Македонија
Ковачевски – Рама: Односите никогаш не биле подобри, имаме заедничка европска иднина
Како дел од агендата за билатерални средби на Инвестицискиот самит на Европската банка за обнова и развој во Лондон, премиерот Димитар Ковачевски денеска оствари средба со премиерот на Албанија, Еди Рама.
Двајцата премиери на средбата, на која од македонска страна присуствуваа и вицепремиерот Фатмир Битиќи и министерот за финансии Фатмир Бесими, изразија јасна определба за продолжување на меѓусебната соработка којашто се остварува низ отворен и конструктивен политички дијалог со цел високото ниво на добрососедски односи да се преточи во остварување на визијата за заедничка иднина во Европската Унија.
На средбата двајцата премиери се согласија дека преговорите за Северна Македонија и Албанија со ЕУ треба да започнат веднаш, без одлагање, во пакет и дека треба да се искористат позитивниот амбиент и француското претседателство за да се постигне договор меѓу Скопје и Софија, информираат од Владата.
Северна Македонија и Албанија, заедно со Србија, низ иницијативата „Отворен Балкан“ низ пример покажуваат како треба да се унапредува регионалната соработка која за сите земји од Западен Балкан носи унапредување на европските стандарди и забрзување на интеграцијата кон членство во ЕУ, споделија двајцата премиери на средбата во Лондон на Инвестицискиот самит на ЕБОР за регионот.
Премиерите Ковачевски и Рама се согласија дека вкупната трговска размена има дополнителни потенцијали за унапредување и се заложија за покренување иницијатива за активирање на меѓувладиниот мешовит комитет за економска соработка, кој заедно со активното учество на стопанските комори, треба да придонесе за унапредување на економската соработка.
За двете земји Инвестицискиот самит на ЕБОР во Лондон е можност за интензивирање на инфраструктурното поврзување кое е високо на агендата на двете земји со проектите од Коридорот 8 и со инвестицискиот проект за енергетско поврзување (Битола – Елбасан), кој се финансира со кредитна поддршка на ЕБОР.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Стоилковски го поздрави лидерот на ДУИ јадејќи бисквита: „Поздрав, Али“
Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, на социјалните мрежи објави видео во кое, јадејќи бисквита го поздрави лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
Стоилковски вели дека оди на состанок со коалициските партнери на ВМРО-ДПМНЕ, а потоа зема бисквита и почнува да ја јаде.
„Поздрав, Али“ , вели Стоилковски.
Стоилковски алудира на изјавата на Ахмети која тој ја даде од митингот на „Европскиот фронт“ во Скопје пред одржувањето на првиот круг од претседателските избори кога рече оти лидерот на ВМРО-ДПМНЕ е израснат со бисквити и гурабии.
Македонија
ЕУ: Очекуваме соработка со претседателката на Македонија, парламентот и владата за да работиме на европскиот пат
Европската унија и честита на Гордана Силјановска Давкова за нејзината победа на претседателските избори во Македонија и со нетрпение очекува да работи со првата жена лидер во земјата, изјавија високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедност Жозеп Борел и европскиот комесар за проширување и соседска политика Оливер Вархељи
Борел и Вархеи, во заедничката изјава објавена по повод вториот круг од претседателските и редовните парламентарни избори во Северна Македонија, ги охрабрија „релевантните политички актери да работат на формирање парламент и стабилна влада“.
„Двете институции треба да работат заедно на подобрување на европскиот пат на Северна Македонија, кој вклучува имплементација на клучните реформи, особено во областа на владеењето на правото и борбата против корупцијата, во интерес на сите нејзини граѓани“, се вели во заедничката изјава на Борел и Вархеи.
Македонија
Боки-13 за операцијата „Бумеранг“: поднесе кривични против Заев, Спасовски, Русковска
Бојан Јовановски-Боки 13 поднел кривични пријави против поранешниот премиер Зоран Заев, ексминистерот за внатрешни, Оливер Спасовски, и двајцата генерални секретари на СДСМ, поранешниот Александар Кирацовски и актуелниот Миле Зачевиќ, како и против поранешната шефица на Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, Вилма Русковска.
Тој дошол во Обвинителството на покана на актуелниот шеф на оваа институција, Ислам Абази.
Најави дела кривично-правната операција е наречена „Бумеранг“.
„Сите мои наводи и описот на настаните ќе бидат материјализирани со докази што потекнуваат од мојот телефонски уред, кој ми беше одземен при моето апсење во предметот ‘Рекет’. Се работи за кривични дела што се однесуваат на злоупотреба на службената положба и овластувањето, за изборни измани, незаконско финансирање политичка партија, злоупотреба на јавните набавки“, додаде тој.
Најави и продолжение на предавање докази во писмена форма.
„Поднесена е кривична пријава и против Вилма Русковска за злоупотреба на службената положба, примање поткуп, примена на тортура. Зоран Заев е речиси во секоја пријава“, рече Јовановски.