Македонија
Ковачевски: Достојно признание и почит за тешката работа на рударите, честит да е 28 август – Денот на рударите
Претседателот на Владата Димитар Ковачевски денеска во Пробиштип учествуваше и се обрати на манифестација по повод одбележувањето на Денот на рударите – 28 август. На свеченоста на која беа доделени благодарници за најдобри рудари и бригади, беа присутни околу 800 рудари и раководствата од „Злетово“ и „Тораница“, министри и градоначалниците на Пробиштип и Крива Паланка.
„ Успесите кои ги бележи рударскиот сектор години наназад се резултат на личните заложби на секој еден од вас, на макотрпната работа на рударите, инженерите, менаџерите, стручните кадри кои со вашето посветено работење придонесувате во неговото унапредување, а со тоа и на развојот на државата.
Тоа се гледа и во постигнатите резултати. Рударството е еден од најважните сектори и придвижувач на нашата економија дури и во време кога се соочуваме со една од најголемите кризи во поновата историја. Со повеќе од 10% во вкупното индустриско производство на државата вашиот сектор е клучен за нашиот напредок. Во Република Северна Македонија имаме над 100 активни рудници кои заедно со своите придружни дејности вработуваат околу 10.000 луѓе. Убеден сум дека и понатаму овие рудници ќе продолжат со својата активна работа, со отворање нови работни места и со одржување на високите стандарди на условите и безбедност при работа за своите вработени и заштитата на околината.
Еден од овие рудници е и рудникот Злетово овде во Пробиштип, кој со амбициозна стратегија и план од стечај за краток временски период, успеа да се врати во кондиција и да го рестартира производството. Компанијата ,,Булмак 2016”, која управува со рудникот Злетово, но и со рудникот Тораница дури и во време на криза и пандемијата е меѓу првите 30 компании во земјата според успешноста. Во целиот овој период во овие два рудника вработени се околу 800 лица, зголемено е производството и зголемени се платите на вработените во однос на претходните години.
Секако дека во целиот овој процес на успешно работење свој придонес има и Владата, затоа што развојот на компаниите, но и инвестирањето во човечки капитал, како непроценлив работен потенцијал значи одржлив развој на општините и забрзан економски раст на земјата.
Исправивме една огромна неправда за рударите која се провлекуваше со години наназад. Со законските измени на Законот за пензиско и инвалидско осигурување што Владата ги направи во 2018 година го исполнивме долгогодишното барање на рударите. Сега во пензија заминуваат со навршување на 40 години стаж за мажи, односно 35 години стаж за жени. Тоа значи дека ако претходно рударите се пензионирале на 58 годишна возраст, по ново во пензија заминуваат на 50 годишна возраст, а во периодот од 2018 до денес ова право го оствариле 105 рудари.
Обезбедивме и континуиран раст на платите. Преку системски решенија за зголемување на платите и во услови на најголема криза растат и минималната и просечната плата, која за месец јуни изнесува 31.869 денари. Во ова зголемување на просечната плата со 4,3% учествува и секторот рударство и вадење на камен.
Обезбедувањето на подобар стандард и услови за работа останува наш врвен приоритет. Грижата за работниците и граѓаните е наша основна цел, на која продолжуваме да работиме.
Со огромна почит искрени честитки до сите рудари кои активно работат, но и оние кои веќе го имаат завршено својот работен ангажман и се пензионирани. Високо ја ценам вашата макотрпна работа, пожртвуваноста и часовите труд поминати во јама и на коповите. За таа цел продолжуваме со носење законски решенија и политики со кои се обезбедува подобар стандард и услови за работа за рударите.
Нека е честит и вековит празникот. Ви посакувам да се живи и здрави, да напредувате на личен план и со својот труд да продолжите да придонесувате во растот на нашата економија и развојот на државата. Рудари СРЕЌНО!“ порача Ковачевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Инспекциска акција во Центар, нема да толерираме диви депонии и небезбедни напуштени објекти, порача Герасимовски
Инспекциските служби на општина Центар започнаа со расчистување на два напуштени објекти на улиците „Тетовска“ бр. 20 во Ново Маало и „Владимир Полежиновски“ бр. 7, во близина на ТЦ Буњаковец.
На првата локација, во близина на гимназијата „Раде Јовчевски – Корчагин“, со асистенција на Министерството за внатрешни работи, се иселени бездомните лица, затекнати во руинираниот објект, по што започна расчистување на сметот во и околу куќата, извести Општината.

Интервенцијата е извршена по пријава и барање на жителите од околните згради, поради страв од пожари, кражби и загрозување на безбедноста и здравјето.
На втората локација во Буњаковец, поради присуство на малолетни бездомни лица, во акцијата е вклучена и социјалната служба. По завршување на постапката, ќе се пристапи кон целосно расчистување на просторот кој е претворен во мини депонија.

Ова не е првпат инспекциските служби на општина Центар да интервенираат на овие локации по барање на жителите. И покрај претходните интервенции, бездомни лица повторно се вселуваат во напуштени објекти, користејќи го фактот дека станува збор за куќи со нерешени имотно правни односи. Иако сопствениците се контактирани, поради недостиг на соодветна реакција, Општината е принудена постојано да интервенира со цел заштита на јавната безбедност, велат од Центар.
Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски посочи дека ваквите објкети во кои се собираат бездомници и се создаваат диви депонии, не се само лоша слика за централното градско подрачје, туку и реална опасност за околината.

„Ги повикувам сопствениците да бидат одговорни, а граѓаните навремено да пријавуваат, за да можеме навреме и ефикасно да реагираме“, порача Герасимовски.
Македонија
По информациите за енормно загадување на водата за пиење во Струга, обвинителството оформи предмет
Во врска со информациите за енормно загадување на водата за пиење и за основни животни потреби на подрачјето на градот Струга, Основното јавно обвинителство Струга оформи предмет за да се испитаат причините и евентуално сторени кривични дела против животната средина и природата.
Во координација со МВР – ОВР Струга, издадена e наредба за правосудната полиција да изврши увид на локација во селото Шум, каде се сместени изворите од кои подрачјето на градот Струга се снабдува со вода за пиење.
При увидот треба да бидат присутни и надлежни инспекциски служби од областа на животната средина, од Агенцијата за храна и ветеринарство, како и од Центарот за јавно здравје.
Ќе бидат преземени и други дејствија на проверки, соопшти обвинителството.
Македонија
Советник на Мицкоски за нов уставен судија – толку од независноста на судството, велат од СДСМ
Гоце Наумовски, кој е надворешен советник на премиерот Мицкоски за правни работи, е предлог за нов уставен судија кој се очекува да биде изгласан наскоро, истакнуваат од СДСМ.
„Кадровско решение од кабинетот на премиерот во највисоката судска инстанца во државата.
Дополнително, Гоце Наумовски е брат на поранешниот вицепремиер за евроинтеграции од ВМРО, Васко Наумовски, со што политичките релации и влијанија се уште еднаш потврдени.
Власта ги зема под целосна своја контрола судството и обвинителството.
Го сменија јавниот обвинител и планираниот избор на обвинител под своја контрола. Сопруга на градоначалник на ВМРО назначија за член на Судски совет. Сега советник на Мицкоски во Уставниот суд“.
Според СДСМ, додека Мицкоски од собраниска говорница им дели задачи и им кажува што и како да работат, носат закони за правосудатво кои се спротивни на препораките на ЕУ.
„Тотална партизација на државата, партиски контролирано судство, судии и обвинители од тефтерчињата. Исто како во времето на Никола Груевски.
Следува целосно погребување на правдата и правната држава“.

