски добила противзаконито овластување да врши надзор за истите предмети кај нејзините колеги од вишото обвинителство.
Оваа одлука е дополнително контраверзна бидејќи во моментот на ангажирањето на Лиле Стефанова, обвинителот Коцевски знаел дека за неа се води истрага како осомничена во предметот „Бонусите на СЈО“ за незаконито примени 94.000€, кој предмет во втор степен по жалба се разгледувал токму во Вишото обвинителство- Скопје, каде таа добила задача да врши надзор. Личниот интерес на обвинителката Лиле Стефанова како осомничена не можел, а да не влијае на нејзиниот надзор или притисок кон колегите во ВЈО-Скопје.
Останува дилема кој бил мотивот на Коцевски незаконито да поставува ЈО кои ќе си вршат надзор над сопствени предмети?! Дали имал лукративен мотив, или имал цел да ја заштити групата од СЈО од сомневања за незаконско работење во замена за нивната поддршка, или можеби добил политички насоки?!
Но, без оглед на мотивите, со оваа постапка обвинителот Коцевски го прекршил начелото на професионалност во обвинителство, како и членовите 72 и 75 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси.
Ова е уште еден пример за крупна професионална грешка од страна на Коцевски, во соработка со неговата колешка Лиле Стефанова, заради која истиот треба да си поднесе оставка или да биде разрешен од страна на Собранието!“, пишува Милошоски.
Македонија
(Видео) Мицкоски од Вашингтон: Македонија е верен сојузник на САД, направивме многу отстапки, Европа треба да биде принципиелна наместо со двојни стандарди

Премиерот Христијан Мицкоски вчера се обрати на конференцијата „CPAC“ во Вашингтон, при што ја искористи приликата да ја запознае американската публика со историските и културните знаменитости на Македонија.
„Македонците се многу традиционални, ги сакаат своите семејства, можеби сме малку, но македонската заедница во САД е многу важен дел од американското општество. Знам дека го подржаа претседателот Трамп за време на изборите, тие се конзервативци и знам дека ќе продолжат да го поддржуваат претседателот Трамп. И тоа што би го додал, а е важно, е дека и ние бевме избрани како нова власт со огромно мнозинство пред осум месеци“, рече премиерот Христијан Мицкоски објаснувајќи го македонското општество како мултиетничко со две третини Македонци, а една третина се Албанци, Власи, Срби, Турци, и други.
„Ние имаме голема дијаспора низ светот, речиси еднаква по бројност колку што живеат во татковината“, рече Мицкоски.
Опишувајќи ја Македонија како срцето на Балканот и југоисточна порта на Европа, Мицкоски нагласи дека како таква беше актуелна на патот на мигрантите пред извесен период кон Европа.
„Ние бевме на „фронтот“ и се боревме против илегалната миграција, штитејќи ја Европа од илегалните мигранти“, рече Мицкоски и посочи дека токму тоа денес е главниот фокус и на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп.
Премиерот Мицкоски се осврна и на стратешкото партнерство на САД и Македонија, откако беше истакнато дека нашата земја е една од земјите со најголем придонес во НАТО по глава на жител.
„Одвојуваме над 2 проценти, посветени сме и ги поддржуваме политиките на претседателот Трамп и сметаме дека 2 проценти треба да биде ниската граница, а не високата“, рече македонскиот премиер Мицкоски на собирот на американските конзервативци во Вашингтон.
Публиката со аплауз ја награди забелешката на водителката на интервјуто кога забележа дека токму премиерот Мицкоски бил единствениот на Минхенската мировна конференција којшто аплаудирал на говорот на американскиот потпретседател Венс.
„За мене тоа беше историски настан и според моето скромно мислење, може некои европски политичари ќе ми се налутат, тој негов говор беше многу инспиративен. После говорот дел од публиката го критикуваа сметајќи дека тоа на некој начин е мешање во внатрешните работи на суверени држави“, забележа Мицкоски.
„Од самиот почеток на нашата самостојност од поранешната југословенска федерација ние имавме две стратешки цели. Прво да станеме полноправна членка на НАТО и втората е да станеме полноправен член на Европската Унија. Ние станавме членка на НАТО, но пред тоа го сменивме знамето, ја сменивме нашата валута, го сменивме нашиот Устав, го сменивме нашето име, затоа што некој од нашите соседи станал член на НАТО пред нас и го злоупотреби ветото за да ги исполни билатералните барања. Ако ова не е мешање во внатрешните работи тогаш што е?“, запраша Мицкоски, којшто потенцираше дека двојните стандарди продолжуваат и денес.
„Ние не сме во можност да станеме членки на ЕУ, затоа што повторно имаме притисок да го смениме нашиот Устав. Ако Уставот не е внатрешно прашање на суверена земја, тогаш се прашувам што е? Зарем тоа е фер? Ако некој го критикува говорот, кое според моето скромно мислење беше многу инспиративен, треба да си го впери прстот во себе и да види што тој прави. Европските вредности не се билатеризација на процесот на пристапување кон Унијата“, заклучи премиерот Христијан Мицкоски на интервјуто за време на најголемиот годишен собир на американските конзервативци во Вашингтон.
Македонија
ВЛЕН и ДПМНЕ државата ја третираат како партиски пашалак, велат од СДСМ

„Коалиционите партнери во власта, ВЛЕН, ДПМНЕ и ЗНАМ, државата ја третираат како партиски пашалак за задоволување на нивните партиски и бизнис интереси. Меџити гордо најавува вдомување на 3.000 партиски кадри во администрацијата додека ДПМНЕ на ангро вработува, синови, сестри, тетки и стрини на нивните партиски функционери“, велат од СДСМ.
„Ова е директна потврда на предупредувањата на СДСМ за масовна партизација на институциите од страна на ВЛЕН и ДПМНЕ.
Овој дил на Мицкоски и Меџити, претставува целосно отстапување од ветувањата за мерит-систем, професионализација и праведна држава.
Масовната партизација на институциите пред изборите ќе значи претворање на јавната администрација во партиски штабови.
Додека граѓаните мака мачат со катастрофалната економска состоја, додека младите масовно се иселуваат власта се грижи само за тоа колку партиски војници ќе вдоми на грбот на народот.
СДСМ бара итно стопирање на сите партиски вработувања и темелна проверка за можен организиран план за масовна партизација.
Македонија не смее повторно да стане заробена држава на ВЛЕН и ДПМНЕ“, соопшти СДСМ.