Македонија
Ковачевски: Албанскиот јазик е мојот братски јазик, со почитување на различните јазици ние сме пример во регионот и Европа
Премиерот Димитар Ковачевски присуствуваше и се обрати на Свечената академија по повод 115-годишнината од стандардизацијата на албанската азбука.
„Денес е голем ден за нашите сограѓани Албанци и голем ден за нашата заедничка историја. На овој ден, во 1908 година во градот на конзулите, Битола, се одржа познатиот Битолски конгрес, на кој се поставија темелите на албанската писменост.
На Конгресот на кој учествуваа голем број истакнати припадници на албанскиот народ од целиот свет, се заокружи процесот на создавање на единствено, стандардизирано албанско писмо на кое денес се пишува и твори. Со завршувањето на Битолскиот конгрес, започнува користењето на стандардизираната албанска азбука, а започнува со работа и првата печатница која ќе ги печати првите дела со албанска азбука, меѓу кои буквари, читанки и неделници. Јазикот и културата на еден народ се негов идентитет, негов белег и претставуваат негов код“, рече Ковачевски.
Појасни дека на ова тло, со векови се негувале и се негуваат разни јазици.
„Затоа, дозволете ми да кажам дека сè додека се почитуваме, ќе се разбираме. Една од најважните препознатливи карактеристики на Република Северна Македонија е нејзиниот мултиетнички и мултиконфесионален карактер, што нè прави единствени. Иако не зборуваме сите на ист јазик, нашата историја, нашите корени се испреплетени и взаемно поврзани. Сите сме различни, но во исто време исти кои делиме исти предизвици“, додаде тој.
Според него, почитувањето на различностите е предуслов за градење на демократска држава, базирана на цивилизациски вредности.
„Денеска овде со мене се и членовите на Владата на Република Северна Македонија кои припаѓаат на албанската заедница и на македонската заедница. Во текот на изминатите две години јас ја имав честа да предводам Влада во еден исклучително тежок и кризен период, време на неизвесност во однос на тоа дали ќе имаме енергија, дали ќе имаме доволно храна, дали ќе имаме доволно знаење да ја зауздаме инфлацијата како што ја зауздавме и луѓето со коишто мојот ден во најголем дел поминуваше беа нормално министерот за финансии, министерот за економија, вицепремиерот за економски прашања, министерката за труд и социјална политика. Цела среќа е дека меѓу нив имаше двајца по име Фатмир, а значењето на името Фатмир е некој кој носи добра среќа. Јас имав такви двајца. За нив двајца албанскиот јазик е мајчин јазик. Но, често пати во мојата канцеларија и во нивните канцеларии во тие долги работни денови, кога ги правевме сите тие пресметки и мерки можеше да се чуе од моја страна Фатмир брат, те молам направија оваа пресметка или кон другиот Фатмир, Фатмир брат ако може до утре ова законско решение да го спремиме. Албанскиот јазик не е мој мајчин јазик, а сепак, одлично се разбираме бидејќи тоа е мојот братски јазик“, изјави Ковачевски.
Порача дека треба да се почитуваме, да си помагаме, да бидеме сите како едно за доброто на државата која час поскоро, како што рече, сакаме да ја видиме како дел од европското семејство на народи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Силјановска-Давкова телефонски разговарала со Зеленски: украинскиот народ може и во иднина да смета на македонското сојузништво и пријателство
Претседателката Гордана Сиљановска Давковa денеска оствари телефонски разговор со претседателот на Украина, Володимир Зеленски.
„Во разговорот со украинскиот претседател Зеленски, Сиљановска Давкова ја нагласи нашата цврста и недвосмислена поддршка кон Украина во однос на неиспровоцираната и неоправдана руска воена агресија. Осврнувајќи се на меѓународното право, принципите на Повелбата на ОН и Статутот на Советот на Европа, претседателката рече дека украинскиот народ може и во иднина да смета на македонското сојузништво и пријателство во справувањето со историскиот предизвик со трајни и несогледливи последици.
Двајцата соговорници разменија мислење и за претстојниот Самит чиј домаќин ќе биде Швајцарија, а со цел да создаде рамка поволна за сеопфатен и траен мир во Украина“, соопштија од нејзиниот кабинет.
Претседателот Зеленски во текот на разговорот ја поканил претседателката да ја посети Украина, за што тие, како што е појаснето, дополнително ќе се консултираат на Самитот во Швајцарија.
