Македонија
Ковачевски – Зеленски: Македонија ќе продолжи со воена и хуманитарна поддршка на Украина
Премиерот Димитар Ковачевски, денеска, во телефонски разговор со претседателот на Украина, Володимир Зеленски, ја пренесе поддршката на Северна Македонија за украинскиот народ во бруталната неоправдана и непредизвикана воена агресија што Русија ја врши врз Украина, соопштија владините служби.
„Војната што Русија ја почна пред речиси една година е флагрантно кршење на меѓународното право и на Повелбата на ОН. Украина е независна и суверена држава со целосно располагање на својот територијален интегритет. Агресијата што Русија ја врши е за најсилна осуда бидејќи, освен прекршување на нормите, таа предизвикува и големо човечко страдање и ја влошува глобалната економија“, истакна Ковачевски.
Беше разговарано и за досегашната помош и поддршка што Северна Македонија ја обезбедува за Украина. Претседателот Зеленски ја истакна благодарноста до македонскиот народ за целата досегашна помош и поддршка. Северна Македонија и како НАТО-членка ќе продолжи со помош за Украина на сите потребни начини.
Посебен фокус на разговорот беше развојот на настаните на воениот фронт, како и улогата на ОБСЕ во можностите за прекин на војната. „Како премиер на земја претседавач на ОБСЕ, ќе ја посетам Украина“, нагласи премиерот Ковачевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози, на некои повисоки места со мали остатоци од кашест снег на коловозот
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози, на некои повисоки места во западните и југозападните делови од државата со мали остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на дежурните екипи на ЈП Македонијапат.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Мицкоски е во паника, опозицијата освои двојно повеќе гласови од власта, велат од СДСМ
„Мицкоски мора да е во голема паника штом свика прес конференција да се пофали дека опозицијата освоила повеќе гласови од владејачките партии“, велат од СДСМ.
„Дури и со сите можни злоупотреби на институциите и притисоци, кандидатите за градоначалници од опозициските партии освоија двојно повеќе гласови од кандидатите на владејачките партии.
Опозицијата освои двојно повеќе гласови, 21.394 гласови а власта само 12.534 гласа. Заклучокот е едноставен, власта на ВМРО, ВЛЕН и ЗНАМ загуби вечерва и тоа убедливо“, соопшти СДСМ.
Македонија
Почувствуван земјотрес во Прилеп и околината
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани ширум нашата територија, одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, ноќеска во 01 часот и 14 минути регистрира земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Грција, на околу 116 км југоисточно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML2.9
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Прилеп и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.

