Македонија
Османи на работен состанок со амбасадорите на земјите членки и набљудувачи на САД – Јадранската повелба (А5)
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денес, на работен состанок со амбасадорите на земјите членки и набљудувачи на САД – Јадранската повелба (А5), ги претстави приоритетите и целите на претседавањето на Северна Македонија со Повелбата во 2023 година, информираат од неговиот кабинет.
Османи нагласи дека нашето претседавање се поклопува со одбележувањето на 20-годишнината од формирањето на А5, која ја има исполнето иницијалната цел за која беше основана, односно четири земји членки на Повелбата (Северна Македонија, Албанија, Хрватска и Црна Гора) денес се членки на НАТО.
„Еден од најголемите предизвици претставува амбицијата што си ја поставивме пред себе како актуелни претседавачи, а тоа е создавањето нов стратешки концепт на А5, кој треба да претставува рефлексија на улогата на организацијата во претстојната декада“, истакна Османи.
Амбасадорката Агелер му честиташе за претседавањето со САД – Јадранската повелба и со ОБСЕ.
„Северна Македонија презема исклучителна лидерска улога во заедницата на европските народи во клучно време. Уверени сме во капацитетот и визијата на Северна Македонија не само за дефинирање на идната улога на А5 туку и за адресирање на клучните прашања за европската безбедност за време на нејзиното претседавање со ОБСЕ“.
Зборувајќи за важноста од соработка меѓу државите со заеднички цели, амбасадорката Агелер рече: „Унапредувањето на европската безбедност и стабилност никогаш не било толку важно како што е денес. Руската предумислена, неиспровоцирана и незаконска воена агресија против Украина претставува отрезнувачки потсетник за неопходноста од организации како НАТО и ОБСЕ“.
Османи истакна дека Северна Македонија веќе презеде чекори во насока на подготовка на нов стратешки концепт изготвувајќи предлог-документ со конкретни предлози и насоки врз кои би се засновала соработката на Повелбата во следната декада.
„Оваа наша амбициозна цел веќе беше тема на дискусија за време на стратешкиот дијалог меѓу Северна Македонија и САД, што се одржа во јуни минатата година во Вашингтон. Имаме поддршка од нашиот стратешки партнер – САД да го почнеме овој процес, што е во функција на поефикасно справување на земјите од регионот со денешните предизвици. Дополнително, креирањето нов стратешки концепт влегува и во планот за активности во рамките на стратешкиот дијалог со САД, што се очекува набргу да биде усвоен на владина седница“, заклучи Османи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Силните дождови поплавија подруми и гаражи во Охрид
Локални дождови вчера и во текот на ноќта имаше на повеќе места во државата. Регионалниот Центар за управување со кризи (ЦУК) Охрид, известува дека се добиени пријави на граѓани за поплавување на подруми и гаража на две куќи на ул. „Стив Наумов“, во Охрид. Од страна на Општина Охрид е контактирано со ЈП „Нискоградба“ и ЈП „Колекторски систем“ дека колекторскиот систем не можел да ја прими во целост количината на вода која поради обилните врнежи од дожд, бидејќи во тој период на пороен дожд количината вода била голема. За кратко време состојбата е санирана.
Од ЦУК потсетуваат за голема внимателност при појава на локалните нагли метео промени и особена внимателност при грмежите и молњите, односно при силните електрични празнења. Препораките се да не се престојува на отворен простор и под осамени дрвја.
Потсетување има и за внимателно возење, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде што има можност од појава на помали одрони при вакви променливи метео услови. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Сите итни случаи се пријавуваат на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК, особено кога граѓаните имаат животозагрозувачки ситуации. Истовремено, ЦУК информира дека е потребно и е корисно да се следат препораките и информациите од медиумите за превенција, а и за реагирање при итни случаи.
Македонија
За неколку дена Сиљановска Давкова ќе ја има првата посета во странство
За неколку дена, односно на 23 мај претседателката Гордана Сиљановска Давкова ќе ја има првата посета во странство. Тој ден ќе биде примена од Папата Франциск во Ватикан, а следниот ден во Рим ќе присуствува на чевствувањето на светите браќа Кирил и Методиј.
Сиљановска Давкова ќе ја посети базиликата Свети Климент каде се наоѓа гробот на Св. Кирил, а потоа и базиликата Санта мариа Маџоре каде се наоѓа плочата испишана на македонски јазик. За време на престојот во Рим, претседателката ќе биде примена од претседателот на Италија, Серџо Матарела.
Македонија
Денес дожд и грмежи, можно е краткотрајно невреме со силен ветер и град
Времето денеска ќе биде променливо облачно и нестабилно со пороен дожд и грмежи. Локално ќе има услови за појава на невреме со интензивен пороен дожд, силен ветер и изолирана појава на град.
Минималната температура ќе се движи од 9 до 15, а максималната ќе достигне од 21 до 27 степени.
Во Скопје ќе биде променливо облачно и нестабилно со пороен дожд и грмежи. Во делови од котлината ќе има услови за појава на краткотрајно невреме со интензивен пороен дожд, силен ветер и изолирана појава на град. Минималната температура ќе се спушти до 14, а максималната ќе достигне до 25 степени.