Македонија
Ковачевски нема да има средба со Лавров: Ова, апсолутно, не е никаква дипломатска победа на Русија, ова е победа на ОБСЕ
Пред почетокот на денешниот 30. министерски состанок на ОБСЕ, премиерот Димитар Ковачевски го оправда откажаното присуство на министрите од Украина, Литванија, Естонија и од Летонија, а подоцна и Полска, откога рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, доби дозвола за прелет и го потврди присуството во Скопје. Премиерот Ковачевски смета дека Русија не извојувала дипломатска победа.
„Ова, апсолутно, не е никаква дипломатска победа на Русија, ова е дипломатска победа на ОБСЕ со оглед на тоа дека беше доведено во прашање функционирањето на ОБСЕ. Со ова ОБСЕ ќе продолжи да функционира и ќе продолжи да биде гарант на обезбедување развој на демократските и на мирните процеси во Европа“, рече премиерот Ковачевски.
На новинарско прашање дали ќе има средба со Лавров, Ковачевски кусо одговори дека нема да се сретнат.
Секоја земја, како што рече премиерот, на поинаков начин го искажува ставот за агресијата на Русија.
„Ние треба да бидеме свесни дека секоја земја на свој начин испраќа порака за неоправданата агресија што Русија ја направи врз суверена држава, врз Украина. Некои тоа го прават со нивно неприсуство, меѓутоа некои го прават со нивно присуство и се надевам со многу јасно искажани ставови во однос на неоправданоста на оваа агресија“, рече Ковачевски.
Неговите очекувања од денешниот состанок се дека ќе бидат потврдени одлуките што веќе се разговараа на ниво на амбасадори и дека ОБСЕ ќе продолжи да работи успешно. Нагласи дека Македонија претседаваше во најтешката година за ОБСЕ со оглед на тоа што организацијата се соочи со голем број предизвици поради, како што рече, неоправданата агресија и војна што Русија ја направи врз Украина. Се надева дека денес ќе бидат потврдени одлуките за избор на нов претседавач, за избор на четирите најзначајни функции и позиции во ОБСЕ, како и донесување на буџетот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Центар, Чаир и Студеничани денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска без електрична енегија ќе останат:
– во периодот од 07.30 до 15.00 часот, дел од улицата Никола Тримпаре 15 и дел од улицата Мирослав Крлежа бр.16-20 и дел од локали и влезови на згради на булеварот Климент Охридски бр,54, општина Центар;
– во периодот од 09.30 до 15.30 дел од улицата Мирослав Крлежа по старо Ѓуро Ѓакович бр.52.54.56.58.60.62, општина Центар;
– во периодот од 08.00 до 14.30 корисниците од Ретаил Поинт Парк во Чаир, општина Чаир;
– во периодот од 09.00 до 13.00 часот, корисниците на дел од село Студеничани кај Бурдем, општина Студеничани.
Македонија
Сончево со мала до умерена облачност, ќе дува повремено засилен северен ветер
Сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец (локално до 50 km/h). Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 6, а максималната ќе достигне од 9 до 16 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и сончево време со мала до умерена облачност и со пониски утрински температури. Во четврток ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северен правец, поизразен долж Повардарието.
Македонија
Дел од Автокоманда денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека за денеска имаат планирано неколку интервенции и тоа:
· поради промена на вентил од 2.5“ на улицата Јани Лукровски 12, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.

