Македонија
Ковачевски: Предизвиците ги претвораме во можности со функционален пример за дијалог, применлив и за регионот и Европа
Премиерот Димитар Ковачевски, се обрати на официјалното отворање на Преспа форумот за дијалог, што се одржува денеска и утре во Струга.
Тој ја отвори сесијата: „Договорот од Преспа за пет години: предизвиците претворени во можности“, на којашто присуствуваат претставници на високо политичко ниво од регионот и од Европската Унија, САД и НАТО.
„Целта на форумот оваа година беше да го покажеме уште еднаш значењето на нашата држава која е држава на мирољубиви граѓани која отсекогаш била пример за соживот и која што тоа го направила уште пред формирањето на ЕУ како една од најголемите и најзначајните организации и унии во светот. Ние исто така секогаш сме биле на вистинската страна на историјата, докажувајќи дека само со храбро, искрено и одговорно лидерство предизвиците се претвораат во можности“, рече во своето обраќање Ковачевски.
Оцени дека со Договорот од Преспа и сите следни чекори до денес, ја обновивме вербата во дипломатијата, промовирајќи го отворениот дијалог како придобивка.
Додаде дека државата е пример во регионот и во Европа за успешна, функционална, мултиетничка држава, во којашто граѓаните имаат еднакви права и одговорности пред законите.
И поради тоа како што рече, реалистично гледаме кон 2030 година како на достижна цел за полноправно членство во Европската Унија.
Предизвиците порача Ковачевски треба да ги претвориме во можности и да продолжиме по патот на напредокот.
„Република Северна Македонија, во таа насока е пред нов предизвик, кога треба сите во државата да покажеме одговорност за европската иднина на државата и по членството на НАТО, да станеме членка на ЕУ. И јас сум убеден и работам на тоа да се израдуваме со успех. Го имаме најдобриот договор со ЕУ кој може да го добиеме, којшто ги штити нашите македонски идентитетски обележја, нашиот јазик, нашата култура, нашиот идентитет, со којшто никој не смее да се коцка“, порача тој.
„Со поддршката што ја имаме од нашите европски пријатели, да ја направиме 2030 година реална цел за проширено европско семејство и интеграција во Европската Унија и на Северна Македонија и на Албанија и на Црна Гора. Целта е сите заедно рамо до рамо, братски да станеме членки на ЕУ. Затоа што човек сам може да стигне некаде брзо, ама со искрени партнери и пријатели може да стигне далеку“, рече премиерот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Петрушевски: Зошто СДС се во паника и хистерија, имаат ли страв од исказот на Груби
ВМРО-ДПМНЕ апсолутно го разбира и оправдува револтот на граѓаните по одлуката на правосудните органи за куќен притвор на криминалецот Артан Груби.
Ги поздравувавме и Владините институции кои си ја завршија работата и го доведоа пред лицето на правдата, криминалецот Груби кој избега пред година дена, откако се отвори постапка за негова вина во случајот со Државната Лотарија за проневера на државни пари во вредност од над 8 милиони евра, вели Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
Очекуваме, додава тој, одлуката на судот да биде во заштита на правдата, а не соучесник во неправдата.
„Но, она коешто е уште поважно е дека СДС, партијата која соработуваше и молчеше кога Груби правеше криминал, се исплаши до срж, затоа што не знаат што се Груби може да каже. Дали имаат страв дека неговиот исказ ќе оди до поранешен претседател на СДС и премиер на Македонија? Затоа ли вртеа по телефони интересирајќи се за исказот на Груби? Кого може Груби да повлече со него, дали со него ќе ги повлече и неговите ортаци по криминал Заев, Филипче, Спасовски, Зечевиќ и други“.
Вистината е една и единствена, вели тој и додава дека Артан е ортак во криминалите на Заев, Филипче, Спасовски и сите, како што истакнува, заедно ќе се соочат со правдата и ќе одговараат.
„Затоа е и паниката и нервозата во редовите на СДС, стравот од одговорност им влегол длабоко во коски.
Судскиот процес за Груби, екс вицепремиерот и министер во владата на СДС, почнува допрва, по судските клупи друштво ќе му прават и сите негови криминогени ортаци. Правда ќе има“.
Македонија
Кривична за прилепчанец поради сомнеж дека фалсификувал свидетелство за да полага за возачка
Полицијата поднесе кривична пријава против Н.А. (49) од Прилеп поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „фалсификување на исправа“, информираат од МВР.
Според билтенот, во септември 2025 година пријавениот изработил лажна исправа – свидетелство на негово име, наводно издадено од основно училиште за завршено осмо одделение.
Како што наведуваат од МВР, тој имал намера документот да го употреби за пријавување во авто школа за полагање на возачки испит, иако имал завршено четврто одделение.
Македонија
Перински во посета на Општина Куманово во рамки на караванот „Каде што срцето е дома“
Во рамки на караванот „Каде што срцето е дома“, министерот за локална самоуправа Златко Перински денес ја посети Општина Куманово, при што оствари работна средба со градоначалникот Максим Димитриевски и членовите на Советот.
На средбата се разговараше за повеќе прашања од значење за граѓаните и за понатамошниот развој на општината, со посебен акцент на конкретни решенија, подобра координација и поефикасно искористување на расположливите механизми за поддршка.
Перински ги информираше присутните и за динамиката на активностите на Министерството во наредниот период, при што беше нагласен јасниот фокус на институцијата – зајакнување на локалните капацитети, поддршка на развојни проекти, создавање на услови за поттикнување на меѓуопштинска соработка и подобрување на услугите за граѓаните.
Во рамки на посетата беше посочено дека од минатата недела се активни двата јавни повика на министерството, наменети за проекти што придонесуваат кон рамномерниот регионален развој — преку Програмата за намалување на диспаритетите и Програмата за рамномерен регионален развој. За оваа намена се издвоени вкупно 223.423.000 денари. „Ги охрабрувам сите општини активно да ги искористат овие повици и да аплицираат со квалитетни предлог-проекти“, порача Перински.
При посета на општината се изврши и увид во проектот „Урбано зеленило за здраво дишење“, кој се реализира во рамки на првиот повик од ИПА III Програмата за прекугранична соработка Interreg (VI-A) со Бугарија, во рамки на Приоритет 1: Позелен пограничен регион.
Проектот е насочен кон унапредување на квалитетот на животот и здравјето на граѓаните во прекуграничниот регион Ќустендил – Куманово преку развој на зелена инфраструктура.
„Да ги зголемиме зелените површини во градов, со цел почиста животна средина, со акцент на подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух, со примена на една од долгорочните мерки за намалување на загадувањето, а тоа е оззеленување и пошумување со квалитетни садници.“, нагласи градоначалникот Димитриевски.
Вкупната вредност на проектот за Куманово изнесува 343.090 евра, од кои 15% се кофинансирање од Министерството за локална самоуправа. Проектот опфаќа засадување на 510 дрвја и уредување на мали урбани градини на три кружни текови како и активности насочени кон подготовка на стратешки и „меки“ мерки за развој на зелената инфраструктура и зајакнување на капацитетите на партнерите.

