Македонија
Кинеските вакцини ќе стигнат до крајот на февруари, најави Заев
До крајот на следната седмица премиерот Зоран Заев очекува да стигнат договорените 200.000 дози од кинеските вакцини.
Тој уверува дека вакцинирањето, кое ќе почне в среда со вакцините што ни ги отстапи Србија, нема да прекинува оти додека се потрошат српските количини, премиерот Заев очекува да стигнат и кинеските вакцини.
„Кинеската вакцина е во постапка на договарање. Ветувањето е дека ќе стигне до крајот на февруари, но секој ден порано за нас е важен. Додека се имплементираат тие 4.680 вакцини од Србија, а верувам дека ќе се реализираат и преостанатите до 8.000 во согласност со трипартитниот договор меѓу нас, Република Србија и ’Фајзер’, ќе стигнат и кинеските вакцини за процесот континуирано да тече. Ги очекуваме од крајот на оваа до крајот на следната седмица, значи до крајот на месецот“, рече денес премиерот Заев.
Првата најава од Заев за кинеските вакцини беше дека тие ќе стигнат меѓу 10 и 15 февруари, а потоа почна да го пролонгира рокот за ниво пристигнување. Договорот за набавка на кинеските вакцини министерот за здравство, Венко Филипче, го потпиша минатиот понеделник. Тој не кажа колку пари е кинеската вакцина оти договорот го обврзувал на тајност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ЈО да ја испита улогата на Заев и Филипче во случајот со запленетата марихуана, велат од ВМРО-ДПМНЕ
Нема скандал а во тоа да не се замешани кланот Заеви и Венко Филипче. И во последниот случај со заплената на над 40 тони марихуана повторно се вплеткани имињата на Зоран Заев и Филипче. Заев сам ја потврди поврзаноста брзајќи да се оправда и да си ја тргне мувата од капата, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Наместо да се извини Заев на граѓаните за целиот криминал, тој индиректно си ја призна вмешаноста обидувајќи се да се одбрани и оправда пред јавноста.
На Заев и СДС одамна веќе никој не им верува а неговите објави на социјалните мрежи и нервозните реакции само покажуваат колку директно е погоден за случајот со запленетата марихуана.
Факт е дека темелите на бизнисот за марихуана ги постави владата на Зоран Заев во 2020 додека Филипче беше министер за здравство“.
Факт е и дека околу 70 проценти од запленетата дрога деновиве, е на фирма во сопственост на луѓе на Заев, додаваат од владејачката партија. Според ВМРО-ДПМНЕ, станува збор за фирма на лице кое било претседател на општинскиот одбор на СДС во Ново село.
„Тоа е Тони Котев познат како Мгчев кој пак бизнисите ги води со Вице Заев.
Каде се се јавувал Заев при запленета на петте тони дрога во Србија, зошто набрзина Филипче се упатил кон југ?
ЈО да ги истражи сите аспекти, меѓу кои и поврзаноста на Заев и Филипче“, бараат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Денеска посебен режим на сообраќај во Скопје
Денеска од страна на Сојузот на синдикати на Македонија ќе биде одржан протест пред Собрание на Македонија на улицата „11-ти Октомври“ и улицата „Даме Груев“ и доколку се појави потреба од пренасочување, сообраќајот ќе биде пренасочен по околните сообраќајници.
Од тие причини Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот во централното градско подрачје на Град Скопје.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да се почитуваат наредбите кои ќе ги даваат полициските службеници.
Македонија
Намалена видливост поради магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Мали остатоци од снег има на планинскиот превој од (село Лисец – Попова Шапка) кои се задржани на коловозот, извести АМСМ.
Врнежи од снег со слаб интензитет има на патниот правец (Крива Паланка – г.п.Деве Баир) кој не се задржува на коловозот и намалена видливост поради појава на магла има на планинските премини Плетвар до 30 метри, Ѓавато до 100 метри и планинскиот превој Крушево до 40 метри.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

