Македонија
Ковачевски од талинскиот дигитален самит 2023: Дигитализацијата е наша силна алатка за забрзување на европскиот пат
Премиерот Димитар Ковачевски се обрати на отворањето на талинскиот дигитален самит 2023 во Естонија.
„Ние сме мала земја, малку можеби поголема од Естонија, но ние сме и предводници во регионот во сегментот на телекомуникацијата и поврзувањето. Многу бргу по нашата независност, беше имплементиран телекомуникацискиот план за дигитализација на инфраструктурата, што нè направи практично првата земја во регионот која прва ги замени аналогните системи со дигитални и ја оствари реалноста на дигиталната визија“, рече Ковачевски.
Многу важно за регионот, како што рече Ковачевски, е што преземајќи ја обврската од дигиталниот самит на Западен Балкан во 2018, ние заедно со земјите од регионот го укинавме роамингот за нашите граѓани правејќи чекор напред во приближувањето кон Европската Унија.
„Во Северна Македонија во моментот 83 % од домаќинствата имаат пристап до широкопојасен интернет, а 91 % од компаниите користат разна технологија, како и широкопојасен интернет. Употребата на електронски услуги бара активен и интензивен ангажман за да се обезбеди европско ниво што е можно побргу, а тоа го поставивме како приоритет во планот за дигитална трансформација, наречен дигитална ера, како и во националниот план за широкопојасен интернет, со кој треба да се елиминираат т.н. бели зони и да се обезбеди ултрабрз интернет до оние семејства на кои им е потребен бидејќи земјата е покриена со оптика во домовите“, посочи премиерот.
Според него, дигитализацијата како процес е одлика на демократски, отворени и транспарентни општества. Таа не само што обезбедува подобра и побрза услуга за граѓаните, влијае и на намалувањето на корупцијата, која игра сериозна улога во контекст на продолжување на нашиот европски пат и интеграција и посветеноста на зајакнување на владеењето на правото со што го подобруваме и општеството.
„Јас сум убеден дека дигитализацијата на судниците и Обвинителството ќе помогне во реформирањето на правосудството, ќе ја намали корупцијата и ќе го подобри владеењето на правото за граѓаните. Во поглавјата за слобода на движење на стоки и работници ќе обезбеди можности што сега ги ограничуваат нашите граѓани да учествуваат во единствениот пазар. Дигитализацијата е нашата најсилна алатка за забрзувањето на нашето пристапување во Европската Унија и затоа е наш фокус и се наоѓа високо на владината агенда“, рече Ковачевски.
Владата, како што истакна, активно работи на приспособување на нашите закони за сајбер-безбедност со стандардите на ЕУ и одблиску работи со нашите НАТО-сојузници на оперативно ниво на зајакнување на отпорноста на нашето општество и институциите.
„Сето ова е потврда дека дигиталната ера не се случува преку ноќ. Нашата определба за неа датира од 1991. Денес, со право можеме да кажеме дека ги имаме сите услови за дигитална трансформација. Имаме мрежа, имаме системи и со сигурен чекор без одлагање како во некои други времиња ги имплементираме сите процеси и се приближуваме кон европските вредности и начин на живеење. Токму затоа и веруваме дека членството во ЕУ до 2030 година е остварлива и реална цел“, посочи Ковачевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Села: Не е во ред тоа што се потенцира ДУИ, коалицијата е Европски фронт, од 9 партии
Зијадин Села од Алијанса за Албанците во интервју за Трилинг по изборите и изборните резултати и случувања, вели дека се работи за изборен инжинеринг и закрупнување на неколку политички сили. Според Села, не е во ред тоа што се потенцира ДУИ, коалицијата е Европски фронт, од 9 партии.
„Тука се најглавните албански партии. А дали сме подготвени за во опозиција, по демократските правила, тоа не го кажувааат политичките чинители, тоа го кажува народот, кој гласаше на 8 мај за Европскиот фронт да презема одговорности и да биде дел од власта“, вели Села.
Тој смета дека „погрешна е дефиницијата за коалицирање победник со победник, треба да е мандатар со победник. Победникот од македонската страна е дефиниран со Устав. Демографската реалност е за да има стабилност и да одиме напред, треба да се испочитува волјата на втората етничка заедница која е 30%, наспроти 54% кои се Македонците, според последниот попис“.
Додава дека Владата треба „да се изјасни во врска со обидот за изборен инженеринг. Според Пржинскиот договор, на техничкиот премиер е да обезбеди фер и демократски избори. Тие не се надвор од одлуките кои се носат во ДИК и Управен суд. Техничката влада е договор на најголемите политички партии“.
За тоа како Европскиот фронт ќе се однесува како опозиција во Собранието, Села вели „треба да се почитува желбата на граѓаните, не на Мицкоски. Ние ќе се однесуваме сразмерно на тоа како ќе биде решено. Не сакам да коментирам желби. Од ДИК се уште не се објавени мандатите, кој колку има. Се уште Мицкоски не е мандатар“.
Македонија
Денес малку сонце, па облачно, попладне нестабилно со пороен дожд и грмежи
Времето денес ќе биде сончево и топло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Попладне наместа, особено во северните делови ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, а ќе има и услови за краткотрајно невреме со силен ветер и изолирана појава на град.
Во Скопје сончево и топло со мала до умерена облачност. Попладне во делови од котлината ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, а ќе има и услови за краткотрајно невреме. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 27 степени.
Македонија
Здружението на судии загрижено за изјавите за Управниот суд: со нив се врши притисок врз судиите и судиското одлучуваљње
Здружението на судии во врска со реакцијата на Управниот суд на РСМ, ја искажува својата загриженост за изјавите на поединци со кои, како што се истакнува во соопштението, директно или индиректно се врши притисок врз судиите и судиското постапување и одлучување.
Како што велат, припадноста кон одредена политичка партија и можноста за идно владеење односно учество во извршната власт, не смее да се користи за коментирање, заканување или влијание врз судиското одлучување.
Оценуваат дека таквите изјави се штетни пред се за политичките субјекти кои ги пласираат во јавноста, а истовремено може да се разберат и како обид да се поткопа непристрасноста и интегритетот на судиите.
„Во однос на неоснованите обвинувања кои беа упатени на адреса на Претседателот на Управниот суд на РСМ, како Здружение на судии даваме целосна поддршка на колегите од именуваниот суд и напоменуваме дека секој избран судија е независен во своето одлучување и таа независност му е Уставно загарантирана. Па во тој правец и при најмал сомнеж за евентуален обид за притисок или влијание врз неговата работа, без разлика од кого доаѓа, е должен да ги извести надлежните судиски инстанци. Воедно, сите останати општествени чинители, а особено претставниците на политичките партии се должни да ја почитуваат загарантираната судиска независност што е во духот и на демократскиот развој и Европскиот просперитет на земјата“, потенцираат од ова здружение.