Македонија
Ковачевски – Столтенберг: Северна Македонија е дел од силното НАТО-единство, кое е гарант за европската безбедност
Премиерот Димитар Ковачевски ја почна дводневната работна посета на Брисел со средба со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
На средбата во седиштето на НАТО во Брисел, на која присуствуваа и министерот за надворешни работи, Бујар Османи, и министерката за одбрана, Славјанка Петровска, премиерот Ковачевски истакна дека со исполнувањето на својата стратешка цел да стане членка на НАТО, Република Северна Македонија во рекордно време ја оствари воената интеграција во алијансата и продолжува со процесот на модернизација на нашата Армија.
Република Северна Македонија, нагласи премиерот Ковачевски на средбата со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, е на добар пат да го оствари буџетот за модернизација на Армијата и за одбраната до крајот на оваа година и дека земјата останува посветена на учеството во операциите и мисиите на НАТО.
На средбата беше потенцирано дека членството во НАТО на Северна Македонија придонесе за регионалната стабилност на Западен Балкан и дека е постигнат огромен напредок во соработката со нашите соседи и особено со сојузниците во алијансата. Нашата држава има директна придобивка од соработката со сојузниците во смисла на подобрена безбедност на воздушниот простор, зајакнување на капацитетите на Армијата и интероперабилност преку заедничките воени вежби и други активности.
Премиерот Ковачевски на средбата со генералниот секретар Столтенберг го потврди единството со сојузниците во НАТО во однос на прашањата поврзани со Украина и додаде дека е неопходна деескалација на тензиите и решавање на прашањата со Русија по пат на дипломатија.
Како земја членка на НАТО, рече Ковачевски, го сметаме за суштински апелот на НАТО – Русија да го обнови дијалогот во рамките на советот НАТО – Русија и додаде дека Северна Македонија е подготвена за конструктивен ангажман во рамките на тој процес.
Генералниот секретар на НАТО, Столтенберг, изрази задоволство од подготвеноста на Северна Македонија активно да учествува во заедничкиот одговор на прашањата од интерес на алијансата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) ДИК: Излезноста до 9 часот во четирите општини е 1,12 отсто
Државната изборна комисија на својата веб-страница објави дека до 9:00 часот утринава, излезноста на гласачите во четирите општини каде што се одржуваат повторени избори за градоначалник е 1,12%.
По општини:
– Врапчиште – 1%
– Гостивар – 0,93%
– Маврово–Ростуше – 2,89%
– Центар Жупа – 0,75%
Портпаролката на ДИК, Радица Тодоровска Алексовска, на прес-конференција кажа дека на избирачките места кои се отворени навреме, гласањето тече непречено, без поголеми тешкотии. Поради временските прилики со задоцнување се отворени неколку избирачки места, а едно избирачкото место во Ќафа не е воопшто отворено.
Денеска се гласа на вкупно 215 избирачки места, а право на глас имаат 128.286 избирачи.
Македонија
(Видео) Успешно спасени двајца вработени во мобилен оператор заглавени во снег кај Лазарополе
Двајца вработени во мобилниот оператор А1 синоќа беа заглавени во снег кај село Лазарополе, во близина на базната станица на операторот, информираат од Министерството за внатрешни работи.
Случајот бил пријавен во 23:30 часот, откако со лицата не можело да се воспостави контакт поради отсуство на мобилна мрежа. Веднаш по пријавата, во акцијата биле ангажирани припадници на Одделот за специјални полициски операции, Одделот за униформирана полиција, како и на Дирекцијата за заштита и спасување.
Со две теренски возила, опремени со санки за снег и спасувачка опрема, екипите се упатиле кон местото на настанот.
„Денеска (11.01.) во 08:30 часот, лицата биле пронајдени и успешно извлечени во добра здравствена состојба. Станува збор за лицата Г.Н. (47) и М.М. (37), двајцата од Скопје, кои се движеле со теренско возило марка „VW Amarok“ со скопски регистерски ознаки.
Тие биле пронајдени на локација позната како „Коритник“, во близина на предавателот на мрежата на А1, на атарот на село Лазарополе“, стои во објавата на МВР.
Македонија
Во Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа се одржуваат повторени избори за градоначалник
Во општините Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа денеска се одржуваат повторени избори за градоначалник, откако во првиот круг од локалните избори не беше постигната потребната излезност.
Гласањето започна во 7 часот и ќе трае до 19 часот.
Согласно Изборниот законик, за избор на градоначалник потребно е еден од кандидатите да добие мнозинство од гласовите на излезените гласачи.
Вчера гласаа болните и изнемоштените лица, како и затворениците.
Државната изборна комисија во текот на денот ќе информира за текот на гласањето и излезноста, а првичните резултати се очекуваат по доставувањето од општинските изборни комисии.

