Македонија
Ковачевски: Со заштитени идентитетски одредници сме рамноправна членка на НАТО, трасираме пат кон ЕУ
Да се биде подготвен да се брани безбедноста, значи да се чува мирот. Затоа, НАТО е меѓународна безбедносна организација и најголемиот воено-политички сојуз, рече премиерот Димитар Ковачевски на настан во чест на 3-годишнината од приемот на Република Северна Македонија во НАТО, организиран од Министерството за надворешни работи.
![]()
Станува збор за традиционален НАТО-појадок со амбасадорите на земји членки на НАТО како почеток на Деновите на НАТО во Северна Македонија, што се одржа во Клубот на пратениците во Скопје, а како специјална гостинка присуствуваше и украинската амбасадорка.
„Пред сè, НАТО е штит на единственото нешто без што ништо друго не е возможно. А тоа е мирот. И како премиер на држава, која ја исполни 30-годишната стратешка цел, и веќе трета година е членка на НАТО, можам само да порачам дека е незаменливо чувството да не сме сами. Да сме во семејството на демократски народи и држави што функционираат по принципот еден за сите и сите за еден.
Во услови кога светот во 21 век се соочи со целосно неразумна и недозволива агресија на Руската Федерација врз една суверена и независна држава – Украина – светлото е вперено кон НАТО. Пристапот во НАТО е излез од неизвесност и влез во сигурност“, рече Ковачевски.
![]()
Затоа, според него, е клучно да продолжи политиката на отворени врати на НАТО кон државите од европскиот континент кои имаат вакви аспирации.
„На Република Северна Македонија добро ѝ е познато што значи да се живее во таква загриженост – да се биде во воено опкружување додека пламтеше во околните држави за време на поранешна Југославија – да се бара начин да се сочуваат домашниот мир, идентитетот, црквата и јазикот. И ги сочувавме, со тоа што сите заедно, Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци и други, застанавме зад определбата да го одбраниме мирот.
Оттаму, добро ни е познато и значењето на обединетоста. А што е НАТО ако не тоа – заедништво. И единствениот начин да се спаси мирот во светот е да се обединиме за потребата да го вратиме мирот во Украина.
Тоа е повеќе од неопходно во овие изненадувачки околности кога на европската почва се вратени тенкови од времето на конвенционалната војна, што се сметаше за минато, и истовремено кога светот е соочен со оружјето на иднината – хибридните закани и лажните вести како дел од предзвикувачката информациска војна, на која исто така само во блиски и координирани активности можеме и мораме да се спротивставиме.
Во актуелниот геополитички контекст и земајќи ја предвид регионалната стабилност, која денес, веројатно, е на највисоко ниво од кога било, но со предизвици како и во самата Европа – добро е што Република Северна Македонија е членка на НАТО. И сме држава што прави пробив во европските интеграции, со новиот исчекор, што е добро и очекувано да се случи“, истакна премиерот Ковачевски.
Тој нагласи дека со членството во НАТО и почетокот на преговорите со Европската Унија, со концептот за еднакво општество дома, со храбрите, но и државнички одлуки, со кои ги заштитивме идентитетските одредници и националниот идентитет, со функционалните политики на дијалог и разбирање, Македонија денес е фактор на стабилноста на Западен Балкан.
„А јасно е дека евро-атлантската ориентација на регионот е потребна и во функција на европските мир и стабилност и во насока на просперитетот, што значи членството во НАТО за граѓаните и за Северна Македонија, доволно е само да посочам на податокот дека странските директни инвестиции лани се во висина од 753,8 милиони евра или двојно повеќе во однос на 2016 година. Република Северна Македонија не е повеќе земја на евтина работна сила.
Во технолошко-индустриските развојни зони изминативе неколку години се отворени над 10.000 работни места, и тоа добро платени работни места, со просечни плати над платите во јавниот сектор. Јасно е дека странските инвеститори сакаат сигурност.
Сè има своја цена, велат – но, се обидуваме, како Влада, со низата мерки што ги донесовме и ги носиме и со поддршката од ЕУ да го штитиме стандардот на граѓаните затоа што сè има своја цена – освен мирот. Мирот нема цена!
Северна Македонија како земја членка на НАТО активно придонесува кон колективната безбедност на алијансата. Тоа го покажавме и со долгогодишното учество во мисиите предводени од НАТО, Европската Унија и Обединетите нации. Армискиот полигон ‘Криволак’ е место за развој на интероперабилноста и од страна на сојузниците во НАТО.
Буџетот за одбраната е во постојан раст. Во однос на 2022 година, зголемен е 24,45 проценти. И остануваме на нашиот план во согласност со кој буџетот за одбраната ќе изнесува 2 процента од домашниот бруто-производ до 2024 година. Ги почитуваме вредностите на земјите членки на НАТО – демократијата, слободата, владеењето на правото, почитувањето на јавната дебата, во што изминатите неколку години имаме значителен пробив.
На истиот брод сме сите и мора солидарно и обединето да дејствуваме во одбраната и унапредувањето на мирот и просперитетот во светот. Ние сме НАТО!“, порача Ковачевски
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ: Македонија сака во ЕУ а ВМРО изолација
Македонските граѓани во големо мнозинство, над 70% сакаат членство во ЕУ. Додека Мицкоски и ВМРО намерно ја туркаат земјата кон изолација, далеку од ЕУ, истакнуваат од СДСМ.
„Известувачот за Македонија, Томас Вајс денеска изјави дека мора да се исполнат реформи и условот со уставни измени за да продолжи европскиот пат на земјата, при презентирањето на нацрт-извештајот за 2025 година.
Евроамбасадороот Михалис Рокас вчера беше дециден дека нема членство во ЕУ без право на глас и без право на вето.
