Македонија
Ковачевски: Сите пратеници треба да го поддржат вметнувањето на Бугарите во Уставот
Нема одговор од премиерот Димитар Ковачевски на прашањето дали Владата има 80 пратеници за измени на Уставот.
Наместо тоа, посочи дека сите пратеници треба да го поддржат вметнувањето на Бугарите во Уставот, а уставните измени е процес што трае. Смета дека Македонија е уценета од две партии.
„Уставните измени не се од еден ден. Обврска на сите пратеници е да го поддржат патот кон ЕУ и да не го попречуваат. Тоа не е процес на еден човек, една партија, една влада. Тоа е широк општествен и политички процес, кој бара консензус. Ние имаме политичка уцена во државата, каде што ВМРО-ДПМНЕ и Левицата велат дека не поддржуваат уставни измени, а кога ќе ги прашате кој им е планот – немаат план“, изјави Ковачевски.
Тој упати низа критики кон ВМРО-ДПМНЕ.
„Пратениците добиваат мандат во согласност со Уставот, законите, Деловникот на Собранието. И тие носат такви одлуки. На денот на изборите граѓаните им го предаваат тоа на пратениците. Сè што е во рамките на Уставот, законот, Деловникот – треба да го работат. Во програмата има зачленување во ЕУ. Тоа значи носење такви одлуки. Ај кажете ми каде во програмата на ВМРО-ДПМНЕ стои дека ќе фрлаат ‘молотови коктели’ како во јуни? Каде стои дека ќе блокираат закони за помош во време на најголема политичка и економска криза? Тоа никаде не стои, а тоа го прават“, додаде Ковачевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Илинден и Ѓорче Петров денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09:00 до 13:00 часот, улица Бунарџик. (Општина Илинден)
– во периот од 09-00 до 15-00 часот, дел од корисниците на улиците: Мице Козар и Ѓуро Салај. (Општина Ѓорче Петров)
Македонија
Сончево и релативно топло со мала до умерена облачност
Сончево и релативно топло со мала до умерена облачност. Во утринските часови наместа ќе има зголемена облачност која во текот на денот ќе се намали. Ќе дува слаб ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 3, а максималната ќе достигне од 12 до 17 степени.
Во Скопје, претпладне во делови од котлината ќе има услови за појава на слаба магла. Во текот на денот времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност и претежно тивко. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредниот период
Продолжува период на стабилно и релативно топло време. Во текот на ноќите и во утринските часови ќе има појава на магла на одредени места и зголемена облачност која во текот на денот ќе се намалува.
Македонија
Сообраќајот на граничниот премин Евзони (ГП Богородица) се одвива нормално
Сообраќајот на ГП Евзони (ГП Богородица) се одвива нормално, извести АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

