Македонија
Ковачевски не разговарал со Грција за пролонгирање на рокот за пасошите – „Обврската ја презеде Пендаровски“, вели тој
Премиерот Димитар Ковачевски не разговарал со Грција за можноста да се пролонгира рокот за новите патните исправи откако граѓаните се изложени на минусни температури со часови да чекаат за да може да извадат нов пасош, а уште толку и за да го подигнат.
Ковачевски, одговарајќи на новинарски прашања, се огради за можноста лично да комуницира со Грција велејќи дека таа обврска ја презел претседателот на државата, Стево Пендаровски.
„Со грчките власти немам разговарано. Тоа претседателот на државата го презеде како обврска да се чуе со претседателката на Грција. Имаме разговори што се водат со ресорните министри. Ја видов иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ до Уставниот суд. Не ја отфрлам, но одлуката е на Уставниот суд“, рече Ковачевски.
Премиерот вели дека како држава со преспанскиот договор сме се обврзале дека до 12 февруари документите за надворешна употреба ќе бидат со новото уставно име на државата.
„Законски измени може да се направат, но се работи за документи за надворешна употреба. Значи, личната карта и со Република Македонија се користи за внатрешна уоппотреба, како и возачката дозвола. Натчовечки напори направија вработените во МВР. Променија 1,2 милион пасоши, гледате дека работат луѓето и за празници и во недела и ќе разговараме, тоа е процес што мора да се заврши“, рече Ковачевски.
Грција е една од омилените дестинации за патување на граѓаните од средината на мај до средината на септември, па неопходен е договор со Грција, додаде премиерот.
Од кабинетот на Пендаровски минатата недела за „Макфакс“ изјавија дека претседателот е подготвен да придонесе за да се пролонгира рокот за замена на личните документи, но комуникацијата за преспанскиот договор треба да оди преку МНР, кои се потписници.
Во однос на предлогот на Пендаровски рокот за пасошите да се пролонгира со законски измени, од неговиот кабинет рекоа дека ако Владата го смета предложеното за добро, може веднаш да почне со иницијатива за негова реализација.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Потпишан Меморандум со највисоко рангираните универзитети во Македонија за соработка во рамки на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, објави Ѓорѓиевски
Градоначалникот на Град Скопје, заедно со највисоко рангираните универзитети во Македонија потпишаа Меморандум за соработка во рамки на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, со што академската заедница официјално се вклучува како активен и рамноправен партнер во овој значаен европски културен процес, информираат од Град Скопје.
Со Меморандумот се потврдува јасната европска ориентација на универзитетите и нивната улога како двигатели на знаење, креативност и иновации, како и нивната општествена одговорност во развојот на заедницата. Вклучувањето во „Скопје 2028“ отвора можности за интеграција на културата во наставните и истражувачките програми, поттикнување на студентската креативност и младинскиот ангажман, развој на интердисциплинарни и меѓународни партнерства и зголемување на академската видливост на европско ниво.
Академската заедница останува посветена на активна, професионална и визионерска улога во реализацијата на „Скопје 2028“, со цел зајакнување на европските вредности, продлабочување на интеркултурниот дијалог и создавање одржлива, солидарна и креативна иднина за Скопје и Македонија.
Македонија
Сиљановска-Давкова: „Извозот на мозоци“ остава длабоки лузни, најдобрите си заминуваат поради недостиг на правдата при вработувањето и напредувањето
Претседателката на државата, Гордана Сиљановска -Давкова денеска присуствуваше на презентацијата на проектот „Партнерства за вештини за одржливи и праведни модели на миграција“ (Skills4Justice), спроведен во рамките на програмата на ЕУ за истражување и иновации Хоризонт Европа (HORIZON Europe). Настанот се одржа на Економскиот факултет при УКИМ, како национален координатор на истиот.
Во своето воведно излагање, таа истакна дека одливот на младите високообразовани и компетитивни македонски кадри е една од најголемите закани за македонскиот општествен развој, со сериозни демографски, економски, политички, научни и културни последици.
Според неа, со сè помалубројна и послаба епистемолошка заедница (професори, истражувачи, новинари-аналитичари, културни дејци), тешко е да се креираат добри политики во различни области.
Најдобрите си заминуваат во потрага по подобар живот, но и заради недостиг на меритократија (потценето знаење, талент, вештина и креативност), како и отсуството на владеење на правото и правдата при вработувањето и напредувањето, смета таа.
За неа, напливот на високообразовни институции со сомнителен квалитет, како и партизацијата и непотизмот, продуцираат некритична и послушна ,,интелигенција”.
Таа истакна дека борбата со егзодусот на најдобрите треба да почне со реформи во основното и средно образование, преиспитување на високообразовната мрежа и заострени критериуми при избор и кариера.
На крајот, претседателката укажа на потребата од воведување дуално образование во сите степени, преиспитување на преоптоварената високообразовна мрежа, организирање заеднички студии и проекти со други универзитети, ангажирање на македонските умови од дијаспората со помош на вештачката интелигенција и дигитализација.
Македонија
СДСМ: Македонија сака во ЕУ а ВМРО изолација
Македонските граѓани во големо мнозинство, над 70% сакаат членство во ЕУ. Додека Мицкоски и ВМРО намерно ја туркаат земјата кон изолација, далеку од ЕУ, истакнуваат од СДСМ.
„Известувачот за Македонија, Томас Вајс денеска изјави дека мора да се исполнат реформи и условот со уставни измени за да продолжи европскиот пат на земјата, при презентирањето на нацрт-извештајот за 2025 година.
Евроамбасадороот Михалис Рокас вчера беше дециден дека нема членство во ЕУ без право на глас и без право на вето.
Со ова, приказните на Мицкоски се разобличени целосно.
Исто како и празната националистичка реторика која веќе не поминува“.
Граѓаните, додаваат од СДСМ, го гледаат Мицкоски седнат во авион како се лукзуора на нивна сметка, со скапи часовници од 60.000 евра, со тендери како томбола за бизнис.
Тоа, како што оценуваат, е личен финаниски патриотизам.
„Зборува за меко ткиво а не знае дека и мозокот е меко ткиво.
Мицкоски, граѓаните имаат мозок“.

