Македонија
Ковачевски-Прескeр: Македонија и натаму може да смета на силна и отворена поддршка од Словенија на патот кон членството во ЕУ
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, се сретна со новоименуваниот амбасадор на Република Словенија во Северна Македонија, Грегор Прескер, на кого му посака успех во неговиот нов професионален ангажман и желба за активeн придонес во натамошното зближување на двете земји и народи.
На средбата беше оценето дека Северна Македонија и Словенија имаат одлични пријателски односи и соработка кои се градат веќе 30 години, со взаемна подготвеност и интерес за нивно продлабочување, посебно на полето на економијата.
При тоа, премиерот Ковачевски изрази задоволство од потпишувањето на Заедничката декларација за зајакнување на соработката меѓу двете земји за време на неговата посета на Љубљана во април годинава. Декларацијата, како што истакна премиерот Ковачевски, ја потврдува континуираната словенечка поддршка за Северна Македонија на многу полиња.
Во таа насока, беше нагласен интересот за одржување на заедничка седница на владите на двете земји – што ќе биде извонредна можност за детектирање на нови потреби во секторската соработка.
Во доменот на билатералната соработка, беше поздравен фактот дека трговијата меѓу двете земји се движи по нагорна линија, а Северна Македонија е петта најважна земја за инвестиции на словенечки компании, кои во моментов изнесуваат околу 7% од вкупниот прилив на странски директни инвестиции во државата.
Ковачевски и Прескар изразија задоволство од отворањето на директната линија Скопје – Љубљана, на компанијата Wizz Air, која се очекува дополнително да придонесе за воведување нова динамика во економската соработка и натамошно зајакнување на туристичката размена.
Посебен фокус на средбата беше ставен на евроинтеграциските процеси, и во таа насока премиерот Ковачевскисе заблагодари за силната и отворена поддршка на Словенија на патот на Северна Македонија кон ЕУ, потенцирајќи го посебно словенечкиот пристап за забрзана и прогресивна интеграција.
Взаемно беше констатирано дека европскиот пат е единствената опција за Северна Македонија и затоа потребно е да се преземат сите неопходни чекори за да се оствари долгогодишната стратешка цел на земјата, а тоа е полноправното членство во ЕУ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Цела Македонија во колапс“, велат од СДСМ
„Криминалната ВМРО ги изненади снег во јануари. Институциите не функционираат, патиштата и улиците не се исчистени. Фотографиите од колапсот во Скопје и во Македонија покажуваат дека сообраќајот е небезбеден“, велат од СДСМ.

„Граѓаните се оставени сами ама градоначалниците и функционерите од ВМРО тријат раце. Тендерите за чистење снег се едни од омилените на ВМРО.
Снежните наноси по патиштата се идила за градоначалниците од тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ кои уште денес ќе фактурираат илјадници тони сол.
Сепак тешко е солта да се доброи па останува да ги бројат парите кои ги украдоа од граѓаните.
Нема пари за плати, за пензии, за опрема за чистење. Пари има само за тендери за ортаците на ВМРО и Мицкоски.

Со криминални политики вака ќе изгледа иднината на Македонија – блокирана од сите. Црна точка во Европа“, соопштуваат од СДСМ.
Македонија
(Фото) Ѓорѓиевски: Од раните утрински часови, екипите на Град Скопје се постојано на терен
Соочени со зимските услови и снежните врнежи, Град Скопје навремено и одговорно ги презема сите неопходни мерки за обезбедување безбедно и непречено одвивање на сообраќајот.
Екипите на Град Скопје уште од раните утрински часови се постојано на терен и интензивно работат на расчистување на улиците и булеварите под градска надлежност, со 24-часовна активност и координација на кризниот штаб, известуваат од Град Скопје.
„Снегот не е изненадување во зима – подготвеноста е наша обврска!
Од раните утрински часови, екипите на Град Скопје се постојано на терен и интензивно работат на расчистување на снегот од улиците и булеварите што се под надлежност на градот.
Со цел навремена и ефикасна реакција, кризниот штаб е активиран 24 часа дневно, со континуирано следење и детектирање на сите клучни и критични точки.
Безбедноста на граѓаните е наш приоритет.
Затоа, апелираме до сите учесници во сообраќајот да возат внимателно, да ги почитуваат сообраќајните правила и да ја прилагодат брзината и начинот на возење на зимските услови.
Со одговорност, навремена акција и заедничка грижа – Скопје се движи безбедно и во зима“, напиша градоначалникот Орце Ѓорѓиевски на социјални мрежи.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Ние не можеме да бидеме Пенелопа којашто, чекајќи го Одисеј, нон стоп го менува Уставот, на барање на некој однадвор
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова организираше традиционален годишен прием за дипломатскиот кор во Охрид, каде што пред претставници на амбасадите и меѓународните организации упати силна порака за мир, дијалог и еднаков третман на државите во европската интеграција.
Таа на присутните им посака среќна и успешна година, нагласувајќи дека дипломатите претставуваат знаење, умереност и упорност во потрагата по решенија преку дијалог, а не преку конфликти и уцени.
„Дипломатијата не е само протокол, туку цивилизациски механизам што урива ѕидови и гради мостови“, рече таа, додавајќи дека претпочита тркалезни маси наместо мапи на фронтови.
Претседателката ја посочи важноста на културната, економската и научната дипломатија, а во центарот на говорот ја стави потребата од нов мултилатерализам – што ќе штити мали и ранливи држави и ќе го почитува меѓународното право.
Остра критика за односот кон проширувањето
Сиљановска-Давкова упати и критика кон пристапот на ЕУ, нагласувајќи ја опасноста од политичка арбитрарност и двојни стандарди.
„Ние не можеме да бидеме Пенелопа којашто, чекајќи го Одисеј, нон стоп го менува Уставот, на барање на некој однадвор, заборавајќи дека е закон над законите, односно lex superior, којшто треба ретко и со рака што трепери да се менува, како што велеше белгискиот професор Вињи, како и најважниот општествен договор на македонските граѓани, како што пишуваше Русо. Како е можно, односно не е ли хипокризија и цинизам да се повикуваш на национален уставен патриотизам и на консензусот како брана од промена на конститутивните акти на ЕУ, а да бараш од една држава да исполни „ само уште еден услов“, да направи „само уште една отстапка и уставна промена“, оти така сакал соседот, така препорачувал известувачот или Европскиот совет!“, рече претседателката.
Додаде и дека тешко е да се живее во перманентна неизвесност. Чудно е да се повикуваш на Копенхашки критериуми, а да инсистираш на балкански барања, да очекуваш реформи и владеење на правото, а да толерираш билатерализација, ветоизација и двојни стандарди.
„Ако проширувањето стане процес во кој секој нов член го редефинира патот на следниот – Унијата ќе го изгуби она што ја прави Унија“, додаде претседателката.
Во обраќањето, таа се осврна и на трагедијата во Кочани, нарекувајќи ја „болна траума“ и се заблагодари за поддршката од меѓународната заедница, која преку дипломатите покажала солидарност и пријателство.
Во завршниот дел, Сиљановска-Давкова истакна дека европската перспектива мора да биде кредибилна и рамноправна:
„Не бараме привилегии – бараме критериуми. Проширувањето не е само тест за кандидатите, туку и за демократскиот капацитет на Унијата.“
„Западниот Балкан не смее да се третира како периферија на периферијата. Тоа е европски предизвик и безбедносен приоритет“, заклучи претседателката, со порака дека заедничката иднина се гради преку партнерство, разбирање и доверба.

