Македонија
Ковачевски со честитка за почетокот на учебната година: Инвестираме во современи училишта
Премиерот Димитар Ковачевски беше во посета на ДСУ Регионален центар за стручно образование и обука „Киро Бурназ“ во општина Куманово. Со претседателот на Владата беа и министрите за образование и наука, Јетон Шаќири, и за внатрешни работи, Оливер Спасовски.
Ова училиште стана регионалниот центар во 2021 година за две струки, и тоа земјоделско-ветеринарна и хемиско-технолошка и од тогаш бројот на ученици значително се зголеми. Освен овие струки, се отворија и нови, како здравствена, сообраќајна, лични услуги. Во овој современ регионален центар инвестирани се околу 3 милиони евра, од кои 2 милиона за реконструкција и 1 милион за набавка на современа опрема. Реновирани и опремени со нова опрема се и работилници и лаборатории, кои се во состав на училиштето, што им овозможува на учениците дел од практичната настава да ја реализираат во училиштето, но и во соодветните компании од регионот.
Премиерот Ковачевски им даде поддршка на учениците, кои својата иднина ја гледаат во дуалното образование и ги охрабри дека тоа за нив значи сигурна иднина и работа.
„Навистина ми е драго што денеска сум во средно стручно училиште во Куманово, со паралелки со дуално образование и што интересот на учениците за ова училиште е толку голем. Од она што ми го кажа директорката и другите наставници, најголемиот број ученици се запишуваат токму во дуалното образование. Овде има повеќе насоки на дуално образование од прехранбена струка, сточарство и ветеринарство, веќе се работи на воведување машинска струка за обука на учениците, како и на други струки. Учениците, во компаниите што потпишале договори со училиштето и со Министерството за образование и наука, имаат можност не само да учат теоретска настава, туку и практична настава. На тој начин од првиот ден на своето образование имаат можност да се вклучат и во работните процеси и да станат многу поконкурентни на пазарот на труд во однос на своите врсници“, рече премиерот Ковачевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Нестабилно време со дожд и грмежи до среда
По врнежите и невремето по кое во текот на ноќта полавени беа подруми во Охрид, од УХМР најавуваат дека до среда ќе се задржи нестабилно време, претежно во попладневните часови со локален пороен дожд и грмежи.
Во четврток ќе има услови за краткотраен дожд, претежно во планинските подрачја, а преодно стабилизирање на времето се очекува во петок.
Температурите ќе бидат без значителна промена.
Македонија
Делови од Аеродром, Карпош и Ѓорче Петров утре без струја
Без електрична енергија утре ќе останат делови од општините Аеродром, Карпош и Ѓорче Петров.
Како што соопшти РЦУК – Скопје, без струја во периодот од 09:00 до 15:00 часот ќе останат корисниците на дел од село Долно Лисиче, реонот околу чаталот, ул.10 во општина Аеродром, од 10:30 до 14:30 часот дел од улица 16, на патот кон Визбеговово општина Карпош, а од 13:00 до 14:30 часот објектите на градинката Росица, на ул.„Мечкин Камен“, бр.45А. во општина Ѓорче Петров.
Македонија
Скопските и тетовските пожарникари гасеа три огнови на отворено, соопшти ЦУК
Во изминатото деноноќие Центарот за управување со кризи информира дека биле евидентирани три пожари на отворено.
Регионалниот ЦУК Скопје соопштил дека БППЗ на Град Скопје во изминатото деноноќие имала две помали интервенции поради запалено ѓубре и тоа на ул. „Ферид Заири“ во Општина Чаир и кај Езерото Треска во Општина Сарај.
Регионалниот ЦУК Тетово известил дека ТППЕ Тетово имала една помала интервенција поради запалена ниска вегетација кај село Чифлик во Општина Желино.
Центарот за управување со кризи соопшти дека изминатите 24 часа имало вкупно 1.491 повици на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112. Од нив „реални“ повици биле 62,84 отсто, а 37,16 отсто биле за други потреби на граѓаните што не биле итни.
Кон полиција биле упатени 63,18 отсто, кон итната медицинска помош 29,09 проценти, кон пожарникарите 2,73 отсто, a кон АМСМ 1,36 отсто од повиците кон бројот 112.