Македонија
Ковачевски – Едштадлер: Евроинтеграциите на Македонија се потребни за стабилноста на регионот и ЕУ
Премиерот Димитар Ковачевски, придружуван од заменик-претседателот на Владата за европски прашања, Бојан Маричиќ, се сретна со Каролина Едштадлер, сојузна министерка за ЕУ на Република Австрија.
На состанокот, како што информираат од Владата, било разговарано за предизвиците од војната во Украина, значењето на евроинтеграциите и можностите за унапредување на добрата билатерална соработка.
Заедничка била осудата на руската агресија во Украина.
Притоа било констатирано дека интеграцијата на Северна Македонија и Албанија во ЕУ е од значење за стабилноста и безбедноста на регионот, но и на Европа, и дека сега е моментот за исчекор.
Во таа насока била изразена целосна поддршка од Австрија за европските аспирации на нашата држава.
Во премиерите Ковачевски и Петков се гледа како на луѓе што ги движат работите напред и со новата клима на почитување во односите меѓу Северна Македонија и Бугарија се оценува дека има отворен прозорец на можности за доаѓање до принципиелно решение, се потенцира во владиното соопштение.
Премиерот Ковачевски се заблагодарил за големата и пријателска поддршка од Република Австрија за евроинтеграциите на Република Северна Македонија и како држава што е меѓу најголемите инвеститори во земјата.
„Ги споделуваме вредностите на ЕУ, членка сме на НАТО, се поставивме целосно на линија на политиките на НАТО и на ЕУ во однос на војната во Украина, отворено ја дадовме потребната помош на Украина, подготвени сме да прифатиме и евентуални бегалци од државата. Во исто време донесовме антикризни мерки за помош на граѓаните и компаниите, ги решаваме предизвиците со енергијата и обезбедувањето храна, разговараме и со Бугарија за можните решенија. Европските интеграции на Северна Македонија и на Албанија се потребен сигнал за целиот регион и важни за стабилноста во ЕУ“, изјавил Ковачевски.
На средбата било разговарано и за можностите за унапредување на трговијата меѓу државите, како и за натамошниот развој на односите меѓу двете земји и во други области од значење за граѓаните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Појава на магла на Стража, државните патишта проодни и безбедни за сообраќај
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по влажни коловози.
Намалена видливост поради појава на магла до 100 метри има на планинскиот премин Стража.
Сите државни патишта се проодни и безбедни за сообраќај, соопшти АМСМ.
Сообраќајот се одвива непречено, но поради врнежите од снег се препорачува внимателно возење.
Екипите на ЈП Македонија пат се целосно екипирани, ставена е на располагање потребната механизација и работна сила и во континуитет на терен се врши расчистување на снегот. Во соработка со ЈП за државни патишта и Министерство за транспорт се вршат координирани активности со цел да се обезбеди непречено и безбедно одвивање на сообраќајот.
Покрај внимателно и совесно управување со возилата, се препорачува задолжително употреба на зимска опрема, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и прилагодена брзина согласно условите на патните правци.
Исто така се препорачува навремено информирање од страна на сите информативни центри за условите и сообраќајот на државните патишта.
Кооридинираните активности на надлежните институции продолжуваат и во текот на наредниот перидод, со цел да се обезбеди непречено и безбедно одвивање на сообраќајот.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
„Паметен зелен бран“ за регулирање на протокот на возила: Ѓорѓиевски и Тошковски на финални подготовки за официјално пуштање на „Сејф Сити“
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски заедно со министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, одржа координативен состанок со стручни тимови од областа на сообраќајот, посветен на финалните подготовки за официјално пуштање во функција на „Сејф Сити“ системот, соопштија од Град Скопје.
Притоа беше истакнато дека Градот Скопје ќе има клучна и активна улога во имплементацијата на овој современ систем, со цел воспоставување ред, дисциплина и значително повисоко ниво на безбедност за сите учесници во сообраќајот.
Со воведувањето на „Сејф Сити“, Скопје започнува суштинска реформа во начинот на управување со сообраќајот, заменувајќи ги застарените модели со паметни, адаптивни и технолошки напредни решенија кои во реално време ќе го регулираат протокот на возила, ќе ги намалат гужвите и ќе овозможат побезбедно и поефикасно движење низ градот.
„Воведуваме ред, безбедност и модерен сообраќај – градот Скопје ќе има клучна улога во „Сејф Сити“ системот, објави скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски на социјалните мрежи.
Одржавме, додава тој, значаен координативен состанок со министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, како и со експерти од областа на сообраќајот, посветен на финалните подготовки за официјалното пуштање во функција на „Сејф Сити“ системот.
Како што појаснува Ѓорѓиевски, Градот Скопје ќе има силна и активна улога во неговата имплементација, со цел воспоставување ред, дисциплина и многу повисоко ниво на безбедност за сите учесници во сообраќајот.
„Ова е суштинска реформа во начинот на кој функционира сообраќајот во нашиот град.
Наместо застарениот концепт на „зелен бран“ од минатото, воведуваме паметен зелен бран – модерен, адаптивен и иновативен систем кој во реално време ќе го регулира протокот на возила, ќе ги намали гужвите и ќе овозможи побрзо, поефикасно и побезбедно движење низ Скопје.
Во наредниот период, Советот на град Скопје ќе донесе низа важни одлуки поврзани со дистрибуцијата, особено во централното градско подрачје.
Овие мерки ќе донесат значително олеснување на сообраќајниот метеж, подобра организација и поголем комфор за граѓаните.
Дополнително, преку „Сејф Сити“ системот ќе се стави крај на девијантното и неодговорно однесување кое со години наназад го нарушуваше јавниот ред и резултираше со уништување на урбаната опрема и јавниот простор.
Контролата, превенцијата и брзата реакција ќе станат стандард“.
Ѓорѓиевски нагласува дека ова ќе значи побезбедни улици, почитување на правилата, заштита на јавниот имот и пред сè, сигурност за секој граѓанин. „Скопје чекори кон модерен европски град со паметни решенија, јасни правила и одговорен сообраќај“.
Македонија
Утре претпладне променливо облачно, попладне облачноста ќе се намали
Утре претпладне ќе биде променливо облачно, во источните делови со повремен локален дожд во пониските, дожд и снег на повисоките места, а на планините слаб снег. Попладне облачноста ќе се намали. Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 8, а максималната ќе достигне од 5 до 11 степени.
Во Скопје, времето ќе биде променливо облачно, претпладне со повремен дожд. Попладне облачноста ќе се намали. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 6, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во среда кон крајот на денот и во четврток, повторно ќе има локални врнежи од дожд, а на планините од снег. Од петок ќе преовладува променливо облачно време со услови за слаби локални врнежи од дожд и снег. Дневната температура ќе има тенденција на опаѓање.