За време на разговорот биле нагласени одличните билатерални односи меѓу двете земји, карактеризирани со идентични вредности, меѓусебна почит и разбирање, силно потврдени со континуираната соработка во сите области од заеднички интерес.
Сиљановска Давкова и Зеленски ја реафирмирале посветеноста од натамошна заемна поддршка во меѓународната дипломатија, во насока на исполнување на европската аспирација на двете држави.
Телефонскиот разговор со Зеленски, Сиљановска Давковa го оствари од Рим, за време на нејзината посета на Италијанската Република и Светиот Престол по повод манифестацијата „Македонија во чест на Св. Кирил“.
Македонија
Таравари уште размислува дали ќе биде министер за здравство: „Можноста не е исклучена, но не е дефинитивна“
Арбен Таравари, еден од партнерите на коалицијата „Влен“, а кој моментно е градоначалник на општина Гостивар, сѐ уште не одлучил дали ќе биде во идната влада како министер.
Тој потврди дека некои од пишувањата на некои медиуми за поделбата на владините ресори и службените места се точни. Според Таравари, конечниот договор меѓу идните владини партнери, „Влен“ и ВМРО-ДПМНЕ, најверојатно, ќе биде објавен денеска или утре, стои во напишаниот допис.
„Алијансата ќе има двајца министри, вицепремиер за добро владеење и транспарентност и министер за здравство и двајца заменик-министри, како и двајца државни секретари, и тоа заменик-министер за одбрана и заменик-министер за земјоделство. Државен секретар за здравство и уште еден на кој сега не ми текнува“, изјави Таравари.
Таравари вели дека сѐ уште не се дефинирани имињата на кадрите што ќе бидат назначени на овие позиции.
Запрашан дали ќе биде следниот министер за здравство, тој рече дека не одлучил и сѐ уште размислува дали ќе ја прифати оваа функција. „Не е исклучена можноста, но не е дефинитивна“.
Таравари ги коментира и резултатите од прегласувањето и истакна дека тие воделе на 8 мај и сега, како што рече тој, се во голема предност.
„ДУИ може да ги обжали резултатите, но резултатите се такви. Тоа беше очекувано и сега бранот промени не може да се запре, па ДУИ мора да го прифати резултатот. Граѓаните сега се ослободени, гласаат малку послободно од порано и посакувам ДУИ да ја прифати оваа реалност. Сега ‘Влен’ има еден пратеник повеќе, ДУИ еден помалку“, изјави Таравари.
Македонија
Црква изградена во 1874 година настрада од минирањата на „Бехтел и Енка“, велат од партијата Левица
Во селото Ореовец (Прилепско) се наоѓа црквата „Св. Димитрија“, која е гробиштен храм изграден во 1874 година. Црквата претрпе огромни штети по вршењето на минирањето од страна на американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“, велат од партијата Левица.
„Штетата е настаната по минирањето во непосредна близина од страна на преплатениот од народни пари конзорциум, што предизвикало земјотреси чија последица се одразила и на овој објект. Во Црквата има фрески постари од 150 години – дел од нив изработени на дрво и кожа, кои освен што се од огромно значење за месното население, туку тие претставуваат и богато културно наследство за овој крај.
Од потресите, оштетени и испукани се ѕидовите на Црквата и ако се продолжи со минирање, голема е веројатноста да настанат штети од поголеми размери, што не ја исклучува можноста да се случи и нејзино целосно рушење.
Покрај штетата на Црквата, од минирањето: загрозени се извори на вода од кои и денес се снабдува Прилеп со вода; оштетени се куќи во селото Ореовец; се крева прашина која поради струењето на воздухот и релјефот на теренот целосно паѓа во Прилеп и прилепските села и се уништуваат ендемични видови на животни.
Прилепчани десетина дена прават протесна блокада на патот кон село Ореовец и не дозволуваат машини и работници да продолжат со минирање и ископување. Пратеникот од редовите на Левица – Сашко Јанчев, присуствуваше на протестите и даде поддршка на блокадата.
Левица претходно го блокираше спроведувањето на договорот со „Бехтел и Енка” со илјадници амандмани. Сега најавуваме дека нашите активисти се спремни веќе и физички на терен да ја поддржат борбата на граѓаните“, соопшти партијата Левица.