Македонија
Ковачевски: СДСМ е единствената политичка сила која знае како да ја внесе Македонија во ЕУ
На митингот кој се одржа во Гостивар, претседателот на Социјалдемократскиот Сојуз на Македонија, Димитар Ковачевски, на присутните им порача дека СДСМ е силна партија и ако некој мисли дека тукутака ќе се откажат, тогаш или не ги познава или ги потценува.
„Нашата историска традиција, нашиот пркос, но и нашата одлучност за европската иднина на Македонија се најдобар доказ дека не се откажуваме. И нема да се откажеме. СДСМ е наследник на сојузот на комунистите на Македонија. КПМ е формирана тука во соседство кај вас во Тетово, во 1943 година. Тогаш нашите претходници беа на вистинска страна на историјата и се бореа за слободна, независна држава.
Тогашниот претседател на ВМРО – Ванчо Михајлов беше на страната на фашистите и тој ја бојкотираше таа борба. Во 1993 година кога требаше да влеземе во ОН, благодарение на Киро Глигоров Македонија влезе во ОН, ВМРО – ДПМНЕ и тогаш го бојкотираше влезот во ОН. Подоцна кога требаше да станеме членка на НАТО, ВМРО – ДПМНЕ го бојхкотираше референдумот“, додава Ковачевски.
Со вас, вели тој, успеавме да го срушиме режимот на ВМРО-ДПМНЕ и да ја ослободиме државата од канџите на ВМРО-ДПМНЕ и 11-те години изолација. Оваа влада со поддршката на граѓаните ја внесе Македонија во НАТО, донесе тешки но правилни одлуки и после 30 години, успеа да ги отпочне преговорите со Европската Унија.
„СДСМ е единствената политичка сила знае како да го направи тоа.Затоа бидете сигурни дека заедно со граѓаните со гордо крената глава на 8 мај повторно ќе излеземе на избори и повторно ќе кажеме ДА, ние сме тие кои сме за прогресивна, напредна, европска Македонија“, рече Ковачевски.
Тој додаде дека во средата, во првиот круг на претседателските избори, граѓаните им испратиле силна порака и дека таа порака ја слушнале, ја прифатиле одговорноста и се свесни дека СДСМ мора да се промени за да ја врати довербата на граѓаните.
„Знаеме дека има и незадоволство кај граѓаните. Тоа не го криеме и го кажував во изминатите неколку месеци. Нас нѝ е совршено јасно дека партијата треба да се менува за да ја вратиме довербата на граѓаните. Како човек кој во животот и во кариерата се соочил со многу победи и со порази, добро знам дека првиот чекор кон промена е прифаќањето на сопствените грешки“, порача Ковачевски.
Изборите на 8-ми мај ќе бидат многу тешки за сите, појаснува Ковачевски и вели дека тие ја имале поддршката и кога било најтешко, потсетувајќи дека резултатот сѐ уште не е одлучен.
„Порешителни и пообединети од било кога, ќе продолжиме да се бориме и да ја оствариме нашата заложба – да ја видиме Македонија во ЕУ. Затоа, пред да го дадете својот глас на 8-ми мај, размислете добро кој го заслужува тоа, бидејќи тоа е најмоќниот демократски инструмент кој го имате на располагање. Ние ќе бидеме тука да ги претставуваме сите оние кои нема да се откажат од градење на просперитетно, демократско и европско општество во Македонија“, рече Ковачевски.
Ковачевски додава дека ниту тој, ниту СДСМ нема да се откажат од членството на Македонија во Европската Унија, затоа што со тоа се обезбедува подобар животен стандард, поефикасна борба против криминалот и корупцијата, подобро образование и здравство и држава достојна за сите граѓани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) На улиците на Техеран, Иран, се слави убиството на Али Хамнеи
Со музика и танцување вечерва жителите на многу ирански градови слават за убиството на лидерот на Исламската Република, ајатолахот Али Хамнеи, објави на социјалните мрежи „Иран интернешнл“.
Видео од Техеран покажува насмеани луѓе излезени на улица откога ја добиле веста дека Али Хамнеи е убиен.
Во Караџ голем број граѓани танцуваат на улица, а жителите пак на Бандар Абас се излезени на улиците со автомобили и слават со сирените.
86-годишниот Али Хамнеи беше на власт речиси четири децении, од 1989 година. Имаше врховна власт, владееше со владата, со војската и со судството во шиитската Исламска Република.
Македонија
Родителите на децата загинати во Пулс порачаа дека правда мора да има
Родителите на загинатите во трагичниот пожар во „Пулс“ поладнево на „Марш за ангелите“ порачаа дека нема да дозволат одговорните за трагедијата на нивните деца да ја избегнат правдата, иако, велат на обвинителната купа седат само дел од лицата поврзани со трагедијата.
-Суштината е одговорноста. Факт е дека денес на обвинителна клупа седат дел од лицата поврзани со трагедијата. Но, исто така факт е – болен, непобитен факт – дека постојат луѓе со многу поголема моќ, обврски и надлежности, кои воопшто не се ни опфатени. Луѓе кои имале должност да спречат, а не спречиле, рече Александар Наунов, претседател на Здружението на граѓани „16 Март 2025 Кочани“.
Тој, во изјавата за медиумите, истакна дека се најавува свикување колегиум на обвинителите за повторно разгледување и евентуално ослободување на дел од обвинетите.
-Колегиумот (на обвинители) може да прегледува документи, но не може да брише факти, не може да брише пропусти, не може да брише нечии должности што биле игнорирани. Не може да избрише нечие непостапување кога тоа било прашање на живот и смрт, смета претседателот на ЗГ „16 март 2025 Кочани“.
Според Наунов, суштината не е во тоа кој трчал, кој се плашел, а кој спасувал, туку кој имал должност, а не ја извршил.
-Ние не сме овде за одмазда. Ние сме овде за правда. За ред. За систем што ќе ги штити децата – не систем што ќе ги остави да загинат. Родителите никогаш не се откажуваат. Можеби ќе нè уморите, но нема да нè скршите. Можеби ќе не одолговлекувате, но нема да не замолчите. Вистината ќе излезе на виделина, рече Наунов.
Протестниот марш денеска започна од „Паркот на Револуцијата“, а заврши пред Основниот суд и обвинителство во Кочани.
Македонија
Претседателката за утре го свика Советот за безбедност
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска – Давкова за утре – 1 март 2026 година, закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.

