Македонија
Ковачевски: Нека ни е честит 1 Мај, денот на трудот – СДСМ секогаш била на страната на работниците
„СДСМ како единствена авентична социјалдемократска партија секогаш била на страната на работниците, а нашите социјалдемократските политики ги заштитија граѓаните и ја спасија земјата од колапс за време на кризите во изминатите години“, изјави претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, на денешниот Првомајски пикник што се одржа во Градскиот парк во Скопје.
Тој потенцираше дека за време на владеењето на СДСМ значително се унапредиле работничките права и се подобрил животниот стандард на граѓаните.
„СДСМ е партијата која обезбеди повисока минимална плата за работниците и постави методологија за сигурен и континуиран раст што денес резултира со минимална плата од 22.500 денари. Нешто што беше незамисливо до пред само седум години. Незамисливо беше затоа што претходната власт на ДПМНЕ ги третираше и продаваше нашите работници низ светот како евтина работна сила. Верувале или не, со тоа привлекуваа инвестиции“, рече Ковачевски.
Ковачевски потсети дека токму СДСМ е партијата која обезбеди недела да биде неработен ден и ги зголеми пензиите и платите во суштинските сектори како здравство, образование и безбедност. Никого не оставивме сам да се бори со последиците од кризата, водејќи се од принципите на солидарност и правда, истакна Ковачевски.
„Кога ги носевме антикризните мерки, ние решивме да се однесуваме одговорно. Правилно го распределивме ограничениот буџет и ги вративме парите кај граѓаните кога беше најпотребно. Обезбедивме 2,6 милијарди евра за поддршка на граѓаните и стопанството со што го заштитивме животниот стандард и достоинството на граѓаните, но и ги зачувавме работните места.“
Лидерот на СДСМ на сите граѓани на Македонија им го честиташе 1 Мај – Меѓународниот ден на трудот и најави дека партијата останува верен сојузник и поддржувач на работниците.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Двегодишно дете со тешки телесни повреди од Битола пренесено во Скопје, го нападнале кучиња скитници додека си играло
Лекарите од Клиничката болница во Битола вчера во полиција приавиле дека примиле двегодишно дете со тешки телесни повреди по напад од кучиња скитници.
„Доктор од Клиничка болница Битола пријави дека кај нив со тешки телесни повреди е донесено двегодишно дете од Битола, кое, според пријавеното, додека си играло во близина на семејната куќа во Битола, било нападнато од кучиња скитници. Детето е пренесено во Комплекс клиники ’Мајка Тереза‘ во Скопје“, соопшти МВР.
СВР Битола презема мерки за расчистување на настанот.
Македонија
Измамена 76-годишна битолчанка: се претставил како лекар и ѝ зел 7.000 евра за да ја спаси внуката повредена во сообраќајка
Во полицијата во Битола, 76-годишна жена вчера пријавила дека била измамена за 7.000 евра.
„76-годишна жена од Битола пријави дека била измамена од страна на непознато машко лице, кое и се јавило на телефон и ѝ се претставило како лекар, по што и кажало дека нејзината внука е тешко повредена во сообраќајна несреќа и треба да даде пари за да ѝ го спаси животот. Пријавителката заедно со сопругот однеле 7000 евра и ги дале на едно лице кое, според договорот, ги чекало кај саатот во Битола. Подоцна, пријавителката сфатила дека била измамена односно дека нејзината внука не учествувала во сообраќајна несреќа“, соопшти МВР.
Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.
Македонија
Панична пропаганда се за Петрушевски обвинувањата од СДСМ за реформите во ВМРО-ДПМНЕ
„Обвинувањата на СДС се класичен пример на панична пропаганда без факти и без аргументи“, рече денес пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, одговарајќи на обвинувањата од СДСМ дека место нови лица старата банда е реформата во ВМРО-ДПМНЕ.
„Факт е дека Драган Ковачки поседува валиден НАТО сертификат, што целосно ги демантира лагите дека бил ’одбиен од НАТО’ или дека не исполнувал безбедносни услови. Сѐ друго е злонамерна конструкција за дневнополитички потреби. ВМРО-ДПМНЕ спроведува внатрепартиски реформи согласно Статутот и со јасна цел, ефикасна, одговорна и европски ориентирана партија. Обвинувањата за наводна контрола врз институции и медиуми се неосновани и доаѓаат од структури кои со години ја злоупотребуваа државата и сега се плашат од одговорност“, рече Петрушевски.
ВМРО-ДПМНЕ, како што нагласи Петрушевски, останува цврсто посветена на политиките што значат Македонија интегрирана во ЕУ, стабилен НАТО партнер и заштита на државните и националните интереси.

