Македонија
Ковачевски не е достапен за полицијата и не се откажал од македонското државјанство, рече министерот Тошковски
Поранешниот директор на „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ), Васко Ковачевски, е недостапен за полицијата. Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, ги демантира вчерашните објави во некои од медиумите дека Ковачевски се откажал од македонско државјанство и рече дека институциите работат на негово обезбедување.
„Лицето не е достапно на органите на прогонот. Тие ќе сторат сè во рамките на својата законска надлежност за постапување сè со цел тоа да биде обезбедено и биде изведено пред лицето на правдата. Вчера, имаше многу шпекулации во однос на тоа каде се наоѓа посоченото лице, во делот на тоа дали се откажал од македонско државјанство и во делот на тоа дали има македонско државјанство. Она што е факт е дека посоченото лице е во рамките на регистарот на државјани на Македонија, тој е македонски државјанин и не побарал отпуст во согласност со информациите што ги имам во овој момент“, рече денес министерот Тошковски.
Тој уверува дека органите на прогонот и надлежните институции, секој во рамките на своите надлежности, работат за да го изнесат Ковачевски пред судот. Полицијата трага по Ковачевски од вчераутро кога 23 лица беа уапсени под сомнение дека се здружеиле и направиле криминал тежок над 6,5 милиони евра во ЕСМ, РЕК „Битола“, ТЕЦ „Осломеј“ и ТЕЦ „Неготино“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче со куфер сликан на аеродром, СДСМ обвинува за следење: „Се враќаме во периодот пред 2016 година“
Опозициската СДСМ денеска обвини дека се врши следење на претседателот на партијата Венко Филипче, оценувајќи дека станува збор за методи карактеристични за периодот пред 2016 година.
Повод за реакцијата, како што наведуваат од СДСМ, е фотографија објавена во јавноста на социјалните мрежи, а на која Филипче е снимен на аеродром, и се тврди дека патува за Дубаи, што партијата го оцени како обид за јавен линч и индиректно признание дека се врши следење и притисок врз опозицијата.
„Ова е добро познатата школа на Никола Груевски, кога безбедносните служби беа ставени во функција на следење на опозицијата“, се наведува во соопштението.
Од СДСМ тврдат дека, покрај следењето, постојат и обиди за прислушување, оценувајќи дека државата повторно се движи кон мракот и дека се применуваат исти методи како во минатото – следење, фабрикување вести и пласирање, како што велат, лажни афери, со цел дефокус од актуелните теми.
Во соопштението се нагласува дека Филипче патува со редовни комерцијални летови, секако не оди во Дубаи, и не користи владини авиони или приватни летала, за разлика од премиерот Христијан Мицкоски, кого СДСМ го обвинува за луксузирање и злоупотреба на државни ресурси.
Според партијата, целта е дефокус, за луѓето да не бидат информирани за „мигранти за пари“, криминал и корупција.
Македонија
Костовски: Левица гласаше против поликлиника, водовод, мостови, финансиска помош за новороденчиња
Левица Бутел тргна цврсто по стапките на ДУИ во општина Бутел, отворено гласаше против се што ќе набројам, пишува градоначалникот Дарко Костовски на социјалните мрежи.
„На седница за буџет, советникот на Левица Бутел гласаше против:
-Нова поликлиника
-Доизградба на водоводот за Љубанци и Љуботен
-Традиционален турнир во Баскет во Радишани
-Традиционален турнир во фудбал за загинати бранители во Љубанци
-Нов мото собир во Бутел
-Детска градинка во населеното место Бутел 2
-Нова фасада на ООУ СВ Климент
-Изградба на пливачки затворен базен во ООУ “Ацо Шопов”
-Нови мостови на река Серава во Радишани
-Уредување и чистење на речното корито на Река Серава
-Финансиска помош за новороденчиња
-Реконструкција на клучните сообраќајници во општина Бутел
-Реконструкција и ревитализација на голем број на помали сервисни улици
-Изградба на нова и реконструкција на постоечката атмосферска и фекална канализација
-Изградба на нови спортско рекреативни центри
-Радишани
-Бутел 1, два спортски центри
-Нови детски игралишта
-Нови спортски игралишта
-Нов пешачки и пристапни патеки
-Поддршка на спортски клубови
-Спортски стипендии
-Парична помош за пензионерите
-Зголемен број на финансиски средства за помош на социјално загрозени семејства
-Финансии за културни и спортски настани
Добро е и тие малку граѓани што гласаа за Левица во Бутел да видат за што гласале, тој глас полека директно се претвара во глас за ДУИ. Одговорно тврдам.
Се надевам ова ќе ми биде последниот статус кога ќе направам равенство помеѓу Левица и ДУИ. Дека последен пат ќе се сомневам дека соработуваат. ДУИ ги интересира само згради во Бутел и тоа веќе на сите е јасно, Левица нема “причина” да биде неразумна !
Давам можност и време да се вразумат. Искрено го правам тоа.
Бутел ќе се развива се повеќе, и ќе се чува се повеќе, нема да дозволам бандити пак да ја водат општината. Затоа што народот јасно покажа каде да се движиме“, додава Костовски.
Македонија
Ведро, но студено утро време, сончев ден со северен ветер
Времето утре наутро ќе биде ведро и многу студено, преку денот сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -9 до -2, а максималната ќе достигне од 5 до 12 степени.
Во Скопје, сончево со мала облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -6, а максималната ќе достигне до 6 степени, јавува УХМР.
Во наредните денови времето ќе биде стабилно и студено со ниски утрински температури кои насекаде ќе бидат негативни и наместа ќе се спуштат до -10 степени. Преку денот ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северен правец.

