Македонија
Ковачевски: Не дозволивме ценовен шок кај електричната енергија, Северна Македонија е лидер во енергетската транзиција
Премиерот Димитар Ковачевски, на денешната собраниска седница во одговор на пратеничко прашање, посочи дека Владата од почетокот на економската и енергетската криза водеше успешна политика пред сè во делот на обезбедувањето на електрична енергија без никаков прекин во текот на целата измината година.
Тој потенцираше дека континуирано се креираат мерки за обезбедување субвенции и финансиски средства за најранливите категории на граѓани како и субвенционирање на цената на електрична енергија, која е обезбедена за сите домаќинства и за сите компании на регулираниот пазар.
„Владата не дозволи ценовен шок, прво, затоа што производството на електрична енергија преку производствените капацитети на ЕСМ беше зголемено на највисоко можно ниво и заради тоа во најтешките месеци од оваа измината зима ние имавме денови кога извезувавме електрична енергија. Со субвенциите се овозможи граѓаните да плаќаат за 80% помалку електрична енергија од тоа што беше пазарната цена и ден денес имаме субвенција за електрична енергија за граѓаните бидејќи нема никакво поместување на цената за електрична енергија“, посочи Ковачевски.
Потенцираше дека зголемувањето на домашното производство на електрична енергија преку инвестиции во нови енергетски инфраструктурни проекти од страна на државата преку АД ЕСМ, базирани на обновливи извори на енергија е вистинскиот пат кон обезбедување на енергетската независност на Северна Македонија.
„Мандатот на оваа Влада од 16 јануари минатата година до денес ќе биде запаметен како мандат во кој што е инсталирана најголема моќност на обновливи извори на енергија. Во моментов се инсталирани 420 мегавати обновливи извори на енергија со оглед на издадените лиценци до крајот на годината тоа ќе биде 600 мегавати на обновливи извори на енергија што споредено со периодот од 2016 година кога имаше само 16 мегавати инсталирано е огромно зголемување. Тоа нашата држава ја прави најголем производител на обновливи извори на енергија во целиот регион. А, ако ги погледнете и светските медиуми ќе видите дека утре во државата ќе биде пуштена и најголемата фотоволтаична централа во цел Западен Балкан со моќност од 55 мегавати што е еднакво на половина скоро капацитет на еден од блоковите во термоелектраните“, истакна Ковачевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Хоџа: Реален пресврт во управувањето со отпадот во Полошкиот регион
Модерниот регионален систем за отпад значи крај на импровизациите и трајно решавање на проблемот кој со децении ги мачи граѓаните– беше клучната порака од обраќањето на министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, на презентацијата на новата механизација за регионалниот центар Русино.
Инвестицијата во вредност од 1.114.200 евра е реализирана со поддршка од Европската банка за обнова и развој.
Со новата механизација значително се зголемува оперативниот капацитет на Русино и се воведуваат современи стандарди во секојдневното работење. Оваа активност е дел од пошироката инвестиција од 55 милиони евра со која започна најголемата инфраструктурна реформа во секторот отпад во државата.
Во следната фаза е предвидена инвестиција од околу 14 милиони евра за рехабилитација и проширување на депонијата, што вклучува изградба на нови депониски ќелии, систем за управување со исцедок и биогас и затворање на постојната депонија.
„Со тоа се обезбедува целосно усогласување со европските стандарди и воспоставување модерен регионален систем што значи крај на дивите депонии и почиста животна средина за граѓаните во Полог“, рече министерот.
Македонија
Јанчев: Во услови на безредие и хаос да се продолжува рок за легализација на дивоградби е фатално
Во услови на безредие и хаос да се продолжува рок за легализација на дивоградби е фатално, изјави на денешната седница на Собранието, пратеникот од Левица, Сашко Јанчев.
Тој истакна дека предложените измени на Законот за постапување со бесправно изградени објекти претставуваат директно стимулирање на дивоградбите и продлабочување на урбанистичкиот хаос.
Јанчев потсети дека законот од 2011 година, кој требало да важи шест години, со низа продолжувања се развлекува на вкупно 20 години, со што наместо да се затвори прашањето за старите објекти, се поттикнува изградба на нови дивоградби.
„Градежното земјиште е ограничен ресурс, а како во природата, така и во општеството, мора да постојат правила за негово користење. Урбанистичките правила постојат за да создадат хумана средина за живеење, а кога не се почитуваат добиваме хаос и безредие. Немаме градски архитекти за одржување на урбаниот ред, немаме урбанистички планови, за многу населени места, а постојните се стари по 15–20 години и не одговараат на реалноста на терен. Планирањето не го води јавниот интерес, туку профитот, кој често е спротивен на јавниот интерес. Имаме населби со број на жители што не одговара на капацитетите на водоводната и канализационата мрежа, недостиг на паркинг места, сообраќајници низ кои не може да помине ни едно противпожарно возило. Во вакви услови да се продолжува рокот за легализација и да се стимулираат нови дивоградби не е паметно, туку е штетно, а може да биде и фатално”, рече Јанчев.
Македонија
Митева: Обидот на Жерновски да конструира наратив за „скандал“ e класичен пример на политичка дезориентација
Обидот на Жерновски да конструира наратив за „скандал“ претставува класичен пример на политичка дезориентацијаи дефокус од суштинските прашања вели портпаролката на Владата, Марија Митева, по обвинувањата на Андреј Жерновски од СДСМ дека таа признала дека Мицкоски управува во судството.
„Со жалење ја следам паничната и хистерична реакција на Жерновски и СДС. Интегритетот на Жерновски во македонската политика, кој смени едно чудо партии, е еднаков на една стара витрина со пајажина, заборавена и надмината со времето. Го ставија во партиски тела за да се натпреварува кој ќе фрли повеќе кал, тоа е спорт омилен за мал дел од политичката елита на СДС. Обидот да конструира наратив за „скандал“ претставува класичен пример на политичка дезориентација и дефокус од суштинските прашања. Кога аргументите изостануваат, остануваат инсинуациите. Кога немаат одговори, продуцираат магла“, напиша Митева на социјалните мрежи.
Таа вели дека секогаш стои на кажаното и дека фактите зборуваат дека станува збор за решение донесено пред речиси три месеци, со кое тужбата на Жерновски е отфрлена, а барањето за надомест на штета е одбиено како неосновано.
„Тоа е правната реалност. Сè друго е свесна манипулација со јавноста. За разлика од СДС, ниту некогаш сум манипулирала, ниту ќе манипулирам со граѓаните. Мојот збор има тежина и е прашање на кредибилитет и личен интегритет. Токму затоа е очигледно дека ваквиот тотално паничен настап произлегува од страв, страв од одговорност, страв од вистината и страв од прашањата на кои сè уште немаат одговор. Наместо да фабрикуваат конструкции, нека одговорат каде води случајот со 40 тони марихуана, кој сè бил вклучен. И уште низа други одговори за криминал и корупција кои како печурки после дожд секојдневно излегуваат. Јавноста заслужува одговори, а не политички театар“, вели Митева.
Според неа, нападите дека некој „управува“ со судовите потекнуваат од нивната долгогодишна пракса на такво практицирање, тоа време заврши.
„Јас нема да учествувам во нивната игра на креирање лажни скандали. Ќе продолжиме да инсистираме на владеење на правото, институционална одговорност и целосна транспарентност. Граѓаните гледаат кој нуди факти. Политиката мора да се води со интегритет, а не со конструкции и лаги“, вели Митева.