Со ова, приказните на Мицкоски се разобличени целосно.
Исто како и празната националистичка реторика која веќе не поминува“.
Граѓаните, додаваат од СДСМ, го гледаат Мицкоски седнат во авион како се лукзуора на нивна сметка, со скапи часовници од 60.000 евра, со тендери како томбола за бизнис.
Тоа, како што оценуваат, е личен финаниски патриотизам.
„Зборува за меко ткиво а не знае дека и мозокот е меко ткиво.
Мицкоски, граѓаните имаат мозок“.
Македонија
Муцунски-Грлиќ Радман: изразена подготвеност за користење на хрватското искуство во процесот на пристапување кон полноправно членство во ЕУ
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска беше домаќин на министерот за надворешни и европски работи на Република Хрватска, Гордан Грлиќ Радман, кој престојува во дводневна работна посета на Република Северна Македонија.
На средбата беше изразено заемно задоволство од традиционално пријателските билатерални односи, придружени со интензивен политички дијалог и конструктивна соработка што двете земји ја негуваат во сите сфери од заемен интерес во изминатите 34 години.
Во насока на понатамошно продлабочување на позитивниот тренд во односите, беше нагласен заемниот интерес за продолжување на политичкиот дијалог и соработката на највисоко ниво, со посебен акцент на унапредување на економската соработка, продлабочување на трговската размена, како и проширување на соработката во областа на енергетиката, здравството, културата и туризмот.
Министерот Муцунски ја реафирмираше благодарноста за континуираната хрватска поддршка на европската перспектива на земјите од Западен Балкан и за ставот дека процесот на проширување на Европската Унија треба да продолжи со засилена динамика. Беше изразена и подготвеност за користење на хрватското искуство во процесот на пристапување кон полноправно членство во Европската Унија.
Соговорниците се согласија дека зајакнатата координација како земји членки на НАТО претставува врвен надворешнополитички приоритет, како ефикасен механизам за усогласување на ставовите и зголемување на придонесот кон регионалната и евроатланската безбедност. Беше потврдена заедничката посветеност на вредностите и принципите на Алијансата.
Средбата беше искористена и за размена на мислења за актуелните меѓународни и регионални прашања, како и за внатрешно-политичките и економските состојби во двете земји.
Посетата на министерот Грлиќ Радман претставува значаен чекор кон понатамошно унапредување на билатералните односи и отвора нова фаза на соработка, која ќе биде заокружена со потпишување на меѓувладин Договор за стратешка соработка, заснован на европските вредности, заемната доверба и почитување.
Македонија
(Видео) Николова до Јаневска: Ја рушите уставната автономија на универзитетите
Пратеничката на СДСМ, Даниела Николова на денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања, упати две прашања до министерката за образование Весна Јаневска, а се однесуваа на ограничувањето на автономијата на универзитетите со предложениот закон за високо образование, односно на одредби со кои Владата дава мислење на статутот, предлага членови во Националниот совет, има влијание врз клучните академски стандарди, бројот на студенти и финансиското работење, со што се нарушува уставно загарантираната самостојност на високообразовните институции. Никлова праша и за примената на библиометрискиот Х-индекс и Web of Science како критериуми за напредување, што може да доведе до дискриминација на одредени научни области и да создаде простор за институционализиран непотизам.
Почитувана јавност, денес ќе го искористам моето право да ѝ поставам две прашања на министерката за образование, коишто се однесуваат на предложениот закон за високо образование, кој пред неколку недели е прикачен на ЕНЕР.
„Ќе зборувам за две клучни работи за коишто ми се и прашањата.
Прво, за критериумот за напредување – Х-индексот, како и за опасноста од институционализиран непотизам, и второ, за системското разградување на автономијата коешто овој закон го спроведува тивко, но темелно.
Законот инсистира на Web of Science како практично единствено мерило на научната вредност, а Х-индексот го претвора во клучен услов за избор и реизбор во звање. На хартија реално изгледа модерно и објективно, но во пракса станува збор за сведување на науката на бројки, при што се дискриминираат цели научни области, особено општествените и хуманистичките науки, ги става младите истражувачи во невозможна, а со тоа и неправедна позиција и создава формална објективност која лесно се заобиколува со мрежата на моќ.
Дополнително, морам да укажам на уште еден логички и правен парадокс. Законот предвидува повисоки и построги критериуми за реизбор во звање редовен професор отколку за самиот избор во тоа звање. Ова е апсурдно. Не може за едно исто звање со ист правен статус да има едни услови за влез, а други повисоки за да се остане во тоа звање. Тоа ја руши правната сигурност, ја прави академската кариера несигурна“.
Како што рече, законот не нуди реални механизми за спречување на непотизмот.
„Законот не содржи ниту една реална, ефикасна забрана за вработување на деца на професори на истите факултети каде што работат нивните родители.
Напротив, во ваков систем тоа станува дури можност за непотизам на голема врата.
Извршната власт има влијание над основните акти на универзитетот, унапредувањето и вработувањето на кадрите, финансиите, уписот, па дури и опстанокот на институциите. Е, тоа е автономија колку што дозволува власта и министерот.
Затоа ви поставувам две прашања. Како ќе гарантирате дека со примена на библиометрискиот Х-индекс и Web of Science нема да доведете до дискриминација на цели научни области и млади истражувачи? Уште поважно, како ќе спречите тие формално строги критериуми да не станат параван за непотизам, меѓусебно цитирање и затворени академски кругови?
И второто, како ја усогласувате уставно загарантираната автономија со членовите коишто ви ги посочив, а ги има уште многу, кога кумулативно овие одредби ѝ даваат на извршната власт контрола врз статутот, кадрите, финансиите и опстанокот на универзитетот“.

